23 Април, 2024
0.0277

Ода на глупоста

Објавено во: Колумни 02 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Слушам од медиумите и се чудам, зарем до таму стигна Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, за да ги следи социјалните мрежи и да поднесува кривични пријави против лица кои објавуваат ксенофобични или заканувачки објави или шират говор на омраза?!
Поступидна задача, во тоа сум убеден, никој, никогаш и никаде во светот не дал на Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика.

Поимот КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ подразбира криминал кој се чини со користење на програмски јазик, преку извонредно познавање на компјутерските мрежи и компјутерски дата бази, со што компјутерот од обичен електронски апарат за постирање по социјалните мрежи, станува високо софистицирана АЛАТКА за навлегување во туѓи компјутерски системи. Тогаш компјутерот може да се користи за инсталирање на т.н. malware и trojan програми или преку man in the middle напади ddos dos и сл. а може да се користи и за mysql injection напади врз дата бази, со кои дејствија во светот се рушат влади, се преземаат чувствителни податоци од сите сфери, од нуклеарната физика до софистицираните офанзивни и одбрамбени технологии кои се вредни милијарди евра и што уште не. 
Кај нас, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, се фатил за ловење "криминалци" кои воопшто не се инкогнити, туку напротив, јавно плукаат по социјалните мрежи врз власта или опозицијата. Разликата меѓу оние што јавно и гласно говорат во Жена парк и овие кои пишуваат на Фејсбук е само во платформата - едните користат дрвена платформа, најчесто клупата на која седат, додека другиве користат онлајн платформа. Платформа си е платформа, дрвена, мермерна или онлајн се едно е, само различна е подлогата на која стојат.
Ако некој се почувствува навреден или загрозен, ако оцени дека некој шири говор на омраза, редот би бил тој лично да појде во најблиската Полициска станица и да го пријави случајот, а не за тоа веленачалството да ангажираат ресурси од калибарот на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, бидејќи тие со тоа немаат апсолутно никаква врска. Тоа е исто како со тешка артилерија да тргнете во лов на врапци.
Се уште се актуелни случувањата околу претседателските избори во САД, каде што гласно се говори за сомненија за вмешаност на странски фактор со упад во информатичкиот систем и сериозно влијание на изборите на кој победи актуелниот претседател. Какви се турбуленции предизвикаа таквите сомнежи и колку обемна истрага се поведе за тоа?! Токму спречувањето на такви упади е примарната задача на тие што го следат компјутерскиот криминал и работат во сферата на дигиталната форензика. 
Дали на веленачалството во МВР има претстава за поимот компјутерски криминал, не им се чини ли дека таквата работа е навреда и потценување на некој што информатички инжињер?! Дали ќе може информатичар, без правно знаење самостојно да оцени која објава е инкриминирана и содржи говор на омраза или претставува ксенофобична содржина?! 
Се кладам дека меѓу началството нема таков, особено после тоа што може јавноста да го слушне, дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднел четири кривични пријави против лица што напишале заканувачки објави и некој ширел говор на омраза...замислете, во МВР, тоа го работат високо образовани информатичари. И не е само тоа, туку и таму, во оценката за тоа што е закана, што говор на омраза има селективност, затоа и нема кривична пријава против еден храбар новинар кој пред неколку месеци повикуваше на убиство на лидерот на опозицијата, тоа пу, пу, не важи за наредбодавците на информатичарите што работат во МВР, за нив сериозна закана е само ако се заканувате некому од позицијата, се друго не претставува криминал и тоа каков - компјутерски криминал?!
Има една народна, разумните од тоа што се срамат, неуките со тоа се фалат, та без срам и без усул преку соопштение МВР ја информира јавноста дека високо стручни кадри, наместо да им ја гарантираат и да обезбедат информатичка заштита на правните субјекти, на економските оператори и на граѓаните, тие читаат Фејсбук, Твитер и Инстаграм објави...срамота за нив, уште поголема срамота за институцијата, во која очигледно е дека веленачалството, од не знаење многу повеќе настојува да остават убав впечаток и да се додвори на своите партиски шефови, отколку да ги подигнат стандардите на полициско работење по Европски терк, за полицијата да стане вистински сервис на граѓаните. 
Тие поаѓајќи од својата информатичка не укост, забораваат дека јавноста е сериозно едуцирана во информатичката сфера, така што со соопштенија до јавноста со кои информираат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднел кривична пријава за објава на Фејсбук, Твитер или Инстаграм, не само што ја девалвираат работата што треба да ја работи тој Сектор, не само што откриваат дека началството информатички е тотално не едуцирано, туку ја запознаваат јавноста дека немаат претстава зошто стварно треба да се користат човечките и материјално техничките ресурси ставени на располагање на институцијата.
За крај, редно е работните места во институциите на државата, вклучително и во МВР да почне да се пополнуваат со стручни, компетентни кадри кои знаат и имаат вистинска претстава за тоа која служба со што треба да се бави; редно е при распределбата на работните места, особено оние највисоките, раководните, да престанат да се мешаат партиските кадровски комисии; редно е наместо лепачи на плакати и партиски финансиери, во институциите да се вработуваат кадри според декларираните критериуми, кадри кои се стручни, компетентни, кадри со интегритет и ќе можат да се спротивстават на нивните не едуцирани (не)партизирани шефови, за кои закон е тоа што е директива од некој што е над нив, а не тоа што е поминато низ легитимна процедура во законодавниот дом на Република Македонија.
Се додека не се воспостави таков систем на именување и назначување на раководители, се додека не се воведе таков систем на вработување во институциите, најголемата државна инвестиција - стручните кадри, ќе заминуваат од Република Македонија со билет во една насока. Тогаш тука ќе си пееме Ода на глупоста, бидејќи ќе нема некој што ќе ги упати тие што ќе останат што значи и какви се можности крие компјутерскиот криминал и дигиталната форензика, така што и натаму ќе се бараат информатичари што ќе седат и ќе читаат објави на Фејсбук, Твитер и Инстаграм...да живее глупоста.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок