29 Април, 2024
0.0262

Односи со јавност или реклами?

Објавено во: Колумни 18 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Каков тип на промоција да се избере? Кога да се користат односите со јавност? Зошто се потребни рекламите? Ова се прашања кои често се поставуваат во една компанија или институција, во моментот на подготовка на промотивните активности. Одговорот не е едноставен и пред се зависи од целта која треба да се постигне, буџетот кој го имате на располагање како и достапноста на време. Во меѓувреме комбинирајте односи со јавност и реклами се додека не сте сигурни во изборот. Сеуште се двоумите? Не очајувајте, доколку долго размислувате значи дека работите во добра, успешна компанија, која сака да се развива. Издвојувате средства за промоција, имате дефинирано цели, желба за развој и напредок, потребна ви е само помош околу изборот. Доколку барате совет, внимавајте од кого го барате. Доколку прашувате пријател од медиум, посебно од оддел за маркетинг, дефинитивно дека ќе ви посочи реклами. За новинарот односите со јавност се далеку поефикасни. Сепак најдобро е да прашате некој кој има искуство со двете области, кој има спроведено анализи за повратните ефекти. Имајте на ум дека голем број на луѓе и не го разбираат точно поимот односи со јавност-ПР, не се свесни за неговото значење, функција и суштина. Тоа не се портпароли, пренесувачи на пораки составени од некој друг...туку многу активна, продлабочена, мисловна активност која бара аналитичност и способност за превидување на секоја преземена активност. Еве критериуми кои ќе ви помогнат полесно  да се одлучите. Контролираност на пораката! Основна разлика меѓу односите со јавноста и рекламите е во степенот на контролата. Односите со јавност не гарантираат контролирана порака. Ќе се организира прес конференција, ќе се испрати соопштение, реализира настан, но не можете да бидете сигурни, колку и како ќе биде пренесена вашата порака, каков тоналитет ќе имаат текстовите и ТВ прилозите, и дали воопшто ќе се пренесе пораката. Потреба од влијание! Најголемите огласувачи на македонските ТВ станици, преку медиумскиот закуп си купуваат и влијание врз уредувачката политика на една ТВ куќа! Со тоа се купува покрај простор за реклама и дополнителен канал за влијание врз поширокиот аудиториум, можност за пренесување на пораката, па макар и на субјективен и едностран начин. Големите огласувачи, купуваат рекламен простор и за да го намалат негативното известување за нивната компанија. Во случај доколку имате некои проблеми во работењето, скандал, нешто за што моментално не сакате да ве прашуваат, избегнувајте ПР-изберете контролирана комуникација-реклами. Исто така треба да се има во предвид дека реклманите поради својата креативност, ефективност и комбинација на звук, боја и слика знаат да бидат крајно ефективни и да влезат во подсвеста на потрошувачот. Расположливо време! Доколку имате краток рок, интересна информација од која сите имаат бенефит и сакате инстантна и обемна медиумска покриеност најдобро е да изберете односи со јавност-ПР. Продукцијата на реклами е долг процес, каде се потребни подготовки, дефинирање креативен концепт, одобрување од клиент, па следи план на снимање, кастинг, реализација на снимање, постпродукција, проверка на ефективноста ...а тоа одзема време. ПР-от дава можност за брзо и ефикасно реагирање, за подетално информирање, што не може да се постигне преку рекламата. Односите со јавноста (ПР-от) претставуваат креативен начин на комуникација, преку кој лесно може да се привлече вниманието на јавноста и да се иницира одредена тема од интерес. Буџет! Овој критериум дава најбрз одговор! Односи со јавност ...дефинитивно. Тешко е да се реализира ПР кампања, но сигурно ќе заштедите пари. Во ситуација кога имате мал буџет, а сакате брз и голем ефект, креативноста и кредибилитетот на односите со јавност се приоритет. Секако дека и со правилно медиумско планирање можете со мал буџет да постигнете ефект. Електронските медиуми се најскапи, принтот и интернетот се поефтини. Доколку сте мала компанија, со мали буџети, ПР-от е подобра варијанта. За голема компанија препорачливо е комбинација од двете активности. Должина на траењето на пораката! Рекламните пораки се емитуваат еднаш и исчезнуваат во етерот, додека прес соопштението живее подолго време, објавено е на сајтовите на самите медиуми ( може да се најде во архива, да се излиста на интернет агрегатите итн.), и подолго време се јавува како актуелна информација. Корпорациите исто така своите информации ги ставаат на своите веб сајтови и таму стојат подолго време за секој оној кој го интересира. Сепак, комбинацијата од двете промотивни алтернативи дава најдобри резултати. Рекламите и односите со јавност се компатибилни и кога се координирани даваат најдобри резултати. Во пракса логично е прво да настапува ПР-от како најава, па потоа следи рекламата, а се со цел подолгорочно присуство во медиумите. Во денешно време потрошувачите се исклучително пребирливи, недоверливи и скептични, неретко и цинични во примањето на пораките, и затоа треба да се внимава во начинот на кој се комуницира. Токму поради тоа дискретниот тон на комуникација, кога на потрошувачите им се дава слобода самите да се одлучат при изборот, дава најдобри резултати. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД