Добивај вести на Viber
Охридска банка продолжува со експанзија на македонскиот пазар. Со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите клиенти и пријатна работна атмосфера за вработените, Охридска банка отвори нова експозитура во строгиот центар на град Скопје, на површина од 300м2.
Новата експозитура ја отворија директорот на Сосиете Женерал за Европа, г. Жанлука Сома и Претседателот на Управен одбор на Охридска банка, г-ѓа. Јитка Пантучкова, во присуство на почесни гости, стопанственици и вработени.
“Оваа експозитура претставува значајна инвестиција на Охридска банка од повеќе причини: ова е десетта експозитура во главниот град Скопје, таа е носечка експозитура за работа со население, нуди удобен сервис за нашите клиенти на површина од 300м2, опремена е со сефови и ги има имплементирано нормативните стандарди на Сосиете Женерал од аспект на безбедност” – истакна Јитка Пантучкова.
“И покрај кризата во Европа, патот на Охридска банка, во изминатите шест години, е одбележан со успех под покривот на Сосиете Женерал. Банката ја модернизираше понудата за население и претпријатија, управувањето на односите со клиентите и ги подобри перформансите квалитативно и квантитативно. Отворањето на оваа референтна експозитура го потврдува цврстото позиционирање на Охридска банка на пазарот” – подвлече Жанлука Сома.
Во очи 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес, Охридска банка уште еднаш ја потврди хуманоста и солидарноста помеѓу институциите. По овој повод банката донираше два клима уреди на градинката 13 Ноември што се наоѓа во непосредна близина на експозитурата, како и две монографии од нумизматичката збирка за библиотеката на средното училиште "Јосип Броз Тито".
Деловната мрежа на Охридска банка брои 27 експозитури, од кои 10 во Скопје, а останатите во градовите ширум територијата на Р. Македонија.