23 Април, 2024
0.0326

Новогодишна анализа за стабилноста на македонските банки

Објавено во: Колумни 29 Декември, 2021

Добивај вести на Viber

На крај од годинава, гледам зад мене, 45 срочени писанија во форма на колумни. Верувам дека ќе реализиравме и двојно повеќе со „Фактор“, да не беа останатите обврски. Исто така, сакам да верувам дека барем неколкумина од читателите и дел од чинителите во општествено-политичкиот живот имаа полза од ваквите лични анализи.  

Годинава која поминува ја започнав со една теза - Дали, да се биде песимист или оптимист? Имено, на тој начин и ќе ја завршам. Со елаборација на истата теза.

Во животот, ова сум го искусил неколку пати, да се биде песимист или оптимист, во голема мера се определува од начинот на функционирање на мозокот, а под влијание на нашите гени да привлекуваме различна енергија. Во ваквиот начин на размислување, би подвлекол дека е важно да се изгради еден балансиран пристап кон сите видови на ситуации што можат да се појават, како поединци, а потоа и како групи. Според мене, општеството е поделено по различни основи (читај: христијани-муслимани, лево-ориентирани и десно-ориентирани, мажи и жени), но во основа е поделено на два дела:  песимисти и оптимисти.

Природата на нештата создала различност или со други зборови создала разновидна реалност, на која, мора да гледаме како на предност, а не како на начин за меѓусебни поделби, ова, особено е важно за македонското општество (за македонскиот етникум, кој, длабоко е поделен во оваа деценија и пол). За таа цел, сакам силно да верувам дека во новата декада, ако претходно научиме да се поврзуваме едни со други, на начин со заемно надополнување, тогаш сите нијанси и разлики (било какви и да се: политички, класни...) ќе се спојат во убав баланс. Таквото спојување ќе создаде еден вид на урамнотежена целина што ќе го движи напред системот. Додека во спротивност, ниту еден општествен дел, ако е самостоен, не ќе може да ја достигне таа повисока состојба на успехот.  

Зошто е важно ова?

Доколку работиме на интензивирање на поврзувањето едни со други, преку алатката на современ патриотизам, на начин со заемно надополнување и изградба на урамнотежена целина, задачата да се подобри процентот во искористувањето на парите од девизните приливи од странство ќе биде многу полесна. За таа цел, како просек на девизни приливи на дијаспората ќе ја земам бројката 1,5 милијарди евра годишно, пари, што ги испраќаат иселениците во македонската економија (ова е просек од анализа на изминатава декада, со исклучок на 2020 година). Исто така, важно е да се каже дека во изминатава декада девизните приливи од странство во македонската економија континуирано растат (освен во кризната години), а во релативни бројки тие се движат од 18 до 23% од БДП. Лани, сум согласен, постоеше одредено, намалувањето на странски девизни приливи, поради глобалната криза со пандемијата и намалените активности. Тоа, негативно се одрази на земјите од Западен Балкан, а со тоа и на македонската економија. Причините се бараа во зголемувањата на бројот на невработени лица, особено во земјите од Западна Европа. Но, таквите неповолни трендови беа краткорочни. Иако, треба да се биде претпазлив во ваквите толкувања, ако се земат во предвид направените анализи на Светската банка, некаде на почетокот на кризата во 2020 година, во кои, таа предвиде дека дознаките од иселениците до своите семејства во матичните земји на глобално ниво за целата мината годинава ќе се намалат за 20 отсто, сепак, за новата 2022 година, морам да укажам на една оптимистичка перспектива за ваквите неповолни трендови.

Парите и правдата се потреба на сите, и мораат да влеваат доверба

На што се должи довербата на јавноста во македонските банки?

Најнапред, од официјалните извештаи за 2021 година може да се забележи еден тренд на олабавена монетарната политика, во континуитет, со ниско држење на основната каматна стапка (на историски најниското ниво). 

Во поглед на показателите на ликвидност и профитабилност кај македонските банки, може да се забележи дека во оваа тековна година, при пресметките на коефициентите се појавуваат подобрени резултати, во споредба со претходната. Имено, кај показатели за профитабилност, само ќе издвојам дека просеците за стапките на поврат на актива и капитал (ROA & ROE) во минатата година изнесуваа 1,4 и 12,3 отсто, додека очекувањата за оваа година се дека истите ќе бидет поголеми и ќе се движат околу 1,6 и 13,4 отсто. Исто така, интересен за анализа, е показателот за учеството на оперативни трошоци на банките во вкупните редовни приходи, кој, за минатата година изнесува 47,9 отсто од приходите, а за оваа година очекувањата се дека истиот ќе се намали за еден отсто. Намалувањето се должи, највеќе, кај средните банки (за повеќе од 8 отсто). Оттука, сето ова е одраз на стабилна состојба во целиот банкарски систем за тековната година и најава за уште една успешна нова година, во таа насока.  

Понатаму, во анализата ако ги земам само официјалните извештаи, од страна на банките доставени до јавноста, се гледа дека тие покажаа добивка во 2020 година, и тоа, повисока во споредба со истиот период лани од пред кризата. Имено, зголемувањето на профитабилноста на македонските банки, само за првиот квартал во 2021 година, покажува добивка по оданочување во износ од 32,2 милиони евра или споредено со лани - прв квартал, каде таа изнесувала 18,6 милиони евра. Од ова, може да се подвлече дека добивката за актуелниот во споредба со претходниот квартал е зголемена за 13,6 милиони евра или за 42 отсто.

Во првото полугодие од 2021 година, банкарскиот систем оствари добивка од 74,2 милиони евра којашто е поголема за 29,7 милиони евра (или за 66,8 отсто) во споредба со истиот период од претходната година. Додека, пак, рекордна највисока добивка за македонските банки е остварена за трите квартали од 2021 година, во износ од околу 117,5 милиони евра или за 21,3 милиони евра поголема во споредба со истиот период лани. Структурно, по големина на банки, најголем раст е забележан кај големите банки, со остварена добивка за трите квартали од 2021 година, во износ од 103,9 милиони евра или за 20,1 милион евра поголема во споредба со истиот период лани. Пораст има и кај средните банки, кои, годинава за трите квартали покажуваат добивка после оданочување во износ од 11,5 милиони евра или за 1,5 милиони евра поголема во споредба со истиот период лани. Стабилна состојба, со незначителен пад на добивката во износ од 350 илјади евра, во споредба со минатата година, се забележува кај малите банки. Истата, за трите квартали од годинава изнесува нешто повеќе од 2 милиони евра. 

На што се должи повисокиот профит за банките во 2021 година? 

Повисокиот профит произлегува најмногу од поголемиот износ на некаматни приходи на банките за 22,9 милиони евра, што е резултат на зголемените приходи врз основа на наплатени претходно отпишани побарувања во износ од 20,6 милиони евра, како и на повисоките нето-приходи од провизии и надоместоци кои се поголеми за 10,9 милиони евра во споредба со лани. Истовремено, намалените трошоци за исправка на вредноста, од 3,4 милиони евра, исто така позначително придонесоа за зголемувањето на добивката.

Македонските банки, лани, покажуваа солвентност на исто или слично ниво со годината од пред кризата со пандемијата. Оттука, ако се погледнат официјалните статистики во извештаите за 2020 година ќе се види дека адекватноста на капиталот е на исто ниво во споредба со претходната (16,9 отсто). Додека, пак, за тековната 2021 година, солвентноста е на повисоко ниво. Оттука, адекватноста на капиталот за првите три квартали од годинава се движи во рамките на 17,3 отсто или за 0,4 отсто повисока во споредба со лани, а непроменета во споредба со претходниот квартал. Оттука, очекувањата се дека адекватноста на капиталот ќе се задржи на ниво повисоко од 17 отсто, до крајот на годината, со повеќе од 90 отсто сопствени средства на банките во редовниот основен капитал, како и слободните сопствени средства на банкарскиот систем ќе изнесуваат повеќе од 10 отсто. Сега, ако во анализата на солвентност, за 2021 година, се вметне и податокот за големината на банките, преку пресметките на стапката на адекватност на капитал се добива податок, кој вели: најсилна стапка покажуваат средните банки (со 19 отсто), потоа следуваат малите банки (со 18,4 отсто) и големите банки со константна стапка од околу 17 отсто. 

Негативните амплитуди во економијата, од квартал на квартал, сепак, не придонесоа за тоа, банкарскиот систем да има карактеристики на нестабилност во 2021 година. Практично, ако се анализира претходниот (трет) и овој актуелниот (четврт) квартал во годината, со право, може да се констатира дека банките ја задржаа нивната стабилност и отпорност на економските шокови. За таа цел, самите тие како чинители на банкарскиот систем, беа креатори на доверба кон јавноста. Сето тоа, сум на мисла дека го овозможија со континуирано и успешно работење, наназад, една цела декада. Затоа, велиме дека таквата успешност од минатото, денес, дојде до израз и се покажа како клучна за актуелните резултати во екот на пандемијата и пост-ковид периодот. Поточно, банките, со таквите континуирани акумулации на профитите, за себе, создадоа една слика на стабилност во очите на клиентите, а со тоа и силна доверба кај домашната јавност, воопшто.  

P.S. Велат дека има многу вистина во оваа мисла:

"Ако правиш добро и тоа го откриваш пред луѓето, тогаш доброто не се случило. Затоа, да правиме добро без да водиме грижа за тоа дали ќе види некој или не..." Во спротивно, ние продаваме, а не помагаме. 

Почитувани читатли на „Фактор“, поминавме година на многу искушенија, растење на духот и стекнавме поголема мудрост. Ви посакувам здравје, повеќе алтруизам, растење на духовната енергија и среќни луѓе околу Вас. 

СРЕЌНА НОВА 2022 ГОДИНА!

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје   


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок