19 Јануари, 2022
0.0253

Ние сме најдобар партнер за компании кои имаат визија за раст, а немаат средства за тоа

Објавено во: Колумни 28 Декември, 2021

Кога зборуваме за приватни инвестициски фондови обично се мисли на Venture Capital (VC) и Private Equity (PE) фондовите (Hedge фондовите се тема за друг разговор). Станува збор за фондови кои се подготвени да преземат ризик и да финансираат одреден бизнис, врз база на нивната проценка на потенцијалот за развој/раст на тој бизнис. Инвестицијата се прави преку вложување на средства во сопственички капитал на бизнисот/претпријатието, при што фондот се стекнува со сопственички удел во истото (во случај на VC, типично се стекнува помеѓу 25 отсто% и 50 отсто сопственост во бизнисот, додека во случај на PE, учеството во сопственоста може да надмине 50 проценти). Во приватните инвестициски фондови како инвеститори се јавуваат само ограничен број на добро информирани, квалификувани ентитети (обично комбинација од институционални и приватни инвеститори), кои се свесни за ризикот во кој влегува фондот при инвестициите реализирани во сопственички удел во различни бизниси и индустрии. Со фондот управува фонд менаџмент друштвото кое се нарекува фонд менаџер. Крајната цел на фондот е да се оствари задоволителен поврат на инвестицијата на инвеститорите во фондот. Бидејќи ризикот кој го превземаат приватните инвестициски фондовите е голем (постојат шанси некој бизнис, во кој е реализиранаинвестиција, да пропадне), и очекуваниот поврат на инвестициите е значително поголем во однос на очекуваниот поврат на инвестициите кои ги прават банките или отворените фондови, и типично изнесува над 20 отсто за PE фондови, и над 30 отсто за VC[1] фондови. Откако ќе ја реализираат инвестицијата, VC и PE фондовите остануваат во фирмата во која инвестирале одредено време (3-7 години), а потоа го продаваат својот удел во пораснатата фирма (излез), на тој начин оплодувајќи го инвестираниот капитал. Излезот може да се реализира преку продажба на уделот во фирмата: (1) на трета страна (друга фирма или друг инвестициски фонд), (2) преку продажба на уделот на самата фирма (и/или останатите партнери во фирмата), или (3) преку јавна понуда на акции на берза (IPO). 

СПМГ Цапитал е друштво за управување со приватни инвестициски фондови (фонд менаџер), регистрирано во С. Македонија уште во 2006 година. Сеуште е единственото друштво од тој тип кое активно управува со PE фонд во Македонија.Тимот на СПМГ Цапитал се составен од професионалци со долгогодишно искуство во доменот на финансиски инвестиции, а кои всушност се и дел од тимот кој управуваше со фондовите на SEAF во Македонија. Тимот на СПМГ Цапитал заеднички има повеќе од 30 години активно искуство во правењето на инвестиции во Македонија. Такво инвестициско искуство во Македонија нема ниту еден друг тим.   

Почетоците на PE инвестициите во Македонија се тесно поврзани со активностите на американската компанија за управување со фондови SEAF (www.seaf.com) и двата фонда во Македонија со кои СЕАФ управуваше: SEAF Macedonia и SEAF Macedonia II. Првиот фонд на SEAF во Македонија датира од 1998 година, при што беа реализирани 14 инвестиции во различни индустрии (ИТ, телекомуникации, производство на храна, издаваштво, големопродажба и малопродажба на стоки за широка потрошувачка, печатење, итн.). Инвеститори во тој фонд беа институции како ЕБРД, ИФЦ, УСАИД и ДЕГ. Како последица на добрите резултати на првиот фонд, во 2014 година беше основан и вториот фонд на SEAF во Македонија, во кој инвеститори се SEAF и членови на македонската дијаспора од УСА и Канада. Овој фонд, кој беше далеку помал од претходниот, реализираше 5 инвестиции во индустрии како што се производство на храна, рециклирање на отпадна пластика, ИТ услуги и малопродажба на consumer electronics.

Со цел да се одржи континуитетот на инвестициите од овој тип во Македонија, во 2006 година беше основано и македонското друштво за управување со приватни инвестициски фондови СПМГ Цапитал, кое се јавува како фонд менаџер на два приватни инвестициски фонда, Small Investment Fund (SIF) и Micro Investment Fund (MIF). Овие два фонда се регистрирани во Македонија и се единствените два PE фонда регистрирани во државава. Двата фонда се финансирани со средства од УСАИД. SIF реализираше 3 инвестиции и повеќе не е активен, додека MIF досега има инвестирано во 10 компании и сеуште активно прави инвестиции.

Ако се собере бројот на инвестиции кои ги реализирале SEAF и СПМГ Цапитал во Македонија, таа бројка е над 30 инвестиции, што е солидна бројка за мал пазар како што е Македонија. Тоа што е исто така важно, е да се потенцира и големиот број на реализирани излези од овие инвестиции, бидејќи за приватните инвестициски фондови, колку што е важно да се направи добра инвестиција (добар влез во компанија), толку е важно да се направи и добар излез од инвестициите (да се продаде уделот на фондот во компаниите каде инвестирал), бидејќи целта на фондовите не е трајно да останат ко-сопственици во компаниите каде се инвестирало. Доколку се исклучат компаниите кои доживеа неуспех на пазарот и згаснаа, и неколкуте сеуште активни инвестиции, бројот на реализирани излези е над 20. Во најголемиот број случаи излезите од инвестициите се реализираат преку продажба на уделот на фондот на самата компанија и/или другите партнери во компанијата (во зависност од договорите со партнерите во компаниите каде се инвестирало), а дел се реализирани и преку продажба на трета страна (пр. друга компанија).  Единствено досега не сме успеале да реализираме излез преку IPO на берза, но тоа е од објективни причини кои го карактеризираат македонскиот финансиски пазар. Успешноста на некоја инвестиција се мери преку остварениот поврат IRR на инвестицијата и колку-кратно се оплодиле инвестираните средства. Во портфолиата на погоре-споменатите фондови се реализирани инвестиции во кои се остварени поврати (IRR) од по 70%, 80%, па дури и 90%, а инвестираните средства се оплодени по 6,7,8 или 9 пати. Нормално, најдобри резултати се постигнаа со оние инвестиции во компании кои добро ги искористија инвестираните средства и преку добро управување со бизнисот се постигна раст на приходите од 150-200% на годишно ниво (некои и повеќе), пропратено со соодветно зголемување на профитабилноста на бизнисот.  

Моментално единствениот фонд со кој управуваме, и кој активно инвестира во ММСП во Македонија, MIF, по својата природа е нетипичен PE фонд. Имено, MIF инвестира средства во максимален износ од ЕУР 85.000 по проект (што повеќе личи на инвестиција од VC фонд кој инвестира во некоја ceed фаза), при што превзема малцински удел во сопственоста на компанијата во која инвестира. Самите инвестиции имаат т.н. мезанин структури, што значи дека се комбинација од инвестирање во сопственички капитал (докапитализација преку equity вложување) и заем, за кој не се бара "тврд" колатерал (заем со придружен ризик). Компаниите кои се предмет од интерес за инвестиција од фондот, обично ги имаат следниве карактеристики: 

·  реален потенцијал за раст и развој;

·  потенцијал/атрактивност во индустријата во која компанијата е активна;

·  конкурентската предност и профитабилност на производот;

·  добро организиран и искусен менаџерски тим/сопственици со интегритет, отворени за партнерство, за прифаќање на нови идеи, со желба за учење на нови менаџерски вештини и напредок;

·  успешна историјаод најмалку 2-3 години, како и потенцијал за креирање на одржлив развој и нови работни места;

  • имаат приходи од продажба идеално не помали од ЕУР 100.000 на годишно ниво;
  • имаат мнозинска сопственост на Македонски државјани;
  • делуваат во индустрии кои немаат штетно влијание врз животната средина и општеството, идеално во одржливи сектори.

Што се однесува до индустрии и сектори во кои инвестира, MIF e т.н. industry&sector agnostic, што значи дека не преферира одредени индустрии и сектори, туку е отворен за сите компании од сите индустрии и сектори кои ги исполнуваат критериумите за инвестирање наведени погоре. Исклучок се индустриите за производство и трговија со оружје, игри на среќа, тутун и алкохол, во кои не се инвестира. Самиот инвестициски процес може да потрае од 3-6 месеци, во зависност од тоа колку брзо компанијата ќе ги обезбеди информациите потребни за анализа и за структуирање на инвестицијата. Не постои стандардна понуда (тип на инвестиција), туку секоја инвестиција се структуира посебно на начин кој сметаме дека најмногу соодветствува на потребите на компанијата.Откако ќе се обезбедат сите податоци за потребни анализи, MIF ја структуира инвестицијата и ги започнува преговорите за инвестирање во компанијата. По успешно комплетираните преговори, се потпишува условен договор за вложување на MIF во компанијата. Следува процесот на due diligence во кој се проверуваат сите аспекти од работењето на фирмата (вклучувајќи и проверка на финансиското и правното работење). Од особена важност е квалитетот на тимот кој управува со компанија, како и неговиот интегритет и чесност, бидејќи тоа се луѓето кои ја водат и развиваат компанијата. Најчесто тие луѓе се и партнерите на MIF во компаниите, така што во фазата на due diligence особено големо внимание се посветува на анализата на начинот на кој функционира тимот и на квалитетот на луѓето кои се на клучни позиции во компанијата.

Откако тимот на СПМГ Цапитал ќе биде задоволен од наодите во процесот на due diligence, подготвува предлог за инвестиција до надзорниот одбор на MIF. По одобрувањето на предлогот од страна на надзорниот одбор на MIF, се пoтпишува конечен договор за вложување на MIF во компанијата, нов Договор за ДОО, и истиот се спроведува во Централниот регистер, а средствата од инвестицијата се префрлаат на банкарска сметка на компанијата. Така, MIF и официјално станува партнер, односно содружник во компанијата.  

MIF обично останува 3-5 години во компанијата во која е направена инвестицијата. Во најголемиот број случаи, компаниите благодарение на инвестицијата од MIF, по неколку успешни години се доволно пораснати и способни да го откупат уделот на MIF во компанијата, па така и се реализираат најголем број на излези на MIF. Но, постојат случаи, каде во договор со партнерите во компанијата, уделот на MIF (или целата компанија) се продава на трета страна (друга компанија), па излезот на MIF се реализира на тој начин.

Потребно е да се нагласи, дека MIF, претставуван преку СПМГ Цапитал, по инвестирањето во одредена компанија станува активен финансиски партнер во компанијата. Тоа значи дека тимот на СПМГ Цапитал му помага на менаџерскиот тим на компанијата со совети поврзани со управувањето на компанијата. Тие совети и помош се обично во доменот на стратегијата, организацијата и финансиското управување на компанијата (анализи и управување со парични текови, анализи поврзани со профитабилност на производите и услугите, управување со залихи, управување со побарувања и обврски, проценка на потреби/исплатливост на нови инвестиции, ...). Тука спаѓа и помош во преговори со други финансиски институции (банки, факторинг куќи) за обезбедување на дополнително финансирање на бизнисот, па дури и помош при преговори/договори со купци и добавувачи. Воедно, СПМГ Цапитал има пристап и до експерти од различни индустрии кои можат да помогнат со совети кои се специфични за дадена индустрија.

Како дополнителен бенeфит за компанијата во која MIF ќе инвестира, е техничката помош во висина од 8% од износoт на инвестицијата од MIF, која компанијата ја добива, а која се изведува во соработка со CEED Macedonia. Природата на техничката помош се дефинира заедно со партнерите во компанијата, согласно потребите на компанијата.

Се разбира, присуството на MIF во компанијата подразбира и одредени обврски за компанијата. Некои од тие обврски се: редовно испраќање на финансиски извештаи за работењето на компанијата во текот на годината, годишна ревизија на финансиските извештаи, подготовка на бизнис план за работа во следниот период, итн. Потребно е менаџментот на компанијата да биде комплетно транспарентна кон MIF во поглед на своето целокупно работење, и најважните стратешки одлуки да ги носи во соработка со MIF.

Како што беше погоре кажано, MIF досега има реализирано 10 инвестиции, во македонски ММСП во различни индустрии: производство на храна (здрава, органска), рециклирање на отпадна пластика и стакло, ИТ услуги и образование, итн.

Повеќе информации и можност за аплицирање за инвестиција од МИФ на www.spmg.com.mk .

Дејан Калиников управител на СПМГ, друштво кое управува со единствениот приватен фонд во Македонија  - МИФ



Можеби ќе ве интересира

Проценката на вредност на еден бизнис е точна колку што се точни претпоставките на кои се темели истата?

Проценката на вредност на еден бизнис е точна колку што се точни претпоставките на кои се темели истата?

Чекајќи ги Бајден и Путин

Чекајќи ги Бајден и Путин

Глобалниот деловен гигант - групацијата ТРАФИГУРА, мега инвеститор и во Македонија???

Глобалниот деловен гигант - групацијата ТРАФИГУРА, мега инвеститор и во Македонија???

Казахстан – нова главоболка за САД и ЕУ

Казахстан – нова главоболка за САД и ЕУ