19 Март, 2024
0.0312

Ни недостига демократија или....?

Објавено во: Колумни 14 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Има периоди во историјата кога многу се говори за демократија или почитување на ставот на мнозинството. И обично тоа се периоди кога во пракса најмалку ја има, бидејќи потребата да се зборува за нешто вообичаено е поттикната од некаков проблем со тоа нешто. Говориме за нашето здравје обично кога не се чувствуваме добро, споменуваме пари кога истите не ги заработуваме колку што сметаме дека треба, говориме за потребата од добри патишта додека возиме по кривулав пат полн со дупки...

Демократијата како општествено уредување ги бележи своите почетоците уште во  шестиот век пред Христа, во Атина. „Владеењето на народот“ претпоставувало дека сите постари од 20 години имаат право да учествуваат во носењето на одлуки за државата односно општеството. Во Атина, ова право го немале жените, робовите и странците кои живееле во државата, а тоа значело дека не повеќе од 20 отсто од населението имало политичко влијание. Немале право на глас и оние кои не си ги плаќале давачките кон државата! И тогаш демократијата имала свои критичари! Платон, Сократ, Аристотел... сметале дека обичните луѓе најчесто не се оние вистинските кои може да владеат правилно и честопати може да донесат многу погрешни одлуки. Всушност, демократијата е таа која го осуди на смрт со испивање отров и Сократ, еден од најголемите умови на тоа време, затоа што мислеше различно од мнозинството! Хитлер дојде на власт на демократски избори во 1932, а француската револуција од 1789-та „демократски“ прати на гилотина над 20.000 луѓе!

Во современиот свет, најдолг и одржлив пример за демократска држава се Соединетите Американски Држави (САД). Генијалните основачи на чело со Џорџ Вашингтон на 4 јули 1776 ги основаа САД, а на 17 септември 1787 го донесоа Уставот на САД со кој го дефинираа демократскиот карактер на државата до ден денешен.  Дали граѓаните секогаш избирале правилно? Секако не! Но, нивниот таканаречени "чек-енд-баланс" политички поставен систем, можел да го ограничи влијанието на луѓето кои биле демократски избрани и кои не носеле секогаш  баш разумни одлуки согласно останатите политички чинители. Владеењето на Трамп е последен пример кој го стави на сериозен стрес-тест тој принцип на баланс во американската политика и општество и прашање е дали системот ќе го поминеше тестот ако Трамп повторно победеше...

Демократијата носи права, но и обврски

Повикувањето на демократијата и правата што декларирано одат со неа, не ретко се злоупотребувани! Нивото на правата во секој случај мора да оди правопропорцонално со нивото на обврски кои индивидуата ги зема на себе! Повеќе права и слобода, повеќе одговорност за правата и слободите на тие околу нас! Демократијата не е само симплифицирано владеење на мнозинството. Не, таа подразбира превземање одговорност и почитување на малцинските мислења, обид да се разберат помалите политички сили, заедници и групи.. обид да се најде начин да се прифатат нивните ставови доколку не го загрозуваат мнозинството и неговите слободи! Најдобар пример за демократски општества се Скандинавските земји, кои иако имаат изразени индивидуални слободи, умеат истите да ги стават во  една рамка во која добросостојбата на општеството е пред се! Генерално, западниот свет предводен од САД и ЕУ се оние кои се залагаат за демократски вредности и индивидуалните слободи пред колективитетот!

За жал, иако блиску до изворот на демократијата (Атина), Балканот нема историја на демократија, онаква каква Западот подразбира. Вклучително и Грција како колевка на демократијата, источниот менталитет на колективизам се уште е доминантен општествен код. Мешавината на западната демократија што промовира индивидуални права и источниот колективизам според кој индивидуите треба да се подредени на општествените потреби... има разни нијанси од земја до земја на нашево Балканско милје... На Балканот, демократијата подрзабира дека секој може да каже и прави што сака, без обврски и одговорност за тие што тоа го прават! А дали тоа треба да е така?

Кога демократијата дава добра власт? Што значи демократијата во вистинска смисла?

При посета на Државниот Институт за Меѓународни Односи во Москва во 2013,  кинески лидер изјавил даека "Само оној што ги носи, знае дали чевлите го стегаат или не"! Тоа на интересен начин ја опишува различноста во приодите кон демократијата, земејќи ги в предвид историските, културолошките и традиционалните вредности на секоја земја. Дали Русија, Кина и Турција можат да го применат успешно западниот модел на демократии, без притоа да влезат во ризик од анархија и граѓански војни? Дали демократијата како политички систем е секогаш можна и најдобар избор за едно општество? Одговорот е недвосмислено афирмативен, но патот до целта не е ниту брз ниту едноставен, а најмалку еднозначен и предефиниран! Што поголема држава, тоа е поголем предизвик! Што поподелена држава (расно, политички, национално, класно и економски) - демократијата лесно може да се претвори во анархија!

Ако се навратиме на анализа на моделот на Скандинавските земји како еден позитивен пример на демократско општество, без многу длабоки анализи можеме да воочиме зошто таму демократијата е витална! Имено, овие земји немаат изразени економски контрасти (многу богати наспроти гладни) и имаат јака средна класа! Средната класа ја сочинуваат семејства кои заработуваат доволно да имаат свој дом, автомобил, да одат на пристоен одмор, може да си дозволат солидно образование за своите деца и имаат нормален социјален живот.  Таквата средна класа сака да си го каже своето мислење и став, но е подготвена да се откаже од дел од своите убедувања во корист на државата, од која пак очекува да обезбеди владеење на правото, безбедност, здравствена и социјална рамноправност! Државите во кои над 50 отсто од семејствата се во вака опишаната средна класа,  а политичкиот систем им дава сигурност и обезбедува владеење на правото и чувство на безбедност- тие се оние држави во кои демократијата има здрава подлога да се развива. Сите други се хибридни демократии кои леветираат помеѓу автократизмот на владеачката партија и анархизмот и корупцијата со кои не можат да се справат.

Може ли да живее демократијата во Макединија?

Македонија во 90тите години влезе во својата независност со јака средна класа. Југославија беше различна од сите останати социјалистички земји токму по тоа- силна средна класа составена од доктори, инженери, бравари, занаетчии, наставници, работници... без големи социјални разлики меѓунив. Иако, несомнено Тито беше авторитет со моќ на монарх, за 95 отсто од граѓаните земјата во која живееја беше демократска. Тоа секако не е должеше на политичката реалност, но јаката средна класа која уживаше во безбедноста, здравствениот и образовен систем и придобивките од индустријализацијата, веруваше дека вреди да се откаже од дел од своите права на сметка на светлата иднина. Затоа што живееше многу подобро од нивните родители! Тито како креатор на повоена Југославија,  беше длабоко свесен за опасноста од националните поделби како најголем катализатор за премин од привидната демократија кон анархија и крвопролевање, па не случајно слоганот "Братсво и Единство" беше секаде споменуван и ставан во имиња на автопати, училишта и фабрики. Националните поделби кои сепак се случија по неговата смрт, доведоа до поделба на заедничкиот пазар, крвопролевања и распад на економските системи кои ја десеткуваа средната класа, создавајќи армија невработени кои живееа во економска неизвесност. Таквата маса на луѓе беше подложна на манипулации и следење квази водачи кон подобро утре.. и така се влегува во надолната спирала на хибридна демократија, каде официјлно владее мнозинството носејќи погрешни одлуки базирани на популизам...

Демократијата претпоставува процес на избор на владечка структура (Влада) која е одраз на просекот на гласачите. Што повисок просек на граѓани (образовен, економски, социјален, културолошки) една држава има, подобри се шансите да избере подобро раководство!  Демократијата речиси никогаш не ги избира најдобрите да водат бидејќи мнозинството гласачи не се идентификува со нив! Повисок профил на тие што избираат, повисок квалитет на избраните решенија. И обратно! Во демократијата, гласот на еден високо освестен политичко-економски граѓанин кој редовно ги плаќа даноците кон својата земја, има иста вредност со граѓанинот кој својот глас го сфаќа како можност да заработи екстра 1.000 денари на денот на изборите, да земе пакет зејтин или добие државно вработување кое не го заслужува, настојувајќи да ги избегне сите давачки кои една организирана држава ги наплаќа од своите граѓани.

А какви гласачи има демократска Македонија? Дали мнозинството сме во првата или втората група граѓани? Имаме 25 отсто граѓани кои гласаат за оној што ќе им понуди повисоки приходи (плати и пензии), без да побараат објаснување од каде тие екстра пари.  Уште 25 проценти од граѓаните се спремни да гласаат за оној кој ќе им вети на нивните семејства дека ќе ги задржи или запосли во државна администрација, без да се запрашаат од каде пари за толку државни службеници. И згора на се, имаме 30 проценти сива економија во која се вклучени уште 25 отсто граѓани кои избегнуваат да ги плаќаат своите обврски кон државата, а устите им се полни со демократски и општествени права и за кои велат дека им следат, но други очекуваат да ги финансираат за нив. Во една ваква општествена конјуктура, добиваме власт каква што заслужуваме и која не отсликува нас како општество...

Длабоко верувам дека Македонија може да опстане како демократска и само како таква држава! По големина и моќ ние не сме ниту Русија ниту Турција, тие чевли се преголеми за нас! За да добиеме власт на висина на очекувањата на идните генерации (многу повисоки од нашите сегашни приземно-популистички), мораме да им даваме доверба на квалитетни луѓе, не на партиски послушници! Луѓе со интегритет, знаење и пред се домашно воспитување. Мораме да бираме власт која ќе ја јакне средната класа, подобрувајќи го стандардот на живеење, власт која ќе умее на овие помалку од 2 мил. жители да им овозможи владеење на правото, ќе им даде физичка и социјална безбедност и ќе го врати духот на просперитетот и заедништвото по сите основи! Толку малку ни треба за сето тоа, а тоа малку толку ни недостасува! Убеден сум дека тој процес е почнат и можеме да избереме власт подобра од нас самите! Заради нас и тие по нас! Тоа е најголем чин на патриотизам за Македонија!

Филип Ивановски

Универзитетски професор


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?