21 Септември, 2021
0.0347

ОДГОВОРНОСТА Е СЛОБОДА

Објавено во: Колумни 14 Септември, 2021

Една мудра мисла вели: „Mораме да сфатиме дека сѐ додека не ги правиме правилните работи, правилните работи нема да се случат“. Поминавме недела на голема тага. Огромна несреќа. Во таа насока, изразувам најдлабоко сочувство за настраданите во Тетово. Практично, за нивните души го посветувам писанието, кое, ако се чита, лесно ќе се констатира дека не е економска дискусија.

Во литературата, може да се сретне дека среќата е прилично предвидлива работа или со други зборови, таа е само еден вид на хемија. Од друга страна, пак, смиреноста е друг вид хемија. Затоа, оние кои се определиле да ја истражуваат ваквата проблематика (читај: филозофија), уште многу одамна, знаат дека постои т.н. технологија за внатрешна благосостојба. Малкумина од нас, сме свесни за тоа. Но, оние малкумина други, наречени мудри луѓе, кои имаат желба или копнеж да му се посветат на внатрешниот механизам на човекот, излезот од мизеријата во која опстојуваат, ако може така да се изразам, не го бараат однадвор. Еден пријател од надвор, во контекст на македонската општествена депресија и негативизам, ми вели: „Индивидуите на Вашето општество, не треба да бараат однадвор излез од страдањето. Излез, постои само на еден начин -  а тој е внатре во самите индивидуи (во самите Вас)“. Има многу вистина во ваквата теза. Меѓутоа, проблемот е во тоа што сите ние, луѓето денес, ја изгубивме способноста да ја направиме основната разлика – помеѓу внатрешното и надворешното, помеѓу нашиот начин на постоење и начинот на кој комуницираме со надворешниот свет.

Зборовите „Божја волја“ и „судбина“ секогаш се употребуваат кога станува збор за неволјите на другите луѓе. Практично, судбината стана начин да се справиме со неуспехот или итрина да се помириме со непријатностите. Најголем дел од нас, без оглед дали ќе се согласите или не, својата судбина ја пишуваме несвесно. Моите професори, мудреци од Израел, ми велеа: „Ако владееме со своето физичко тело, најмалку 15 проценти од нашата судбината ќе биде во наши раце. Ако владееме со нашиот ум, 50 проценти од судбината ќе биде во нашите раце. Ако, пак, ја совладаме нашата животна енергија, судбината ќе биде 100 проценти во наши раце“.... Да, убаво кажано од кабалистите, но јас сум на мисла дека најголем дел од нас - луѓето, си го избираме сопствениот живот сосема несвесно. Практично, да се биде свесен или не, за вистинското значење на животот е разликата помеѓу незнаењето и просветленоста (мудроста).

Мојот приватен живот го чувам настрана од мојата работа, која, за жал, бара понекогаш да се настапува и говори јавно, со цел, да се променат некои работи во општеството. Со тоа, секогаш, ама буквално секогаш, во минатото, знаев да насоберам еден куп негативна енергија (па и од надвор во соседството) од членови на т.н. елита со големо его, преку каналите на универзумот (читај: судбина – однекаде и одеднаш ви доаѓа непријатно чувство на негативизам или мала нервоза), а добиена од завист, поради мојот изразен позитивен карактерен темперамент. Во тоа време, таквата состојба ме правеше, понекогаш лут, понекогаш тажен, ама никогаш не ме обземаше со омраза да ги гледам работите околу себе. Иако, ништо не грешев, сепак, јас гледав во себе. Имено, кога ни се случува некакво искушение (страдање, болка, лутина) сите, некако гледаме околу себе - надвор. Бараме виновник или велиме „судбина“, како начин да се справиме со неуспехот или како итрина да се помириме со непријатностите. Тоа, да бидам објективен до крај, беше и моја пракса долго време, пред да навлезам во „АБИТ доба“, а притоа несваќајќи дека единственото нешто што треба да се среди е внатре во мене. Практично, во минатото, често говорев со мудрите Евреи, а тие ќе ми речеа: „Креирањето на судбината значи во континуитет да се движиме кон својата благосостојба, без оглед на содржината на животот околу нас“. Прилично тешко, ќе се согласите, ваквата техника да ја спроведуваме тука дома, во нашето општество. Но, од друга страна, пак, ако се погледне состојбата на Израел – таму се војуваше и опстојуваа негативни ризици во општественото делување, во секаква смисла на зборот (животна, финансиска), и тоа, за целиот овој изминат период, а сепак тие, успеваат во се и за се.   

Во продолжение, поставувам едно големо прашање: Кој е одговорен? Или, попрецизно да го формулираме прашањето, вака: Кој е одговорен за состојбата, во која, како општество сме денес?

Прво, што ми доаѓа на мисла е следново – да се биде целосно одговорен е да се биде сосема свесен. Во контекст на ова, се поставува, уште едно прашање: Што подразбираме под терминот „одговорност“? Би рекол, терминот „одговорност“ од нас граѓанството е многу погрешно сфатен. Имено, тоа не значи да се прифати вина за нештата што сме ги направили или не сме ги направиле. Тоа, според мене не е состојба на континуирана вина за нешто, туку, свесно да одговориме на ситуацијата - да бараме решенија. Во некои меѓународни писанија, може да се сретне тезата - одговорноста е слобода. Ова е така, само и само ако, сфатиме дека сите ние, единките на системот, сме одговорни за сите наши потези во текот на секој еден одминат ден. Имено, ако одговорноста ја сфатиме на овој начин, ние вистински ќе ја имаме слободата (читај: вистински ќе ја осознаеме и практикуваме демократијата). На мисла сум, ќе биде напредок за општеството, ако сфатиме дека нашиот надворешен живот не може да биде под наша контрола, и тоа е факт, но од друга страна, пак, ќе сфатиме дека внатрешниот живот е тој, кој секогаш, во 100 проценти го контролираме самите ние. Во спротивно, бесот, најчесто ни предизвикува неинтелегентна реакција и е самоуништувачки, што, истиот ќе не носи во состојба како денес или во онаа од пред една деценија.   

Знам, сега е време, во кое силно опстојува помеѓу граѓанството, особено кај Македонците, уверувањето дека бесот создава резултати. Имено, за таа цел, потребен е адреналин и еуфорија, кој, се добива како резултат на бес и пркос. ОК. Тоа е легитимно, а може да даде и резултати. Во тој контекст, легендата на револуцијата, Ернесто Гевара, во еден од неговите славни говори, ја кажал следнава реченица: „Ако трепериш од горчина пред секоја неправда ти си мој другар“. Да, тоа е точно, но еден мудрец, во Тел Авив ќе ми рече: „Кога сте гневни станувате едно со групата, но кога не сте гневни, Вие станувате едно со универзумот (Читај: Бог, Создателот)“.  

P.S. Одговорноста, можеби тивко, но таа не води до зборот ЉУБОВ. Тоа е сопствен квалитет на човекот, а не е нешто што го правиме. Ако се обиде човек да сака (без личен бенефит - интерес) во ова општество, по се изгледа, полесно ќе му биде воопшто да не сака. Затоа, се вели - љубовта е сопствен квалитет кој, со помош на друга личност, како засилувач, се отвора и излегува од самата наша внатрешност.  

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Русија избра: Нова Дума за стара политика

Русија избра: Нова Дума за стара политика

Финансиски форум - СЕФФ 2021: Економско заздравување и забрзување на растот по Ковид

Финансиски форум - СЕФФ 2021: Економско заздравување и забрзување на растот по Ковид

Главата на Лукашенко е во руско менгеме

Главата на Лукашенко е во руско менгеме