ОСТАНАВМЕ САМО НА МТВ, ОД НЕДЕЛА ЌЕ НЕМА ПРОГРАМА ВО УДАРНИ ТЕРМИНИ - операторите и телевизиите не отстапуваат
Објавено во: Македонија 19 Јуни, 2020
Нема напредок на релација Влада - кабелски оператори - национални телевизии. Останува во игра најавата дека почнувајќи од 21 јуни, односно од недела, па во сите наредни денови, операторите ќеги исклучуваат сите телевизии што ги реемитуваат, и домашни и странски, освен трите канали на јавниот сервис, МТВ1, МТВ2 и МТВ3.
Затемнувањето, кое ќе стартува од 21 јуни, ќе биде во ударен термин, и првично ќе трае пократко, а потоа ќе се зголемува во текот на секој нареден ден. Зависно од техничките можности на операторите, првиот ден исклучувањето ќе трае половина или еден час, а потоа постепено „мракот“ би се зголемувал и по два и по три часа во текот на денот.
„На 21 јуни ние ќе ги исклучиме сите канали, освен јавниот сервис, но тоа ќе бидат времени прекини. Исклучувањето ќе биде во ударен термин, а целта ни е да им покажеме на граѓаните што всушност ќе се случува од 8 август, бидејќи од тој датум ние ќе мораме целосно да ги исклучиме сите канали, затоа што ќе немаме друг избор“, велат за Фактор дел од операторите. Ова ќе се случува секој ден, се додека не се изнајде решение за проблемот, а доколку солуција се најде и порано од 21 јуни, се надеваат дека до исклучувањето нема да дојде.
Објаснуваат дека за да не ги остават граѓаните без информации во време на голема КОВИД криза, но и пред избори, ќе им биде оставен на располагање јавниот сервис.
На
нашето прашање дали ова би било фер кон корисниците, кои редовно си ги плаќаат сметките, дел од операторите сметаат
дека ова прашање треба да и се упати на Владата, однодсно на тие што носат
уредби и закони. А токму според нив, велат, на 8 август ќе мораат
да ги исклучат телевизиите, бидејќи немаат друг излез и решение. „Ние не сакаме
да бидеме нефер, напротив, ние работиме за корисниците и сакаме да им ја збогатиме
содржината, но не можеме поради овие уредби“, велат дел од операторите.
Фактор ги праша големите телекомуникациски оператори зошто одат на овој чекор - прекини на телевизиските програми.
Од Македонски Телеком велат дека времените прекини на телевизиските програми од 21 јуни годинава, се одговор на спорната законска регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни и ретроактини обврски за пререгистрација на сите странски канали.
„На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност и кај нашите корисници. Сакаме да алармираме дека доколку не се најде соодветно решение, на 8 август 2020 (кога истекува рокот од 60 дена за аплицирање на неуставните обврски), сите оператори согласно регулативата, ќе бидат принудени да ги исклучат поголемиот дел од странските канали кои ги реемитуваат. По ова, може да следи и целосен прекин на обезбедување на услугата за ТВ реемитување поради недостаток на економска исплатливост во такви услови“, велат од Македонски телеком.
Што е всушност спорно во Законот?
„Со него на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат, и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Инаку, реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе регулирано со закон. Дополнително, на 29 мај годинава, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците. Оваа Уредба им наментува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена“, велат од Телеком.
Оттаму нагласуваат дека регулативата од една страна бара пререгистрација на веќе регистрираните странски канали под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност, ниту пак моќ да го контролираат.
Од Телеком велат дека времените исклучувања ќе почнат на 21 јуни и ќе траат по неколу часа. Ќе се прекине со реемитувањето на сите домашни и странски телевизиски канали, освен јавниот сервис МРТ. Нагласуваат дека одлуката за времени прекини ја поддржуваат операторите, кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.
Има ли решение на овој проблем?
„Операторите
се отворени за соработка и понудија предлог за измена на подзаконските акти, кој доколку се прифати ќе
биде соодветно решение што ќе го превенира потенцијалниот медиумски и
информативен мрак“, нагласуваат од Телеком.
И од А1 Македонија, на нашето прашање зошто мора да дојде до прекин на реемитувањето на телевизиските програми, велат дека, за жал, сите претходни апели упатени до надлежнитете институции за неприменливоста на донесениот Закон, со која на операторите им се наметнуваат неуставни и ретроактини обврски, е спротивен на ЕУ директивите, не донесоа прифатливо решение со кое би се овозможило функционирање во оваа област.
„Со ова сакаме го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност и кај нашите корисници и да укажеме на фактот што доколку не се најде решение по истекот на периодот од 60 дена, на 8 август годинава сите оператори согласно регулативата ќе бидат принудени да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат“, велат од А1 Македонија.
И од оваа компанија потенцираат дека со законските измени на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат, и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Нагласуваат дека реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон.
„Дополнително, оваа ситуација уште повеќе се искомплицира со фактот што Владата на 29 мај годинва, во услови на вонредна состојба, донесе нова Уредба со која не задолжи да извршиме пререгистрација на сите странски телевизиски канали во рок од 60 дена, согласно условите од оспорените измени на Законот“, потенцираат од А1 Македонија.
Нагласуваат дека доколку надлежните институции не реагираат на нивниот протестен допис, во кој нудат конкретна измена на подзаконскките акти во надлежност на ААВМУ, ќе бидат принудени од 21 јуни да започнат со времени прекини во реемитувањето на сите телевизиските програми, во “ударен термин” освен јавниот сервис МРТ, во знак на протест поради неодржливоста на сегашната правна рамка и наметнатите неуставни обврски.
„Предлагаме измена на Упатството за постапката за утврдување на одговорноста за сторена повреда или прекршување при реемитување на програмски сервиси на радиодифузери од друга држава со додавање на соодветна процедура што ќе ја официјализира постапката на затемнување на секоја содржина реемитувана од странски радиодифузер за која национален радиодифузер ќе не извести дека поседува ексклузивни и/или приоритетни права за реемитување на територијата на Р.С. Македонија“, велат од А1 Македонија.
А од Владата, која ги донесе законските измени и уредбата кои сега создаваат проблеми, само кусо ги потсетуваат операторите дека имаат обврска да емитуваат и ги повикуваат да седнат со националните телевизии и да го решат проблемот.
„Операторите имаат обврска за емитување и кон Агенцијата за електронски комуникации и кон гледачите. Особено денес кога се соочуваме со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, кога е неопходно граѓаните да бидат навремено информирани. Апелираме, место да се одлучат за исклучување на програмата, да одвојат време заедно со телевизиите и да го решат овој проблем“, велат за Фактор од Кабинетот на министерот за информатичко општетство и администрација, Дамјан Манчевски.
Од националните телевизии, пак, стојат на својот став дека операторите не смеат, како што велат, неовластено да ги реемитуваат странските ТВ програми, кои ги немаат регулирано авторските права за територијата на нашата држава.
Јани Бојаџи, главен извршен директор на телевизијата Алфа, за Фактор го кажува својот личен став, кој, како што вели, не е и официјален став на Македонската медиумска асоцијација, во која членува и оваа телевизија.
„Мојот став е дека неовластеното дистрибуирање на интелектуалната сопственост е кривично дело, и за него треба да се одговара, а особено тоа не треба да го прават компании чии мајки фирми се во Европската унија и треба да бидат пример и за македонските компании. Таман работа телекомуникациска компанија во ЕУ бесправно да дистрибуира интелектуална сопственост. Такво нешто нема. Јас и самиот сум автор и знам колку боли некој да емитува ваше дело, а за тоа да не ви плаќа. Во земјава најпосле треба да се воспостави ред и да се плаќаат сите авторски права, а доколку некој не поседува права, нека не емитува, или ако емитува, да одговара кривично“, го кажува Бојаџи за Фактор својот личен став.
На нашето прашање дали е коректно кон гледачите да останат без програми во време на крзата со коронавирусот, Бојаџи вели дека сега, токму во време на оваа епидемија, граѓаните можат најпластично да се уверат дек за сите здравствени проблеми во земјава известуваат националните телевизии, а не другите странски канали на кои големите телекомуникациски компании им плаќаат за правата, а на националнте телевизии не им плаќаат ништо.
„Се разбира дека би можел да се постигне договор меѓу телевизиите и операторите, но секој договор подразбира две страни, во кој и двете страни нешто ќе добијат, а нешто ќе отстапат. Во овој момент националните телевизии не добиваат ништо, туку само прават отстапка бесплатно да не емитуваат кабелските оператори“, објаснува Бојаџи.
Првиот човек на „Алсат-М“ телевизија не сака да коментира.
„Јас
не сакам да зборувам за нешто што се однесува за приватен бизнис. И кабелските
оператори, а и ние, сите работиме како приватни субјекти, и немам намера тоа да
го коментирам, бидејќи е неблагодарно да се коментира за приватен бизнис. А
доколку за оваа најава на операторите изградиме заеднички став како Македонска
медиумска асоцијација, ние тоа јавно ќе го објавиме“, вели Лирим
Хајредини, оперативен директор на „Алсат-М“ телевизија.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.