14 Јуни, 2021
0.0207

Noli me tangere: вакцинирајте се и не воздржувајте се од допири!

Објавено во: Колумни 28 Мај, 2021

Noli me tangere/„Не ме допирај“ (Јован 20:17) - oва се зборовите кои Исус ги изговара кога Марија Магдалена го гледа прва веднаш после воскресението! Оваа библиска фраза станува предмет на многу интерпретации и претставува една од многуте христијански инспирации за книжевници, уметници, философи... Рембрант, Тицијан, Дирер... се само некои од уметниците инспирирани од загадочноста на оваа фраза, оставајќи зад себе врвни сликарски остварувања. На темата имаат пишувано и многу современи мислители, од Жан Л. Ненси и Ж. Дерида, до Славој Жижек во неговата последна колекција есеи Пандемија.

Да не биде допрен – ù порачува воскреснатиот Исус на Марија Магдалена. Зошто оваа забрана за допирање? Што значи оваа забрана? Зошто на Марија не ù е дозволено да го допре воскреснатото тело на Христос? Ова се прашања кои се предмет на интерпретации во книжевноста, уметноста и философијата. Навистина, што може да значи ова категорично барање на Исус да не биде допрен? Различни автори, имаат различни интерпретации, често дивергентни, дури и противречни. Првата претпоставка на некои теолошки интерпретации е дека е несоодвето жена да го допира телото на воскреснатиот Исус; друга таква интерпретација е дека раните Исусови биле сè уште свежи и болни и не сакал да биде допиран; понатаму, некои поаѓаат од фактот дека според тогашните погребни ритуали било забрането да се допира телото на покојниот; и конечно до метафизичките интерпретации дека не е потребен никаков физички доказ за воскресението, преку допирот. Тоа претставува уште една парабола за тоа дека во воскресението се верува, не се докажува, и затоа блажени се оние кои не видоа, а поверуваа (Јов. 20:29).

Во прилог на овие интерпретации, ќе ја споменеме и книгата на Хозе Ризал (1861-1896), насловена токму како Nolimetangereили Општествен канцер (1887), за пошироката јавност малку позната, но задолжителна лектира за дечињата од Филипини. Книгата е социјален роман за бруталноста на шпанското владеење со оваа, не баш мала, 80 милионска нација во југоситочна Азија. Шпанците владееле со овој архипелаг од 1565 до 1898 кога Филипинците прогласуваат независност од тогашната европска и светска сила, Шпанија. Книгата е реалистичен приказ на бруталноста, корумпираноста и теророт на Шпанците врз Филипинците. Но, зошто авторот се решил за овој наслов? Самиот автор дава објаснување. Имено, вели дека во медицинската литература постоел таков назив за канцер, затоа што неговата манифестација била толку силна што болните не трпеле никаков допир врз разболениот дел. И навистина, дури и во историјата на медицината, ќе најдете дека во Средниот век, докторите овој вид рак го дефинирале како cancer absconditu, скриен рак – затоа што колку повеќе се справувале со неговите видливи манифестации, толку повеќе се влошувала состојбата. Па затоа било најдобро „да не се допира“! Во времето на Хозе Ризал, под ова име се означувал еден вид на очен канцер, кој всушност бил метастаза од канцер на друг орган, скриен канцер. Евидентно е зошто Хозе Ризал, и самиот офтамолог, го одбрал ова име за својот роман, т.е. евидентно е кој е скриениот канцер во филипинското општество кое го јаде одвнатре.

Во оваа прилика да го видиме допирот, поточно, забраната за допир во светло на пандемијата која, се надевам, скоро ја изживеавме; пандемија, која доминантно беше означена со слична забрана за допир. Истото важи и денес, во екот на најголемата пандемија во современата историја на човештвото - не смееме повеќе да се допираме! Не ме допирај! - тоа е првата пандемиска заповед! Допирањето, блискоста, тактилноста се строго забранети во време на пандемија! Не смееме да му пристапуваме на другото тело. А ако не си пристапуваме и преку нашите тела, како ќе си пристапиме до душите, до внатрешноста, до другиот како ближно суштество воопшто!? И тука се поставува прашањето дали пандемијата, преку оваа забрана за недопирање, ги затвори портите кон нашата внатрешност? Дали недопирањето нè оддалечува, нè затвора за другиот или можеби, пак, само го изострува нашето внатрешно сетило за вистинската, внатрешната средба со другиот?

Иако верувам дека нашиот супстрат го чини нашата душа, сепак ние сме и тело. И до нас се пристапува преку телото, оти сме и тело! Нашето тело е тој медиум кој комуницира со светот, природата, општеството. Политиката својата моќ ја извршува преку нашето тело, преку него ја воспитува и дисциплинира нашата душа. Нашата надворешност е некаква кондензација, епитомизација и манифестација на нашата внатрешност. Не бадијала се вели дека нашето лице е израз на нашата душа. Секоја брчка, секоја сенка, секоја бразда е жиг втиснат од нашата внатрешност, видлива слика на невидливите тескоби на нашата душа. Нашето тело е видливиот, феноменалниот израз на нашиот ноумен. Човекот како суштество на меѓата е со главата во трансценденцијата, со нозете во иманенцијата. И тело и дух е. Одземете го едното, го одземате другото, интервенирајте во едното, интервенирате во другото. Повредете го едното, го повредувате другото.

Да, на Марија ù е забрането да го допира воскреснатиот Исус, но никому никогаш не му било забрането да го допира живиот, физичкиот, телесниот Исус. Напротив, допирот на Исус и Исусовиот допир биле исцелителни. Допирот има исцелувачка моќ, утешителна, укрепителна. Не се допира мртвиот и воскреснатиот Исус, оти таму и нема што да се допре. Воопшто, допирот на мртвиот е ладен допир, тоа не е допир, таму нема одзив, нема повратен допир и размена на допирачот и допрениот. Исто како што воскреснатиот, иако можеби и може да се допре, бадијала е да се допре – оној кој верува нема потреба да допре, верува и без да допре. Но, рековме, човекот е суштество на меѓата, со главата во небото, со нозете на земјата. И како таков - се допира. Оти е и од небо и од земја создаден. Не се допира мртвиот или воскреснатиот, oти првиот е целосно на (во) земјата, вториот е целосно на небото; но живиот да, само живиот вистински се допира! Живиот човек е сè уште жив, сè уште ниту мртов, ниту воскреснат и затоа му треба и му значи допирот, тактилноста, му значи телото, ако сакате! Не сме саде душа - и тело сме! И телото го бара допирот! Не зема ли тело христијанскиот Бог, не се овоплоти ли, не стана ли Богочовек, и плот и Бог? И конечно - не страдаше ли токму преку телото!? Не стигна ли казната на тогашната власт токму преку телото!?

И затоа, иако можеби на прв поглед несоодветна, во суштина многу соодветна е фразата „социјална дистанца“. Многумина се обидоа да ја поправат и да посочат дека се работи за „физичка дистанца“, а не социјална дистанца, но ако не си пристапуваме преку телата, како прва врата кон нас и нашето Јас-тво, зарем таа физичка дистанца не прави воедно и социјална дистанца!? Физичката дистанца создава социјална алиенација и го прави токму тоа на што алудира несаканата фраза – социјално нè дистанцира. Дистанцирајќи се физички, ние се дистанцираме социјално. Не е возможно да одржуваме само и исклучиво физичка дистанца без таа да вроди и со социјална дистанца. Сите супститути на физичкиот контакт: социјални мрежи, телефони, вибери, месинџери... се само тоа – супститути! Затоа, добра е таа фраза „социјална дистанца“, илустративна е, за да нè потсети дека првата штета што ја нанесе пандемијата е социјалната алиенација! И првото нешто што треба да го вратиме е физичкиот контакт, за преку него да се врати и социјалниот живот.

Затоа, кога веќе ова зло полека одминува, не заборавајте да се допирате! Да ги допирате вашите ближни и најмили. Не воздржувајте се да се раздавате во допири, прегратки, нежности, милувања, бакнежи и тактилност. Ако има нешто добро во оваа ускратеност од тактилност, е тоа што преку неа увидовме дека таа тактилност е суштински човечка. Дека ни треба, оти е нашата плотска природа. Цивилизациски, човекот во последните стотина години многу ги има променето своите „сетилни приоритети“. Со електрификацијата, со медиумите, а особено со информатичката технологија, човекот стана примарно визуелно суштество, а културата примарно визуелна култура. Но, не било отсекогаш така. Само пред стотина и кусур години немало струја, очите морале да се затворат со првото зајдисонце. Да не зборуваме за векови пред тоа, кога за секојдневните човекови активности бил потребен и носот и мирисот и вкусот и допирот, подеднакво како и очите. Современата, особено урбаната цивилизација се потпира во голема мера на видот. Не може да се разбере значењето на останатите наши сетила ако не се дистанцираме од урбаноста. Оние кои се често во природа, особено на планина, најдобро знаат за што зборувам. Само таму ви се отворени сите сетила. Или барем треба да ви бидат отворени ако сакате да ја доживеете планината, да ги почувствувате тие опивачки мириси, тие диви вкусови, таа бескрајна тишина, тие природни допири...

Затоа, оваа социјална и физичка дистанца нека нè потсетува уште долго колку ни значат сите останати сетила. Колку ни значи прегратката со другото тело, колку ни значи допирот на туѓата дланка, колку ни значи мекоста на туѓата кожа, мирисот на туѓата коса, вкусот на другите усни, милувањето на образот на другиот... Воопшто, колку ни значи доживувањето на другиот преку телото! Оти и тело сме! Не се допираат мртвите и воскреснатите, ние живите – да! Затоа, вакцинирајте се, драги мои и не воздржувајте се од допири!

Трајче Стојанов

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Можеби ќе ве интересира

Орелот и мечката ќе преговараат во близина на змејот

Орелот и мечката ќе преговараат во близина на змејот

Јагода ја доби неработната недела, Мила ја засилува активноста, Венко доби пауза, бизнисот се преструктуира

Јагода ја доби неработната недела, Мила ја засилува активноста, Венко доби пауза, бизнисот се преструктуира

Калето се јави! Навистина се јави!

Калето се јави! Навистина се јави!

Колумна на Глигор Бишев: Има ли причини за загриженост од бран на глобална инфлација

Колумна на Глигор Бишев: Има ли причини за загриженост од бран на глобална инфлација

Украина реши да ги дисциплинира олигарсите

Украина реши да ги дисциплинира олигарсите