24 Април, 2024
0.0372

Немирите во САД - златна жила за антиамериканска пропаганда

Објавено во: Колумни 06 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Протестите во САД поради смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд не се смируваат. Тие ја немаат онаа жестокост од пред неколку дена, но во воздухот се уште лебди неизвесноста каква ќе биде нивната иднина. Земјата се подели меѓу оние кои ја поддржуваат политиката на претседателот Доналд Трамп и оние кои се негови противници.

Но ова е малку. Целата работа се одвива во време на епидемија во САД од коронавирусот и неколку месеци пред изборите не 3 ноември годинава. На кои Американците ќе одлучат дали Трамп и натаму ќе ја води државата или пак неговиот противник 78 годишниот демократски кандидат Џо Бајден. Кулминација над се е што актуелната состојба во САД служи за критика од страна на нивни сојузници, а и за потсмев од нивни „противници“.

Непознатиот дотогаш, Џорџ Флојд, беше угушен од страна на полицаец, белец, пред очите на свидетели и негови колеги. Видео снимката од тој злочин ја обиколи земјата и беше повод за почеток на оргнизирање на протести против насилството на полицијата, посебно врз афроамериканците. Флојд одеднаш стана симбол на угнетената Америка. На која во совремието не и е прв пат да биде потресена од немири. Во далечната 1992 година нив ги имаше во Лос Ангелес, а во 2014 година во Фергусон во државата Мисури. И во двата случаја повод беше самоволието на полицијата.

Сцените на кои беа сведоци милиони луѓе низ целиот свет предизвикаа различни реакции. Но мнозинството ја осуди интервенцијата на полицијата. Поради бруталноста и надминувањето на „рамномерната употреба на сила“. Независно што истовремено со протестите имаше и насилство и грабежи. И токму тие беа повод Трамп да ја повика националнат гарда и дел од армијата за сузбивање на насилството, но и со закани и против оние кои не се однесуваа насилнички.

„Вашингтон пост“ деновиве пишуваше дека ветераните на ЦИА кои набљудуваа немири во странство гледаат вознемирувачки паралели во постапувањето на Трамп со протестите. „Сцените се вознемирувачки и познати за аналитичарите на ЦИА, навикнати да следат сцени на општествен револт во странство – како според масовноста, следењето на ударите и прикажувањто на сила од страна на лидерот решен да го покаже својот авторитет“, пишува „Вашингтон пост“. Според весникот во интервјуа и објави на социјалните мрежи во последните неколку дена,  сегашни и поранешни американски разузнавачи изразиле разочарување од сличноста меѓу настаните дома или знаците на паѓање или демократска регресија што биле обучени да ги детектираат во други нации.

Но не се разочарани само разузнавачите. „Личи на предавство“, велат за CNN американски дипломати загрижени дека штетата дома ќе ја поткопа нивната мисија во странство. Мајк Помпео неполн ден по полициската интервенција пред Белиот дом се сретнал со учесници на протестите на кинескиот плоштад Тјенанмен, кои успеале да ги преживеат жестоките акции на војската во Пекинг.

Поранешниот амбасадор на САД во Бугарија Ненси Мек Елдоуни вели:„ Во било кои други прилики би било значајно тоа што американскиот државен секретар се среќава со оние кои ја преживеале големата пресметка на плоштадот Тјенанмен, затоа што токму САД се залагаат за тоа. Ние тогаш ги поддржавме тие протести. Ние ги поддржавме протестите на украинскиот Мајдан, а исто така и во Техеран и Хонконг. Како можеме ние сега да го правиме тоа“. Според неа: „Изјавите на Трамп и неговата неумесна и претерана реакција ја отежнуваат работата на американските дипломати во целиот свет. Во минатото Америка ја восприемаа како поборник за човекови права, како ѕвезда водилка, која повикува на воздржаност и разумни компромиси. А сега, наместо тоа, нејзините дејствија во најдобар случај предизвикуваат големо неспокојство и тревога, а во најлош случај презир и потсмев“. Доколку Мек Елдоуни  сега би работела во некоја земја во која се случуваат такви настани, неа би и дале упатство да се сретне со претседателот, со владата, за да каже да ја прекинат жестоката примена на сила, за да се однесуваат воздржано и да повика кон политички дијалог. „Наместо тоа од нашите дипломати бараат да ги заштитат дејствијата на Трамп, иако тие, ми се чини, се неопростливи“, истакнува таа за CNN.

Џон Хеферн, кој бил амбасадор во Ерменија од 2011 до 2014 година, каде што исто имаше немири и загинаа луѓе, истакнува дека ако тогашните настани се случувале денес, неговите соговорници од ерменската влада би му се смееле во лице. Роб Бершински, кој работел во администрацијата на Барак Обама како помошник на заменикот на државниот секретар во Бирото за прашањата за демократија и човековите права изјавува:„Нема сомнение, светот гледа на она што се случува во САД, и како и нашите сојузници, така и репресивните земји во цел свет укажуваат дека државата, која наводно ја поддржува слободата на говорот, правото на мирни протести и слободни медиуми, денес се однесува сосема поинаку. Нема сомневање дека тоа им штети на нашите дипломати“.

На потезите на Трамп директно и индиректно се спротивставија и генералите. Бившиот министер за одбрана на САД Вилијам Пери изјави дека американската армија не треба да се користи против американските граѓани. Џон Ален, поранешен американски командант на војската во Авганистан смета дека последна работа што и треба на земјата се американските војници, кои по воља на претседателот би напаѓале врз американските граѓани. Поранешниот државен секретар за одбрана Џон Матис побара обединување на Америка, но без Трамп. Мораше да се јави и сегашниот државен секретар Марк Еспер кој рече дека лично не ја поддржува одлуката на Трамп за користење на војската. „Армијата треба да се користи само во краен случај, како чин на последна надеж - а таква ситуација засега нема“, изјави Еспер.

И кога вака ќе те третираат своите, тогаш нема да те галат ни туѓите. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел изрази шок и згрозеност од убиството на Џорџ Флојд во САД, оценувајќи дека тоа е резултат на злоупотреба на моќ. Борел рече дека полицајците не смеат да ги „користат своите овластувања на начин на кој тоа беше сторено во многу несреќната смрт на Џорџ Флојд. Тоа е злоупотреба на моќта и тоа мора да биде осудено“. Тој потенцираше дека Европејците „го поддржуваат правото на мирен протест, но исто така го осудуваат насилството и расизмот од секој вид, и повикуваме на де-ескалација на тензиите“.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас, како што пренесе „Дојче веле“, ги оцени протестите во САД по убиството на Флојд како „разбирливи и повеќе од легитимни“. „Можам само да изразам надеж дека мирните протести нема да продолжат да водат кон насилство, но уште повеќе изразувам надеж дека овие протести ќе имаат ефект врз САД“. Мас порача и дека на новинарите мора да им се овозможи слободно да ја вршат својата работа, критикувајќи го насилството врз нив, откако пред два дена во Минеаполис полицијата нападна екипа на Дојче веле, пукајќи врз новинарот со гумени куршуми.

А што да се каже за протинвниците на САД. Потсмев и злорадост. Главниот уредник на кинескиот партиски весник GlobalTimes, пишува: „Имам сериозни сомневања дека уништувачите од Хонконг се внедриле во американската држава. Напаѓаат на полициски станици, кршат продавници, прават штети на официјални институции – на нивните протестни акции тоа е обична работа“. Со други зборови доста барате од нас почитување на човекови права и правете што сакате со вашите демонстранти. Подбивање дојде и од претседателот на Иран, Хасан Рухани. Тој на Твитер напиша: BlackLivesMatter. Не остана подолу ни Турција. Со критики и демонизирање на САД. И во Турција имаше осуда на САД и справувањето со демонстрациите. Медиуми пренесуваат за иронични наслови во медиумите кои треба да покажат дека народот го грабат не демонстрантите, кои вршат грабежи, туку американските компании. Исто така се посветува остро внимание на жестокоста на американската полиција.

