16 Мај, 2024
0.0283

Новата германска иднина – фронт за дигитална трансформација

Објавено во: Колумни 28 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Несомнено, оваа недела, покрај почетокот на кампањата за локалните избори кај нас, ќе бидат актуелни состојбите од исходот на изборите во Германија. Во таа насока, на почетокот давам збор-два за тамошните фаворити за Канцелар.

Имено, согласно официјалните резултати во неделата, можам да кажам очекувано според мене (читај: кога веќе Меркел ја нема), а неочекувано според одредени мои колеги од Германија, тесна победа издвојуваа социјалдемократите (СДП) на актуелниот министер за финансии и вицеканцелар на Германија, Олаф Шолц, со освоени 206 мандати во Бундестагот или 25,7 отсто од избирачите. Ова, претставува една минимална, но значајна предност пред конкурентот и долгогодишен коалиционен партнер ЦДУ, која, во релативна бројка изразена изнесува 1,6 отсто или ако милувате во апсолутна бројка, таквата предност на СПД пред ЦДУ е за 10 мандати. Оттука, ако се има во предвид трето-пласираниот, партијата на Зелените, која оствари најдобар резултат од самото постоење, а тоа се 14,8 проценти или 118 мандати, како и либералите (ФДП) на Кристијан Линднер со освоени 11,5 отсто или 92 мандати, може да се каже дека изборот на името за нов Канцелар во една од најмоќните држави ќе биде интересен. Останува да видиме, во неделите (се надевам нема да биде месеците) што претстојат, дали тоа ќе биде Олаф Шолц (СПД) или Армин Лашет (ЦДУ)? 

На средината на август, ако не се лажам, во интервју за Дојче Веле(DW), тогаш како второпласиран на анкетите, актуелниот заменик-канцелар и министер за финансии, Олав Шолц се истакнуваше со неговиот борбен дух. Како што истакна „Сакам да станам канцелар, за тоа се бориме”, според мене, беше една од силните пораки за достигнување на потребното, а тоа беше - СПД да биде пред Зелените. Така и се случи. Исто така, може да се забележи, како негова карактеристика во јавните настапи, јасностa во изразување на личните принципи. За таа цел, тој често знаеше да истакне еден важен принцип, во кој, и  нас како држава не задира, а вели: „Во моите принципи јасно стојам зад одговорноста на Германија во рамките на трансатлантското партнерство НАТО“. Исто така, сум на мисла дека за македонските надворешни односи, вреди да се обележи принципот на Шолц, во поглед на политиките на Европа кон Истокот. Имено, тој смета дека Европа и Русија треба да се вратат на критериумите на ОБСЕ, односно дека тоа подразбира транспарентност и посветеност од двете страни кон неменување т.е. насилно поместување на границите во Европа. Имено, ќе се забележи едно ново мото во неговата политика, кое гласи: „Потребна ни е нова политика кон Истокот, но со примена на владеење на правото“.  

Од друга страна, пак, премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, кој, ја води ЦДУ од почетокот на оваа година, Армин Лашет, имам чувство, како да се измори од внатрепартиската битка во ЦДУ, на крајот од минатата година (декември). Колку за потсетување, тој водеше интензивна битка за тронот во ЦДУ со Маркус Зедер, која, на крајот ја доби со силно мнозинство од над 70% од делегатите. Но, остана да лебди во нивната јавност една реченица, која, тамошните делегати на ЦДУ ја говореа во јануари, а е од времето на големиот Хелмут Кол и вели: „Изборите се добиваат со победа на изборите, а не во анкетите“. Според ова, сметам дека таквата внатрешна борба даде одраз на изборите, денес. Практично, таквата силна поделеност ги разниша партиите во Унијата, ЦДУ и ЦСУ. Во контекст на ова, немам дилема дека повеќето во Лашет видовме гарант на досегашниот курс на Меркел. Но, тоа беше на почетокот на годината. Во остатокот од мандатот на Меркел, би рекол дека Лешет се оддалечи од одредени политики на канцеларката, а поврзани со борбата против пандемијата. Иако, на прв поглед изгледаше како мудра одлука, ако се имаа во предвид некои слабости и грешки во борбата против пандемијата од стана на администрацијата на Меркел, сепак, од денешна перспектива се покажа дека тоа е погрешен потег на Лешет. Сметам дека цврстиот правец и силната блискост во јавните ставови со Меркел, и тоа во континуитет, на кандидатот за нов Канцелар од десницата ќе му донесеше подобар резултат.

Во продолжение на писанието, сакам да се осврнам на македонските состојби и перспективи во поглед на модернизацијата т.е. поддршката на процесите за дигитална трансформација. За таа цел, ќе го цитирам слоганот, кој, премиерот на покраината Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет често го употребуваше во јавните настапи годинава, а тоа е: „Дваесеттите години да се претворат во деценија на модернизација на Германија - нова економска динамика, голема безбедност, најдобри и праведни образовни шанси“. Имено, ова е идната патека на Германија без разлика кој од кандидатите погоре ќе ја предводи како Канцелар, а ние како нејзини силни сојузници треба да се најдеме во таа насока. Оттука, неодамна на состанокот на управата на Хајделберг Институтот, каде бев поканет како гостин, челниците дадоа еден предлог, кој, ценам дека заслужува внимание. Поточно, беше донесена одлука да се формира т.н. „Совет за дигитална трансформација (DTC - Digital Transformation Council)“ во рамките на институцијата, со една цел - поддршка на процесот за дигитална трансформација во земјите од Западен Балкан. Како следни чекори, а неминовни во пост-ковид периодот на македонското општество ќе бидат:

Прво, формирање на силен фронт помеѓу институциите од стручното (формално и неформално) образование за дигитална писменост (трансформација), невладините организации и институциите од ИКТ индустријата;

Второ, воспоставување на силен однос однос со чинителите на процесите за дигитална трансформација во Владите од Западен Балкан и нивно привлекување кон тој Фронт; и  

На крај, трето, процесите предводени од новата германска иднина во пост-ковид периодот, кон кој целиме и ние, треба да завршат во правец на имплементација на проекти за дигитална трансформација и активна партиципација на македонските граѓани, компании и државните институции во процесот на дигитална трансформација.

Зошто е ова битно? Или, ако го поставам поинаку, прашањето би било: Што е првиот, од низата бенефити, за една држава од Западен Балкан при имплементација на процесите за дигитална трансформација?  

Намалување на системската корупција! Дигиталните алатки се имуни на корупција. Често, во народот се користи една поговорка: „Автоматизираните и дигитализираните процеси не можат да бидат корумпирани “. Тоа е добрата вест на овие процеси. Додека, онаа другата - лошата вест е дека сите земји од Западен Балкан имаат проблеми со корупцијата. За работите да ги придвижиме нагоре, во насока на сузбивање на ваквите појави треба многу силна волја и ентузијазам. Сами, нема да можеме, сум на мисла. Затоа, ни се потребни стратешки партнери како што е тоа - Германија.   

Како втор, дополнителен и важен бенефит од имплементацијата на процесите за дигиталната трансформација во системот на македонското општество е директното влијание на таквите процеси врз штедењето и времето.

Како?  

Тоа, е можно само преку оптимализација на трошоците за компаниите и зголемување на бројот на квалификувани лица, а со самото тоа ќе дојде и до зголемување на ефикасноста и ефективноста и на работниците, како и на крај, тоа ќе донесе зголемување на приходите (читај: нивната плата). Значи, сите добиваат од процесите. Тоа, е можно преку преквалификација и доквалификација на младите, преку стекнување на нови вештини и компетенции првенствено за изработка, а потоа и за управување со дигиталните алатки.

Во компаниите, за една промена да биде успешна, освен психологијата, која, треба да делува врз намалувањето на отпорот кон неа, менаџментот мора да се насочи кон процесите на дигитализација. Или, ако милувате со зборовите на колегите контролери (од Хајделберг) потребите за дигитализација во контролингот, денес, добиваат вистински третман, за разлика од кога било, претходно. Тоа, упатува на една актуелна тематика за сите претпријатија, банки и останати финансиски институции, а тоа е дигитален контролинг и сметководството. Поимот „дигитален контролинг и сметководство “ во модерната компанија подразбира имплементација на автоматизирани процеси, од страна на контролерите, кои, со таквата постапка можат да си го „купуваат“ своето време, потребно за успешни анализи и прокнижувања на финансиската иднина.

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка