19 Март, 2024
0.0245

Неподнослива леснотија на владеењето

Објавено во: Колумни 09 Април, 2021

Добивај вести на Viber

(На сите безгласни владеани)

Кога ги пишувам и објавувам овие колумни при крајот на работната недела, значи петочки, се акумулираат толку многу глупости на власта, што просто човек не може да избере на кој бисер да се осврне! Иако често избегнувам да пишувам за дневно-политички настани - не само заради тоа колумниве да имаат некоја универзална и трајна порака и вредност, туку и заради едноставниот факт дека иако сум zoon politicon, сепак не следам политика на дневна основа – сепак, деновиве не можеше да ме одминат некои поразителни настани. Не коментирајќи ги поединечно, сепак од сите нив ќе се обидам да извлечам една општа „дијагноза“ за актуелното владеење.

Искрено, многу бев погоден од смртта на сиротиот човек, Златко Божиновски, човекот од кратовско кој претходно беше влечкан со часови на студот пред да му се понуди соодветна лекарска грижа. При тоа, сите институции на кои се обратиле се прогласиле за ненадлежни! Ова секако доволно говори во што се има претворено ова општество и оваа држава. Ова ме прави тажен. Но, она што ме разгневува се реакциите на претставниците на власта во однос на овој настан. Ги читам и не ми се верува!? Како во некој надреален кошмар: читаш реакции на владини претставници и официјални институции и мислиш реакции на опозицијата се! Нека им каже некој дека се на власт, аман! Министерот за надворешни зборува за нефункционални институции, Премиерот жали, Претседателот вели да знаел ќе помогнел, ама ете не знаел, на директорот на ЦУК не му јавиле, инситуциите надлежни, всушност не биле надлежни... Како да живеам во филм на Монти Пајтон! А они си играат власт како недоветни дечишта.

Владеат со една таква лежерност која не само што е навредлива за интелектот на секој еден граѓанин, туку е и понижување на елементарното човеково достоинство. Тие за ништо не се повикани, за ништо не се одговорни. Освен се разбира за тендерите и провизиите. Ништо не ги интересира, нит политика, нит проекти, нит економија, образование, здравство, инвестиции, развој....ништо! Доволна им е само поддршката од „меѓународната“ за промена на име, презиме, идентитет, историја...и во меѓувреме бизнисот да им врви! Кај се бре наоѓате вие!? Во Елдорадо ја претворивте оваа земја!? За ништо немате одговорност, а владеете! Како така!? Власт значи одговорност! Разумен човек бега од власт оти таа пред сè значи одговорност, неразумниот се тепа да се докопа до неа! Овие се епитомизација на неразумноста!

Жена отиде рутински да се пораѓа, се врати без органи, Боже ми прости! Живееме тотален хаос, а тие владеат како со Швајцарија – лабавко! Лежерно, брате, кротко, насмеано! По 50 мртви на ден, во врвот според смртност на 100.000 жители, ќорава вакцина немаат донесено, просат да им донираат, додека они Кинезите ги поткупуваат, Србија вакцинира македонски граѓани кои цел живот плаќаат здравствено, додека они се препукуваат на релација претсетател-министер за здравство, вакцините само што не дошле, додека они симулираат масовна вакцинација...

Еден мандат потрошија, ќорава инвестиција не донесоа, тие што ги имаше ги избркаа, фабрики затворија, илјадници граѓани работни места загубија, скоро 80 и кусур проценти го кренаа јавниот долг, еден километар пат не направија, годината во рецесија ја завршивме, пред банкрот нè донесоа, една шајка не заковаа, галијата ја срушија ништо не изградија... ама важно мерцедесот што ќе се продаваше стоо, се возат четирицикли, се летаат хеликоптери да не вртеле празни, урбана мафија дивее, лични карти се издаваат на цело Балканско подземје, криминалции им бегаат по дојави, а они сликаат реновирани клозети на официјалните фан-пејџови на Фејсбук (види официјален ФБ-профил на Министерот за внатрешни!)... Ма само лежерно, браќа!

Час попис ќе правеле во ек на пандемија, па немало да прават оти опасно било и воведуваат рестриктивни мерки. Час состојбата не е лоша, па страшна е. Па добра била методологијата за попис, иако таква у свет немало, па државјанства ќе делеле, па немало да делат, ќе ја попишувале сета дијаспора на светот, иако не било така никаде во светот, ама ние така ќе сме правеле. Вакцини час ќе има, час ќе нема, исто како и болнички кревети....Ќе набавуваа медицински хеликоптери (се сеќавате), ќе влегуваа Гугл и Фејсбук, само што ќе влезевме во НАТО ќе се стрмоглавеа инвеститори, пред портите на рајот бевме. Како патолошки лажови, Боже ми прости! Не добивме пари од солидарниот фонд на ЕУ оти не сме потрошиле доволно според европската методологија, а не сме потрошиле оти од свој џеб се лечиме. Нема пари за вакцини и за борба со Ковид, ама има 210 милиони за набавка на оружје од стратешките партнери. Машините за филтрација за кои плаќаме по приватните болници 15.000 € чинат 20.000 € и до сега можеа 100 да набават. Клиничкиот центар во Штип чини нереални 35 милиони € и се гради нереални 8 години. Вчера формирани фирми лапаат тендери, општините тонат во долгови, МЕПСО (еј, МЕПСО) со долг од 6 милиони, фрчат наши пари во нивни џепови преку Фонд за иновации, нивни фирми добиваат државна помош... а они лежерно, насмеани, на четирицикли, по одмори, во хациенди, со швалерки... не можеме да ги најадеме и напиеме!

Не знаат каде тераат! Ако имаат една проекција, една политика за било која област дефинирано еве на! Тие се тука само да го сменат личнот опис на севернава со помош на „меѓународната“, да ги наполнат бисагите и да му ја здувнат. А нам? Нам што ни Господ даде, уште он ни остана! Да ми простите, но секој оној кој не се вџашува од оваа неподнослива леснотија со која владеат и со која не само што нè потценуваат, туку и нè понижуваат, е или соучесник или глуп.

Трајче Стојанов

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?