16 Април, 2024
0.0277

Обединувањето на СДСМ и ВМРО за Резолуцијата за Бугарија е државотворен потег од историски размери

Објавено во: Колумни 08 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Одлуката на раководството на СДСМ да ја поддржи иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за донесување на Резолуција за македонските црвени линии во спорот со Бугарија е чин од историски карактер што досега е незабележан на македонската политичка сцена од 1991 година до денес.

Во изминативе триесет години јавноста го делеше мислењето дека двете најголеми политички партии во Македонија не се во можност да изнајдат заеднички јазик за ниту едно прашање од ваков размер што директно ги засега нашите национални интереси. Немавме консензус за спорот околу името со Грција и за идентитетскиот спор со Бугарија што доведе до длабоки поделби меѓу граѓаните. Три децении живеевме со мислата дека Македонците се предодредени да се караат и делат меѓу себе на најразлични основи: патриоти-предавници, антички-словени, Македонци-Северџани итн.

Но тоа траеше сè до понеделникот кога портпаролот на СДСМ изјави дека неговата партија ќе ја поддржи Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за исцртување на црвени линии во преговорите со Бугарија. Не помалку важни се и одлуките на Демократски сојуз, ЛДП, ДОМ и Левица кои исто така информираа дека ќе гласаат позитивно за Резолуцијата.

Ако на тоа се додаде дека текстот на Резолуцијата се базира на ставовите на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА за јазикот и идентитетот тогаш станува јасно дека целокупната македонска јавност јасно зазема заеднички став за спорот со источниот сосед. Останува уште да се види ставот на Алијанса за Албанците и Алтернатива, кој верувам дека ќе биде позитивен и ќе даде мултиетничка поддршка на Резолуцијата. Со тоа македонските Албанци ќе покажат отворено несогласување со национализмот кој извира од Бугарија и нивните негаторски барања кои повеќе наликуваат на империјалистички барања од 18-ти и 19-ти век.

За оние кои немале прилика да се запознаат со содржината на текстот, Резолуцијата предвидува Македонија да води преговори со Бугарија на рамноправна основа со почитување на меѓународното право, автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.Со ова, Македонија за прв пат создава општествен консезнус и ги дефинира позициите кои ќе се бранат во спорот со Бугарите, од кои и оваа и секоја идна влада не треба да се повлече, бидејќи тоа би значело нарушување на државните интереси.

Јас сум убеден дека доколку изградевме ваков национален консензус и во спорот со Грција, решението ќе беше помалку болно и ќе го зачувавме уставното име Република Македонија за внатрешна употреба.

Нејсе, овој државотворен потег на политичките партии ќе нѐ обедини како нација во однос на прашањето со Бугарија и ќе ја зајакне нашата преговарачка позиција. Во иднина, потребно е да се работи и на именување на преговорачи со консензус, кои би биле растеретени од дневно-политичките збиднувања бидејќи би ја имале поддршката од главните политички чинители во државата.

За крај, би додал дека за поздравување е фактот што македонските политички партии конечно сфатија дека државните интереси се над оние на партијата. Ова треба да стане правило и за во иднина!

Пишува: М-р Филип Ивановски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?