08 Мај, 2024
0.0250

Ниту САД се Јупитер, ниту Белорусија е бик

Објавено во: Колумни 31 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Принудното слетување на авионот на компанијата Рајанер во Минск, а кој леташе од Атина за Виљнус предизвика вистински ужас и шок во Европа. Таму беа зачудени од леснотијата со која Белорусија, повикувајќи се на наводен допис за минирање на авионот, го приземји, следен од МИГ-29. А потоа го уапси  опозиционерот  и основач на телеграм-каналот Nexta, Роман Протасевич и неговата партнерка, Софија Сапега. На обајцата им е одреден притвор од два месеци. Протасевич е баран за неколку кривични дела, за кои може да биде осуден до 15 години затвор.

Веднаш реагираа од ЕУ. ЕУ подготви санкции, некои земји ги укинаа летовте кон Минск, други забранија летови на белоруската авионска компанија, сите сакаат да го заобиколат белорускиот воздушен простор, а веќе се подготвуваат и сериозни економски санкции. Британците одат подалеку  па повикуваат воведување санкции и кон Русија. Демек, Белорусија не можела да преземе чекор кон принудно слетување на авионот без помош од Русија! Очигледно Русија им е кошмар на Европјаните чим ја поврзуваат со се’ и сешто што се случува кај нив. Санкции кон Белорусија воведоа и САД.

Развојот на настаните во светот и вкупната ситуација во него зборува дека работите се во хаос. Најмалку од пандемијата од коронавирусот. Имаме пандемија од недоверба која го потхранува хаосот. Принудното слетување на авионот во Минск  и жестоките реакции на Западот се само потврда за тоа. Викендов во Сочи имаа средба Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко, која беше закажана уште пред настанот со авионот во Минска. Не можејќи да ја одбегне темата за авионот,  Путин во отворениот дел од средбата, на нејзиниот почеток, нагласи дека и без тие настани има за што да разговараат со Лукашенко. Но забележа дека: „Авионот на претседателот на Боливија во свое време го приземјија. Претседателот го извадија од авионот и ништо, тишина“. Путин го имаше предвид приземјувањето на авионот на боливискиот претседател Ево Моралес во 2013 година во Виена, по заминувањето од посетата на Русија.

QUOD LICET IOVI, NON LICET BOVI

Тогаш американските специјални служби мислеа дека во авионот кој полета од Москва се наоѓа Едвард Сноуден, свиркачот од Националната агенција за безбедност на САД, кој го запозна светот со големите шпионски активности на Американците, дома и надвор. Моралес тогаш во Москва изјави дека би му дал азил на Сноуден, кој се наоѓаше на московскиот аеродром. Сноуден нанесе штета на тајните американски операции, па САД го прогласија за предавник, а тој до ден денес живее во егзил во Москва. Тогаш Франција, Шпанија, Италија и Португалија го затворија воздушниот простор за авионот на Моралес, иако претходно му беа дадени сите дозволи за прелет. Авионот се спушти во Виена, па беше претресен да се види дали таму е Сноуден. Го задржаа 14 часа. Шпанскиот амбасадор во Виена барал лично да влезе во авионот да го бара Сноуден! Напразни беа, после се’, извинувањата од споменатите држави и давањето на дозвола за прелет. Битни беа молкот и послушноста, не на медиумите. Туку на државите од Западот.. За разлика од сега во Минск.  

Она што Путин го кажа во петокот пред почетокот на средбата со Лукашенко, подиректно, неколку дена претходно, го кажа Марија Захарова, портпаролот на руското МНР. Таа изјави дека земјите од Западот не треба да бидат шокирани од случајот со авионот на Рајанер. „Шокира тоа што Запад случајот во воздушното пространство на Белорусија го нарекува „шокирачки“. Живеењето на „цивилизираните демократии“ по траекторијата "quod licet Iovi, non licet bovi" (Што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на бикот), одамна не е актуелно со оглед на губењето на некогашните вистински лидерски квалитети. Крвта и страдањата на милиони низ целиот свет го турнаа столчето од под нозете на западните демагози, од кое тие проповедаа“, напиша таа во понеделникот на својата ФБ страна.

„Или треба се' да шокира: од принудното приземјување во Австрија на авионот на претседателот на Боливија на барање на САД, па во Украина по 11 минути од полетувањето на белорускиот авион со активист на Антимајдан. Или не треба да шокира аналогно однесување на други“, нагласи Захарова. Во 2016 година белоруски авион по полетувањето од Киев за Минск беше принуден да се приземји со закана дека ќе биде приземјен на сила, ако не го направи тоа. Активистот на Антимајдан беше уапсен и осуден во Украина.

Според Захарова користењето на информативно –политичките кампањи за создавање на соодветен впечаток веќе не носат потребен ефект. „Интернет мрежата ги памети сите насилни киднапирања, принудни приземјувања и незаконски апсења, направени од „чуварите на поредокот и чуварите на моралот“ додаде Захарова.

ЕДНАКВИ И ПОЕДНАКВИ

Што зборува сето тоа. Во прв ред, за актуелниот случај, оној што го споменаа Путин и Захарова, дека САД веќе не се Јупитер, ниту пак дека Белорусија е бикот. Или пак, дека на меѓународен план не важи она од „Животинската фарма“ на Џорџ Орвел дека: „Сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите“. Во светот учат многумина од постапките на другите. Па се прашуваат: „Зошто она што може да го прави некој, јас да не можам?“

И Колумнистот на „Вашингтон пост“ Дејвид Игнатиус  деновиве се осврна на истата тема. За него притворањето на опозициониот новинар директно од авионот е жестока и едноставна порака до сите политички противници на Лукашенко: „Ќе ве најдеме каде било“. За Игнатиус  реакцијата на Русија, Захарова, на киднапирањето на Рајанер била цинична, но индикативна. За него е интересно е зошто Захарова го одбрала примерот со авионот на боливискиот претседател. „Таа можеше да спомене и за други случаи кога американската влада ги тераше цивилните авиони да се приземјуваат поради сомневање дека во авинот имало терорости“, пишува тој.

ПОРЕДОК ВРЗ ЗАЕДНИЧКИ ПРАВИЛА

Според Игантиус:„ Во светот се одвива битка меѓу автократските лидери и младите активисти, кои сакаат да имаат право слободно да се искажуваат. Тоа се случува во Русија, Кина, Турција, Саудиска Арабија, Египет, а исто така и во редица други земји, вклучувајќи ја Белорусија. Администрацијата на Бајден во таа битка е на страната на доброто, и таа ја смета неа како битка за во светот, како и порано, да царува светски поредок врз основа на правила, а не незаконска власт на бандити кои ги игнорираат сите закони“.

Но, додава тој, „Ако САД сакаат да ја предводат таа борба, тие не можат да бидат лицемерни. Треба да се признае: кога ние како нација правиме некаква лоша, жестока работа, таа „технологија“ веднаш ја прифаќаат други нации со помалку строги морални ограничувања. И треба да се признае: Америка води војна против своите непријатели-терористи со помош на беспилотни летала. Азербејџан го повторува тоа во борба со Ерменците во нагорно Карабах. Американците ги испитуваат своите непријатели осомничени за троризам, апсејќи ги во други земји со помош на “вонредни методи за екстрадиција“. А Саудиска Арабија и Белорусија се друго, тие киднапираат или убиваат новинари противници на нивната власт.“

Игнатиус споменува „технологии“, споменува „вонредни методи за екстрадиција“, но не кажува дека неговата земја нејзните закони ги спроведува насекаде. А не во рамките на нејзините граници. Па така со разни „технологии“ на специјалните служби се апсат луѓе кои прашање е дали го заслужиле тоа. На пример пилотот Константин Јарошенко, кој е „наместен“ од службите и осуден во САД на 20 години затвор.

Затоа да не чуди никого ако утре некоја друга земја прогласи екстериторијалност на нејзините закони, па почне да гони ширум светот, јавно и тајно, некого за кого мисли дека е во судир со нејзините закони. Да се служи со „вонредни методи за екстрадиција“. Независно дали е „авторитарна“ или е „добра“. Затоа мора да се воспостави светски поредок, но врз правила, кои би се договориле заеднички, а не да ги наметнуваат оние кои се сметаат за Јупитер. И некои бикови учејќи од туѓите примери мечтаат да станат Јупитери. И некои рамноправни сакаат да бидат во друштвото на порамноправните.

Може да се претпостави дека ова би можело да биде дел од дискусијата на Бајден и Путин на самитот акажан за 16 јуни. Иако, како за прва нивна средба, тие имаат и поважни работи кои ќе се стават на дневниот ред на средбата. Сепак, најважно е што ќе се сретнат. А ако после неа се поврати довербата меѓу двете држави, тогаш дневниот ред за некои наредни средби само ќе се проширува.

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина