19 Април, 2024
0.2667

(Не)суверена нација

Објавено во: Колумни 26 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Сувереноста на една нација претставува неприкосновено нејзино право како ќе го организира сопствениот живот и како ќе живее. Поимот „суверенитет“ има долга традиција во политичката наука, но денешниот поим на суверенитет кој произлегува од народот и припаѓа на народот, главно се врзува за имињата на Џон Лок (1632-1704), Шарл Монтескје (1689-1755) и Жан Жак Русо (1712-1778). Тие се претставници на просветителските и либерални тенденции кои ги инспирираат граѓанските револуции ширум Европа.

Во основа, овие нивни идеи, го „земаат“ суверенитетот од „монархот“ и го префрлаат на народот. Со тоа, суверенитетот станува плурален, растворен во секоја индувудуа – припадник на таа нација, која низ еден „општествен договор“ ù предава право на власта да управува. Така, власта стекнува право на слободно и непречено извршување на своите внатрешни и надворешни работи. Значи, да се биде суверен, значи да се биде слободен во кроењето и креирањето на политиките; тоа значи слобода, т.е. независност од било какви надворешни влијанија на државната врховна власт.

Без да навлегувам во правни интерпретации на случаи каде е можно оправдано отстапување на дел од суверенитетот, ќе се обидам најобопштено да ја илустрирам несуверената, вазалската состојба во која нè доведе оваа власт. Состојба во која сме лишено од клучниот прерогатив на една држава. Имено, ако суверенитетот, во суштина претставува слобода во носењето одлуки и независност од надворешни влијанија, оваа држава дефинитивно одамна се има откажано од својата сувереност. Ние сме протекторат, само никој нема храброст официјално да ни го каже тоа. Но, јасно е како ден - ниту дома, ниту надвор оваа држава не носи слободно и суверено одлуки, ergo оваа веќе не е држава, оти сувереноста е нејзината суштина.

На домашен план, власта не ги спроведува законите и не го практикува своето природно втемелено право на употреба на сила во извршување на законите. Не е тајна дека голем дел од територијата на републиката не е под контрола на официјалните институции и дека редот и поредокот таму се извршува од интересни групи. Многу малку фали во тие делови да се организираат пара-институции, вклучително и парамилитантни групи кои ќе го гарантираат редот и поредокот. Впрочем, во тие делови од државата важи и друг ред и поредок. А вакви пара-институции, веќе и има, само се правиме наудрени. За пописот, имате неофицијални лица за контакт во дијаспората, кои не се назначени од Државниот завод за статистика, а кои ги организираат луѓето да се попишуваат. Државните органи не ги санкционираат, иако нивните контакти кружат по социјалните мрежи – листа на луѓе кои „попишуваат“!

Исто така, скоро го дознавме, она што одамна го знаевме, дека некои од општините воопшто не плаќаат данок, а државата не само што тоа не го санкционира, туку и ги „наградува“ со парична помош во справување со корона-кризата. Иако, во вакви случаи на непочитување на законите од страна на локалните единици, држава со закон има право да ги земе и суспендира ингеренциите и општината да биде раководена од централната власт, сепак гледаме тоа не се случува. Значи државата не ја извршува својата суверена улога! Имате цел еден дел кој е под партиска, а не државна контрола. Понатаму, истите овие кои го контролираат теренот дома, надвор не ги застапуваат интересите на сопствената држава и не го остваруваат нејзиниот национален интерес. Дочекавме министри од Македонија да лобираат за признавање на други држави кај трети, а и да повикуваат други држави да се вклучуваат во домашните процеси! Нашите институции немо набљудуваат. Наши граѓани своеволно, самоорганизирано се пријавуваат и вакцинираат во друга држава, а згора на тоа Министерството за здравство лиферува соопштение дека нема проблем со тоа! Па држава ли е ова или циркус!?

Понатаму, на надворешен план, уште помалку ја извршуваме нашата суверена волја. Имено, секоја држава има апсолутно суверено право да ја креира сопствената историја и сопствените митови. Никој друг, особено ниту една сила од надвор нема никакво право да ги креира туѓите национални митови. Секоја држава си ја крои сопствената историска и политичка митологија, па макар да била и лажна. Нај-лажната да е на светот, секој има право на тоа! Само луд може да разговара за тоа што е негово суверено право. Но, веројатно ние одамна сме луди. Уште од времето на Преспанскиот кога под притисок, несуверено се согласивме да разговараме, преговараме и да договориме некој друг да ни одлучи како ќе се именуваме! Најдобриот да беше тој договор за нас – а не е – самиот факт што е донесен од надвор, под нечија туѓа волја, го прави наметнат и надвор од нашата слободна и суверена волја. Значи и во однос на надвор ние сме само слепи послушници на туѓи цели и интереси.

Конечно, гледаме како ниту дома, ниту надвор оваа држава не одлучува за сопствените политики веќе одамна. Одамна сме вазали. А „продавањето“ на слободата, драги мои, на сопствената сувереност, никогаш не може да заврши добро. Тој или тие што се откажале од највредното – слободата - се откажале од сè, независно што добиле за возврат. Поединецот, но и нацијата, што ја продале својата слобода, дури и да поживеат среќно, можат само да бидат среќни свињи. Зарем свињите не се среќни!? Се препелкаат во калта, кркаат крма и го чекаат ножот!

Трајче Стојанов


Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок