23 Април, 2024
0.0251

Нови панделки врз амбалажата

Објавено во: Колумни 28 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Годинава есента не почека ниту час. Си се трупна токму навреме, небаре од тоа зависи не знам што. Можеа дождовите и темното небо малку да подзадоцнат. Си се научивме годиниве на "циганско лето" и одамна требаше да ни бидат готови зимници, огреви и други стратегиски потрепштини за во зимата. Индијанските врачеви можеби го знаеле тоа, но кој ги гледал и кој им верува?

Каква и да е, есента е сепак "најпозната" по свадбите и банкетите "за одењето војник". Ај за второво разбирам. Да се изнашетам, да се изнабањам летово, па после "ќе идам у војска". Ама да се чекало есен за да се "рипне у тавче" просто ми е  несфатливо. Освен што подосвежува, па може да се игра "пајдушкото" и повеќе пиво да се пие и шприцер да се "конзумира" се заради поубавото расположение. Обиди се да најдеш термин во некој поугледен ресторан, познат по свадбарските аранжмани, ќе ти предложат некој термин пред новогодишните празници -тебе ти се свртува во главата кога ќе пресметаш дека дотогаш веќе ќе бидеш татко. Па бебенцето ниту криво, ниту должно -ем непресметано (несакано како плод на младешкиот занес или како итрина на мајката од невестата) доаѓа на овој свет, ем да биде вонбрачно. Е тоа ќе признаете е премногу.

Свадба како свадба отсекогаш овде била присутна и ќе биде уште долго, тврдам. Како церемонија и манифестација на нашата моќ (општествена и економска). Најмногу второто, се разбира. Да се направи што поголема фешта. Поскапа, со повеќе гости, тоа е главниот "штос". Најглавно е тоа со денови и денови да се "премотува" низ "градот" -те колку гости имало, те колку пари се потрошени за свадбата, те виски течелo во потоци, те не знам колку јагненца и гудиња се оглодани до коска, те кумот дал за подарок џипче од 30-тина илјади "дојч марки"... И се така некои многу за претстојниот брак значајни работи.

А сиромашките млади -зетот и невестата, влезени во таа шема, скоро и да не им е јасно зошто се таму. Тие си се доволни самите на себе. Башка што на свадбата познаваат само неколкумина од гостите. Со еден збор -тие поради кои и се приредува целата светковина, служат само како експонати. Се нешто ги "дрпаат" наваму-натаму -те треба да се снимаат за видео, па да ја сечат невестинската торта, па да играат валцер (најчесто момчето е Фред Астер, кога учел да игра), па да "шмркне" шампанско со гостинот -позната скопска ѕверка "за успомен" пред фотографите... И така измалтретирани и измрцварени ќе треба да заминат на свадбен пат, некаде џенем. Како да не ги "збира у Охрид", коментираат зад грб сватовите, требало да се вадат очи у Патаја и на Сејшелите, види богати. Ама редот бил, зашто децата подоцна да не прекоруваат за нашето незнаење и немарност. Како подоцна "ќе ги давиме" луѓето со денови, ако не со повеќе часовни видео-записи за орото на свекрвата и чочекот на кумата, но и со купишта снимки и разгледници од "свадбениот пут".

Се натаму што ги чека во заедничкото битисување воопшто не зависи од тоа дали свадбата била не знам каква, туку од тоа како ќе се одвиваат некои други работи. Тие не се мерат со пари и со купишта храна и скапи подароци. Не постои сила што ќе ја смени нашата закоравена свест, барем што се однесува до мажачките и женачките. Само треба да помине многу, многу време и ништо повеќе.

Заминувањето на служење на воениот рок порано бил и по малку тажен момент. Имало времиња кога младиот војник и не се враќал жив и здрав дома, па испраќањето војник било со плачки и, скоро, тажачки. Настрана историскиот факт дека браќа не оделе во иста војска -едниот во српска, другиот во бугарска. Бргу по Втората војна војникувањето било долго и опасно, но "испраќање-то" си остана до денес.

Кога нам ни дојде денот за "аскер" за да и се оддолжиме на татковината дојдоа "други моди". Тогаш штосот беше да се среди со висок офицер на ЈНА да се "служи " поблиску до Скопје, а не во некоја "вукојебина" на сосема друг крај од СФРЈ. Со еден збор, да се биде поблиску до дома. Испраќањата имаа звучно име-"банкети". Се на се, резултатот беше "дебело пиење" и лумпување. Финалето, пак, заминувањето на "станица" со традиционални песни од типот "ој другови јер вам жао" задолжително врз рамењата на другарите.

Чинот на тргнувањето на возот проследен со изливи на очај на "саканата", која не може да го преболи твоето заминување "шта ќу ја без тебе" и тука пред луѓето сака да скокне под воз и такви фазони. Потем се знае уште во второто писмо "извини али много ми је жао" па "гуштерот" се опива "у кантина" и сака да дојде "у Скопје" за да ја "кркне" поради неверството и се во тој стил "дури не се соблечеш у цивилка" ...

Зошто и би се правеле испраќања кога од Ѓорче во АРМ се оди на Аеродром и секој ден "војничето" си е дома. Но, за да не остане незабележано зминувањето во војска, се приредува забавичка во некое кафуле, без "ој другови ...) туку со некоја друга музика и со полни џебови пари (да ти се најдат у касарна). Се си е по старо, само во поинакво пакување.

01.10. ’96

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок