„НЕМАМ НАМЕРА ДА АМНЕСТИРАМ ДЕВИЈАНТНИ ОДНЕСУВАЊА“: Мицкоски за Дранго – „итно ќе биде разрешен ако се докаже дека ја застрелал мечката“
Објавено во: Македонија 07 Јануари, 2025
Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше категоричен во врска со инцидентот со застреланата мечка, во кој се поврзува заменик-директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго. Тој најави дека, доколку се докажат овие наводи, ќе следи негово итно разрешување од функцијата.
-Доколку се потврдат овие тврдења, ќе барам одговорност и ќе биде под итно разрешен. Таквите девијантни однесувања доколку се потврдат, јас ниту ги оправдувам, ниту имам намера да ги амнестирам, - истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по божиќната литургија во Соборниот храм во Скопје.
Информацијата првично ја објави невладината организација „Анима Мунди“, која посочи дека Дранго, истовремено и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, се фотографирал со мечка носејќи пушка со снајперски нишан. Според нив, мечката, која е под строга заштита како дивеч, била застрелана во декември 2024 година.
Од организацијата истакнаа дека ловот, прогонувањето или вознемирувањето на мечките е строго забрането и за тоа се предвидени затворски казни. „Анима Мунди“ најави поднесување кривична пријава против Дранго и побара негово разрешување.
Сашо Дранго, пак, ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека мечката била жртва на сообраќајна несреќа на патот Битола-Ресен. Според него, тој и колегите само ја тргнале од коловозот, а фотографијата била направена во тој момент. Дранго уверува дека постои записник за настанот во полициската станица во Битола, но оттаму ја негираа оваа изјава, посочувајќи дека нема таква пријава.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство од Битола најави дека ќе отвори предмет за случајот, за да се утврди точната вистина и одговорноста во настанот.