29 Април, 2024
0.0248

Обединувачки дискурс на нацијата

Објавено во: Колумни 04 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Украдени и проневерени пари од поединци и раководители на институции, нападната група на малолетни лица на автобуска постројка, хаос и сообраќаен метеж, уништување на парк шума, штрајк на македонските стечајци, лекарска грешка во јавното здравство, апел за помош за самохрана мајка, мито, корупција, обвинувања од политичките партии за скандали со тендери кои достигнуваат баснословни суми и злоупотреба на нечија позиција.... Ова се ударни  вести со кои се соочува македонскиот гледач катадневно, ова е реалност која ја живееме секојдневно, ова е слика и прилика на нашето сурово совремие. Нема ден, нема информативна емисија а да не започне со црна хроника, нема пишан медиум а на насловната страна да не осамне некоја вест од која ти се поткрева дијафрагмата и замаглува видот, нема ден а да не помине со некој скандал, претежно од домашната политичка кујна, скандал  од кој се заматува умот и оцрнува душата. Станавме Бејрут, стана сентенца која може да се чуе во нашето секојдневие Секојдневието ни е исполнето со информации и настани во кои провејуваат негативни и лоши  дејанија, сурови и немили  активности на поединци или групи, зли и злонамерни дезинформации, обвинувања, провејува говор на омраза, се шири нетолеранција. Секое вклучување на тв приемникот подразбира атак врз сетилата и стрес за организмот, бидејќи колку и да е човек рационален, колку и да е трезвен, колку и да умее да ги контролира сопствените емоции, сепак не може да остане имун и рамнодушен на сите тие црни хроники, вулгаризирани вести и огавни коментари, кои на директен или индиректен начин го уништуваат чувството за емпатија, добриот вкус за  селектирање на информации и чистотата на здравиот разум. Станавме Бејрут, стана сентенца која може да се чуе во нашето секојдневие, а таа вест ни е синоним за уништување и злокобност, метафора за постојан конфликт и негативен импулс. Прашањето кое овде се наметнува, а кое го размислува и поставува секој добронамерник е дали мора секоја информативна програма да започнува со одреден скандал, во секоја вест да провејува одреден цинизам и обвинување, дали мора  насловните страни на печатот да бидат испишани со погрдни зборови за некој човек, институција, група или политичка партија? Одговорот не е нималку лесен, ниту едноставен, бидејќи во ова сурово секојдневие секој медиум се бори за место под сонцето, за сензационализам и за гола егзистенција. Колку малку е потребно за да се врати насмевката на лицата на обичниот човек Суровоста и црно-белата слика на информациите со кои секојдневно не бомбардираат сите медиуми се промени деновиве, посебно со спортските натпревари. Зачаурените вести кои се испукуваат и од кои пламтеше говорот на омраза беа заменети со еден посебен восхитувачки импулс во кој во центарот на внимание беа ставени нашите ракометари, нашите момци, нашата гордост. Тие денови, кога пламтеа информации за успехот на македонскиот ракомет беа денови исполнети со хармонија, со среќни лица на секој гледач и следбеник на македонскиот медиумски етер, беа исполнети со посебен жар. Секој гледач, без оглед на неговата етничка, културна, конфесионална припадност, со посебен воздив ги голташе информациите за успесите на нашите клубови. Во тие мигови на вдахновение само една мисла ми навираше-колку малку е потребно за да се врати насмевката на лицата на обичниот човек, на граѓанинот на нашата ни мила држава, колку малку е потребно за оддишка на луѓето кои се чувствуваат како во кутија заробени од секојдневните вести со кои им се катраносува нивната душа и со кои постојано се јадосуваат. За успесите на нашите ракометарки и ракометари се говореше насекаде Избликот на среќа и восхит, посебно ме вдахновуваше тие денови, моментите на радост се читаа на лицето на секој човек кој со чиста душа, отворен ум и раширено срце си ја љуби својата држава. Она што уште повеќе ме восхитуваше е што за успесите на нашите ракометарки и ракометари се говореше насекаде, во секој дом, во секоја институција,меѓу сите генерации, дури и оние кои не се сериозно заинтересирани за спортски манифестации се гордееа со успехот кој се постигна. Славењето и радоста од постигнатиот резултат не вивна на криљата на убоста и на пиедесталот на нација која невозможното може да го трансформира во возможно, на држава која иако е мала има спортисти кои срцето го оставаат на терен, на земја која има спортисти кои се нејзина гордост и кои се најголеми нејзини амбасадори. Она што посебно фасцинираше е што секој медиум започнуваше и завршуваше со вести за нашите ракометни дејци, со восклик секој новинар говореше за нашите златни момчиња и девојки  кои и донесоа радост на нашата ни мила татковина. Нашите спортски амбасадори ни ја вратија вербата во човекот Ах колку малку е требно за да се чувствуваме убаво, ах колку малку е требно за да ја вратиме насмевката на лицата, ах колку малку е требно за да воздивнеме мирно и дишеме со полна плуќа, ах колку малку е требно за да за миг заборавиме на сите маки кои не опкружуваат. Р акометарките и ракометарите на Вардар и Металург ни приредија една епизода на уживање, на радост, ни ја разгалија душичката, ни ги разнежнија срцата и ни ги вратија убавите воздишки за радост, среќа и убост. Тие златни девојки и момци ни покажаа и докажаа дека умееме да се сплотуваме, да се радуваме заедно, тие ни ја вратија вербата во среќата и заедничките добробитти кои и те како се дел од нашиот вредносен дискурс. Нашите спортски амбасадори ни ја вратија вербата во човекот, ни ја вратија вербата дека не сме зли, дека умееме да се обединиме, дека радостите не ни се далечни и недостижни, дека малку ни е потребно за да се врати вербата во подобро утре. Сите тие ни испратија една порака дека умееме да се радуваме и славиме сите заедно, под еден покрив, под едно знаме, под една химна, за државата, за нашата ни мила Македонија. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија, Филозофски факултет-Скопје    

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД