23 Ноември, 2024
0.0282

Обуки во сферата на спречување перење пари

Објавено во: Колумни 22 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Финансиските институции се должни да извршат обука на одговорното лице и релевантните вработени лица во сферата на спречувањето перење пари. Во најмала рака, обуката треба да ги опфати сите оние лица кај кои една од работните задачи е борбата со перењето пари. Исто така, новите вработени треба да бидат запознати со основните принципи и карактеристики на процесот на спречување на перење на пари.

Во многу финансиски институции, обуката во оваа област се дели на надворешна и внатрешна. Надворешната обука се одвива надвор од одделната финансиска институција. Таа најчесто се изведува преку семинари, конференции и работилници во земјата и странство. Надворешната обука им овозможува на учесниците да се запознаат со најновите промени во националната и меѓународната регулатива, облиците на соработка помеѓу институциите, ризиците што се јавуваат, проблемите со кои се соочуваат другите институции и можните излезни решенија. Овој вид на обукануди генерална рамка на познавања на состојбите во сферата на спречувањето перење пари.

Од друга страна, внатрешните обуки овозможуваат редовно информирање на вработените за новите законски промени во сферата на спречувањето перење  пари, полесна идентификација на процесот на перење пари и навремено идентификување на сомнителните трансакции.

Обуките, исто така, овозможуваат вработените да ја зајакнат самодовербата и да осознаат дека одговорно, доверливо и безбедно ја извршуваат својата работна задача во процесот на спречување перење пари.

Финансиската институција може да пристапи и кон спроведување на интернет-обуки, кои ќе овозможат почести обуки на вработените, без притоа да се наруши секојдневниот процес на работа. Интернет-обуките се особено значајни за финансиските институции со многу подружници или филијали и голем број вработени.

Се поставува прашањето кои вработени треба да поминат низ обуката за примена на процесот на спречување перење  пари. Оваа обука треба да ја ислушаат сите вработени коишто имаат директен или индиректен контакт со комитентите, работат во одделот за отворање сметки, работат со готови пари и ги извршуваат трансакциите во име и за сметка на комитентите.

Секоја обука треба да биде прилагодена на институцијата на којашто се однесува. Доколку финансиската институција има голем број сектори коишто извршуваат различни функции, потребно е да се изврши специјализација на обуката по сектори. Тоа е сосема нормално затоа што едни се проблемите и ризиците кои се јавуваат со готови пари, а сосема други кога се работи за кредитирањето. Специјализацијата на обуките ќе им овозможи на вработените во одделен сектор да се запознаат во детали со прашањата и проблемите во сферата на спречувањето на перење пари кои се иманентни за нивниот сектор.

Без оглед на евентуалната специјализација, секоја обука треба како минимум да ги содржи следните елементи:основни карактеристики на феноменот наречен перење пари, преглед на основните законски и супервизорски барања во оваа област, опис на влијанието на законската регулатива и супервизорските стандарди врз финансиската институција, улога и задачи на вработените кои учествуваат на обуката, како и индикатори за препознавање на сомнителни трансакции и практични примери.

Притоа се наметнува прашањето е дали е подобро финансиската институција да побара од своите вработени да земат учество на обука преку интернет (web based training) или лично да учествуваат на одредени обуки. Двата метода имаат свои предности и слабости. Обуката преку интернет влијае на намалување на трошоците на институцијата, но отсуствува елементот на интерактивност. Вработените во финансиската институција не можат на лице место да се сретнат со предавачите и другите учесници и да продискутираат за одредени прашања. Од друга страна, непосредното учество овозможува интерактивност, но поради физичкото отсуство на вработените трпи работниот процес. Затоа, секоја финансиска институција мора да најде оптимално решение.

 

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија 


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.