НЕПОТИЗАМ, КРОНИЗАМ, КЛИЕНТЕЛИЗАМ, ПАРТИСКА ПОВРЗАНОСТ - во јавниот сектор и лани се вработувале малку „поеднаквите“ од другите
Објавено во: Македонија 21 Април, 2021
Партиски, роднински и пријателски. Сите овие влијанија постоеле при вработувањата во јаввниот сектор во земјава, односно и во државните институции, и во јавните здравствени установи, и во акционерските друштва во државна сопственост.
„И во 2020 година се потврдија наодите за бројни слабости во законите и нивна злоупотреба, особено при вработувања во јавниот сектор по принцип на влијанија -партиски, роднински, пријателски“, се вели во Извештајот на Антикорупциската комисија за минатата година.
Еве какви слабости пронашле пори вработувањата од Државната комисија за спречување на корупцијата.
ВО ЈЗУ НАЈДОБРО ОЦЕНЕТИТЕ КАНДИДАТИ ЧЕСТО НЕ СЕ ВРАБОТУВААТ
Во јавните здравствени установи интервјуата што се прават со кандидатите и кои се законски предвидени, често се користат за да не се вработат најдобро оценетите кандидати, туку се користат ефектите од интеррвјуата.
Или, како што објаснуваат од ДКСК, вработувањата во јавните здравствените установи се реализираат согласно Законот за здравствена заштита, каде јасно е уреден начинот на бодување во зависност од степенот на образованието. Во законот е дефинирано дека селекцијата на кандидатот со средно и вишо образование се врши врз основа на просек на успехот што кандидатот го постигнал во средното училиште, односно на високообразовната установа - 50 бода и исто толку бодови на стручниот дел, односно тестот.
Исто така, во законот е наведено дека „работоводниот орган на здравствената установа, врз основа на ранглиста предложена од Комисијата за селекција со најмалку тројца кандидати, доколку има повеќе од тројца кандидати кои ги исполнуваат условите, спроведува интервју, и донесува одлука за избор на кандидат“.
Од постапувањето по овие предмети, ДКСК утврдиле дека доделеното право на работоводниот орган да донесува одлука за избор по спроведеното интервју се користи за вработување на кандидати кои често имаат освоено помалку поени, а најдобро оценетите кандидати не се вработуваат.
„При тоа, ниту законот, ниту други подзаконски акти го имаат уредено начинот на водење на интервјуто преку структурирани прашања и неговата евалуација. На овој начин, со користење на дискреционото право, ефектите од интервјуто имаат најголема вредност и се пресуден фактор при изборот на кандидати наместо успехот и освоените бодови“, велат од ДКСК.
ВО ДРЖАВНИТЕ АД ЗА ВРАБОТУВАЊАТА ОДЛУЧУВААТ ДИРЕКТОРИТЕ, А НЕ СЕ БУНАТ ОД УПРАВНИТЕ И НАДЗОРНИТЕ ОДБОРИ
Во акционерските друштва пак, антикорупционерите велат дека вработувањата се спроведуваат согласно Законот за работни односи,каде не се уредени никакви правила и норми за бодирање врз основа на образование, работно искуство, други квалификации и слично.
Најчесто директорите се тие што одлучуваат за вработувањата, а против нивните одлуки не се „побунуваат“ многу ниту членовите на управните или надзорните одбори, иако тие се всушност органи кои треба да вршат контрола врз директоприте.
„Одлучувањето е исклучиво право на одговорното лице во друштвото. Честа пракса, која ДКСК редовно ја потврдува во постапувањето по овие предмети, е менување на систематизациите, каде се креираат нови работни места, се менуваат квалификациите за вид на образование, потребно работно искуство и слично, со цел тие да се прилагодат кон квалификациите на однапред познати лица што треба да бидат вработени. Интересен е моментот што во ниту еден од овие предмети ДКСК не наиде на искажан отпор или различен став за вработувањата од страна на членовите на управните и надзорните одбори како органи на контрола над работењето на одговорните лица. Ова укажува на фактот за поврзаност и постоење взаемен интерес“, велат од антикорупциската комисија.
Овие вработувања, потенцираат од ДКСК, во јавноста се препознаени како вработувања со непотизам, кронизам, клиентелизам, партиска поврзаност, што од своја страна создава огромно незадоволство кај граѓаните, чувство на нееднаквост и загрозеност на загарантираното уставно право за еднакви услови и достапност на секое работно место.
ДИРЕКТОРИТЕ ГИ БИРААТ ВЛАДИНИТЕ КОАЛИЦИОНИ ПАРТНЕРИ, А НЕ ПО ЗАСЛУГА
Изборите и разрешувањето на директорите на јавните претпријатија и акционерски друштва, пак, вообичаено се врши по „укажување“ или „препорака“ на основачот, односно од Владата и општините.
„Иако одредбите на Законот за трговски друштва и на Законот за јавните претпријатија налагаат исполнување на одредени услови за нивно разрешување и постапки за избор, воспоставената пракса укажува дека ретко се земаат предвид законските услови за разрешување, а на ‘објавениот оглас за избор на директор’ секогаш се јавува само еден кандидат, вообичаено лицето кое однапред е планирано за таа функција“, навеле антикорупционерите.
Иако со претходно наведените закони се утврдени потребните квалификации, како што се степен на образование, работно искуство, познавање на странски јазици и слично, актите за систематизација на работните места најчесто не содржат позиција директор, или заменик директор кај јавните претпријатија формирани од Владата, а во случаите кога ги имаат опишано, не е предвиден видот на образованието што директорот треба да го поседува.
„Вака воспоставената пракса за избор на директори, но и непостоењето на правила за креирање на работни места и компетенции во јавните претпријатија и акционерските друштва, е проверен начин за вработување на лица поврзани со политичките партии, без разлика на нивната стручност и компетентност, и е препознаен како поделба во управувањето со државните институции меѓу политичките партии од власта. Притоа, никогаш не е земано предвид дали постои потреба од промена на одговорните лица, а уште помалку дали тоа е поради резултатите од работењето, исто како што никогаш не е побарана одговорност за покажаните негативните финансиски резултати“, навеле антикорупционерите во извештајот.
СЕ ВРАБОТУВААТ БЛИСКИ ЛИЦА, НО ТОА Е ТЕШКО ЗА ДОКАЖУВАЊЕ
Наведеното законско решение како „декларативна норма“ е јасно и концизно, но во пракса е тешко применливо од причина што „влијанието“ не може да се докаже, а е многу евидентно. Од ДКСК велат дека тоа е препознаено и обелоденето во донесените одлуки како „злоупотреба на дискреционите права“ од страна на службените лица.
„Многу е јасно дека блиските лица на избраните или именуваните лица не смеат да бидат ‘жртва’ на функцијата на своите роднини и да им биде скратено правото на вработување во правно лице што располага со државен капитал, но исто така евидентни се многу случаи на злоупотреба на функција токму заради вработувања на блиски лица, како што се одговорни лица, членови на надзорни и управни одбори кои вработуваат блиски лица токму во органот каде се избрани, користејќи ги законските норми: формално не учествува во комисија за избор при вработување, но влијанието е огромно и тешко за докажување. Сметаме дека постои потреба од појасно дефинирање на овие состојби“, навеле антикорупционерите во својот извештајк за работењетио за минатата година.
Нина Нинеска-Фиданоскафото Freepik
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.