15 Август, 2020
0.0413

Нова шанса за мир во Украина

Објавено во: Колумни 27 Јули, 2020

Ако денес од Украина не дојдат вознемирувачки вести за воени дејства, тогаш може да се зборува за добар почеток на најновиот договор за траен прекин на воените дејства во Донбас. Тој е постигнат минатата среда. Страните во конфликтот и посредниците од ОБСЕ се договорија прекинот да стапи на сила од вчера после полноќ. Веднаш да е јасно. Ова не е прв таков договор, но сега работите во него се повеќе детализирани.

Посебно значење на овој договор за прекин на огнот дава вчерашниот телефонски разговор меѓу рускиот претседател, Владимир Путин и неговиот имењак, претседателот на Украина, Владимир Зеленски. Кој се одржа на барање на Зеленски. Соопштенијата од канцелариите на двајцата претседатели нормално многу малку се поклопуваат. Секој дава значење на она што тој го застапил во разговорот. Двајцата го разгледале почетокот примирјето и ја нагласиле важноста на тоа решение, кое треба да се почитува. Оттука натаму секој си го кажува она што смета дека треба да се каже.

Во соопштението од Москва се вели дека Путин ја смета како противречна на Минските договори одлуката на Врховната Рада за спроведување локални избори годинава и дека ги става под закана перспективите на решавањето на проблемот. Освен тоа изразена е сериозна загриженост во врска со неодамнешни изјави на официјални лица од Украина за неприфаќање на комплексот мерки што произлегуваат од Минските договори и за негово преразгледување. Од Кремљ, исто така, соопштија дека Путин посебно нагласил за позицијата на Зеленски, дека Минските договори немаат алтернатива,  треба да најде потврда и во реалните дејства на киевските власти. Ова значи дека Зеленски, барем пред Путин не спомнал никаков нов план, наместо Минските договори, а за што во Киев се водат жолчни расправии.

Од канцеларијата на Зеленски соопштија дека двајцата претседатели разгледале детали околу спроведувањето на мерките, како и практични чекори за ослободување на украински државјани од затвори во териториите во Донбас, а кои не се под контрола на Украина. Во Киев некои медиуми како сензација го сметаат делот од соопштението во кој се вели дека „страните го разгледале законот за посебен поредок на локалната самоуправа во ОРДЛО( така Украина ги нарекува териториите кои не се под нејзина контрола во Донбас), кој се наоѓа на разгледување во работните групи на Тристраната контактна група, и законот за децентрализација, кој предвидува измени во уставот на Украина“. Ова е важно од аспект дека досега Украина избегнуваше расправи за промена на уставот, а кои произлегуваат од Минските договори. А таму стои дека териториите кои сега се надвор од контролата на Украина треба да имаат посебен статус. Тоа наидува на голем отпор во земјата и се смета за вовед во нејзина федерализација.

Што содржи најновиот договор? Најнапред неколку забрани. Забрана за офанзивни и разузнавачко-диверзантски дејства. Забрана за какви било видови летала. Забрана за отворање оган, вклучувајќи и снајперски. Забрана за разместување на тешко оружје во населени места и нивна околина, во прв ред објекти од јавна инфраструктура, школи, детски градинки, болници... Предвидени се дисциплински(!) мерки за нарушување на режимот на прекин на огнот, создавање на механизам за координација за регирање при нарушување на прекинот на огнот...За дозволено возвраќање со оган...

Се' на се', двете страни се договорија да се откажат од примена на оружје. Но досегашното искуство зборува дека веќе денес тие може да се обвинуваат дека го нарушиле договорот. Демек, не можам да молчам кога кога ме напаѓаат и морам да одговорам на огнот од непријателот. Во 2019 година беше договорено примирје за летната жетва, но не траеше ниту еден ден. Некои коментатори во Москва сметаат дека документите за примирјето не гарантираат вистински мир. И дека од денес и двете страни ќе одат по старо. Ќе ги игнорираат напишаните мерки.

Не помалку песимисти за договорот се и коментатори во Украина. Главниот уредник на Страна.уа, Игор Гужва, смета дека на почеток може да се намалат престрелките, затоа што избирачите на Зеленски бараат резултат, а пред нив се локалните избори. Тој смета дека Зеленски мора нешто да направи за мир во Донбас, па сега еве презема некаков чекор во таа насока. Барем додека поминат изборите, а потоа би се вратил на старите стратегии. „Примерите во светот кога има слични конфликти покажуваат дека не може да се заврши војната без политичко решение. А украинската власт бега од тоа“; смета Гужва. Тој додава дека договорот за прекин на огнот предизвикал негативен бран од страна на „партијата на војната“. Зеленски го обвинуваат за предавство и капитулација и изразуваат надеж дека воените единици на Украина на фронтот ќе ги игнорираат тие „капитулантски наредби“ и дека „ќе најдат начин да го исполнат својот војнички долг“, да војуваат. Така што нема никаква гаранција дека ќе нема гинења на луѓе. А тоа значи продолжување на конфликтот кој трае веќе шест години. Неодамнешните воени дејства на границата меѓу Азербејџан и Ерменија само потврдуваат дека мора да има политичко решение.  Во спротивно и судирите во Донбас ќе траат 30 години, колку што трае и оној меѓу двете кавкаски држави.

Вчерашниот разговор меѓу Путин и Зеленски, прв по пет месеци, покажува дека на Украина и е потребен некаков успешен потег околу Донбас. Примирјето е домашна задача дадена на Зеленски уште на самитот на „нормандската четворка“ лани во Париз. Тоа треба да биде прв чекор во спроведување на Минските договори, до кои држат и Франција и Германија, како гаранти на договорите. Зеленски запнал за нова средба на „четворката“, но и од Париз и од Берлин му одговорија дека за такво нешто треба да се исполнат ветувањата дадени на самитот.

Во меѓувреме Украина закажа локални избори за октомври годинава, но не и на територијата што не е под нејзина контрола. Од руска страна тоа беше окарактеризирано како подривање на Минските договори. Се чини дека Киев, по ова, беше притиснат од Франција и Германија за ваквиот приод кон работите. Епилогот е договорот за примирје на кој се работеше подолго време, а кој што беше најавен уште во март март, но Украинците го одолговлекуваа. Зеленски смета дека примирјето е голема работа и дека тој документ треба да го потпишат лидерите на „четворката“. Демек ќе се зголеми статусот на документот. Украинскиот претседател повикуваше на нејзин нов самит, во Берлин, но оттаму одѕвонуваше „заврши си ги домашните задачи“. Па така и примирјето е домашна задача и тешко дека наскоро, а и воопшто тој документ ќе биде потпишан од Емануел Макрон и Ангела Меркел. Доволно е што го потпишале спротивставените страни.

Минските договори се  потпишани во 2015 година кога постоеше опасност од поголема војна во Украина, беа решение кое го прифатија и Украинците. Сега кога државата е поделена меѓу оние кои не сакаат да му дадат посебен статус на Донбас и оние кои тоа би го проголтале во интерес на мирот се случуваат дури комични работи. Пред некој ден Зеленски при посета на линијата на разграничување во Донбас, со претседателката на Швајцарија, Симонета Сомаруга, предложи дешифрирање на сите точки од Минските договори! За да може да се разбере кои од нив можат да се  исполнат.

 Меѓународните односи не се актерство. Тоа што го потпишал друг украински претседател не го ослободува Зеленски од исполнување на договореното. А Зеленски, како да се прави луд. Па бара дешифрирање. Нека го праша Петар Порошенко, неговиот претходник, што потпишал. А вака од Москва, портпаролот на министерството за надворешни работи, Марија Захарова, му препорача дека во руското МНР можат да му помогнат на Зеленски за ова сложено прашање, напишано во Минск, а потпишано од претседателот на Украина, но и од други. Захарова додаде дека не станува збор за обична спогодба, туку за документ кој поминал низ СБ на ОН и е признат на меѓународно ниво. „Прашањето е во тоа што луѓето со години чекаат, кога на крајот Киев ќе го реализира она под кое се потпишал. А овде, одеднаш се вели, потребно е дешифрирање“, рече Захарова. Ваквото однесување на украинскиот претседател, но и на украинската власт, е цел на критики во Русија. Па го обвинуваат Зеленски дека едно зборува во телефонските разговори со Путин, а сосема друго прави дома.

Во очекување на примирјето, кое доби благослов и од Римскиот Папа една  интересна новост соопштена од Штабот на украинските сили во зоната на конфликтот. Почитувањето на режимот на прекин на огнот, покрај претставници на спротивставените страни и на ОБСЕ, ќе го следат и новинари на линијата на разграничување. Целта е објективно да се информираат украинската и светската јавност за тековната ситуација во Доњецката и Луганската област. Предвидена е работа на новинари, сниматели од Украина и од странство, бидејќи се знаат можностите на противникот за провокации со цел да се наруши примирјето, соопштија од Штабот. Тешко на тие новинари распоредени на фронтот. Можеби тие ќе бидат првите жртви на нарушувањето на новото примирје. Не само во буквална смисла, туку и жртви на јавноста, навивачка и опозициска. Ќе ги распнат за начинот на кој ќе известуваат, ако не им одговара на нивните погледи на стварноста.

Мирче Адамчевски. 


Можеби ќе ве интересира

Јубилејни две децении Александар Антиќ е главен командант во Македонија

Јубилејни две децении Александар Антиќ е главен командант во Македонија

Повеќе кибицери од играчи

Повеќе кибицери од играчи

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата