НЕМА ШТО ДА СЕ ОДГОВАРА: Хрватска ќе ја игнорира нотата од Србија за палењето кукли на Вучиќ и Путин
Објавено во: Балкан 15 Февруари, 2024
Хрватска ќе ја игнорира протестната нота на Србија, упатена поради палењето на куклите на српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин.
Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман изјави дека протестната нота на Србија поради палењето на кукла со ликот на претседателот Александар Вучиќ на карневалот во Каштел Стари кај Сплит „треба да се игнорира“.
Тој, како што јави хрватската агенција Хина, нагласил дека карневалите и палењето на карневалските кукли се дел од обичаите и традициите во Хрватска и немаат никаква врска со државните институции.
„Таму нема што да се одговори. Тоа треба да се игнорира. Ќе видам што пишува во таа белешка“, изјави Радман Грлиќ на новинарите во Загреб на 15 февруари.
Хрватскиот министер вели дека реакцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ била „невообичаена и проблематична“. Грлиќ Радман оцени дека Вучиќ „кажал многу работи што не се во ред“.
„Добрососедските односи се постигнуваат преку дијалог и соработка. Мислам дека Србија има многу причини да се ангажира малку повеќе“, вели шефот на хрватската дипломатија.
Министерството за надворешни работи на Србија вчера испрати протестна нота до Амбасадата на Хрватска во Белград поради палење на кукла со ликот на српскиот претседател.
Беше оценето дека станува збор за „апсолутно неприфатлив чин, кој е во спротивност со заеднички изразената определба за целосна нормализација на односите и подобрување на сеопфатната соработка“.