Се јавија и од Хонконг. Првиот човек на владата на Хонконг, Кери Лем, ги обвини владите на западните земји за „двојни стандарди“, имајќи ги предвид нивните реакции на плановите на Пекинг да воведе закон за национална безбесност во некогашната британска колонија. Притоа таа ги спомена непрекинатите протести во САД, чиј претседател им вети на властите на Кина „нешто моќно“, а исто така укажа и на жестокоста на американската полиција при задушувањето на народното незадоволство на сопствената територија. „Ние гледаме како американските власти „излегуваат на крај“ со немирите и го споредуваме тоа со нивната позиција, која ја зазедоа, кога лани во Хонконг имаше речиси исто такви немири“, изјави Лем. Американците лани најавија жесток одговор на дејствиата на Кина во Хонконг.

Конечно не изостанаа и руските реакции. Димитриј Песков, прес секретарот на Путин изјави дека САД сега ќе имаат работа со пречекорувањето на овластувањата на нивните полицајци. Тој со цинизам вели:„ Фала богу тоа што се случува во Америка, кај нас не се случува“.

„Американците треба сами да излезат на крај со своите внатрешни противречности. Ние не треба да се мешаме, како тие што правеа во Украина и во други држави. Тоа е нивната технологија на лошо влијание врз независни држави, па затоа нам не ни треба прифаќање на најлошите практики од други држави, во тие рамки и од САД“, вели Антон Морозов депутатот од Државната дума. Немирите во САД тој ги смета како дел од американската култура на живеење, дел од нивниот културен код. Па тврди дека:„ Без оглед на тоа што ропството е многу одамна укинато, на генетско ниво таа злоба е останата“.

Во Русија не останаа без одговор и изјавите за надворешно мешање во настаните во САД. Државниот обвинител Вилијам Бар ја спомена Русија. Претставникот на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, прокоментира дека тоа е обид на САД внатрешните проблеми да ги објасни со надворешни фактори. Според неа, протестите во Америка се предизвикани од смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис од дејствата на полицијата. Захарова нагласи дека изјавите на Вашингтон за тоа дека Русија е наводно вмешана во немирите во САД покажуваат на нивно непочитување на сопствените граѓани, чии проблеми се припишуваат на „странско мешање“, без да се даде достоен доказ. За руска вмешаност во немирите в САД проговори и бившата помошничка на Обама за национална безбедност Сјузан Рајс. Таа, повикувајќи се на нејзиното искуство тврди дека во немирите има екстремисти кои сакаат да ги потчинат протестите под себе, и да направат нешто друго, а тоа е земено од руски методи!

Русите очигледно официјално не го споменуваат Трамп. А каква ќе биде неговата судбина? Не го сакаат неговите, не го сакаат туѓите.  Може ли на САД да им се случи Мајдан? Да им се случи Украина. И Трамп да замине под притисок на јавноста.  Во Русија во некои медиуми веќе има потсмевање на оваа тема. Преку Твитер се повикуваат Американците да ја преземат тактиката на Украинците, кои во 2014 година излегоа на улиците на Киев, па да го урнат својот „проруски претседател“. Или пак на прашањето зошто сега во САД не може да има Мајдан се одговара дека треба да има уште една САД. Затоа што човек не може да си спомене во изминатите многу години, ниту една промена на режим, без активна американска помош. Можеби во право е Џулија Дејвис од TheDailyBeast која тврди дека „Немирите во САД се златна жила за антиамериканска пропаганда на Русија“. Но што си сееш тоа ќе си жнееш. Конечно тоа важи и за Американците. Не дека авторитарните држави се однесуваат подобро кон демонстрантите. Можеби и полошо. Но редот сега е на САД да бидат на тапет. Ваков удар немале одамна. И тоа од внатре.

Најверојатно САД наскоро ќе излезат од оваа криза. Но таа ќе биде само почеток на нови внатрешни препукувања. Остануваат само шест месеци за подготовка на оружјето. И Трамп и неговиот противник Џо Бајден ќе ја користат пропагандата како муниција. А надворешната пропаганда? Ако е златна жица секако ќе биде искористена. Но нема да покаже судбинско влијание.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок