28 Март, 2024
0.0403

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Објавено во: Колумни 01 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Односите на Русија со Европската унија како да паднаа во сенка по доаѓањето на Џо Бајден на чело на САД. Иако во меѓувреме имаше директни контакти на руски и европски дипломати, сепак сега работите како да се менуват за разлика од времето на претседателствувањето на Доналд Трамп. Тоа го потврдува и неодамнешната видео конференција на државниот секретар на САД Ентони Блинкен и првиот дипломат на ЕУ Жосеп Борел.

Борел по конференцијата изјави дека отсега дипломатиите на двете страни решиле тесно да ги координираат мерките за спротивставување на Русија и Кина. Според него, во Европа се согласиле да ја гледаат Русија како сосед кој се однесува како противник. „Ние мора да определиме модел за да избегнеме постојана конфронтација со соседите, кои одлучија да постапуваат на негативен начин“, го цитираше дипломатот ТАСС. Двете страни се договориле да им го обезбедат светското лидерство на ЕУ и САД во борбата со пандемијата, економската обнова по неа и унапредување на демократијата во светот. Борел додава дека Брисел и Вашингтон треба да си обезбедат себе си лидерство во распространувањето на човековите права.

Не знам за какви лидерство на ЕУ зборува Борел, но точно е дека Бајден прогласи „Америка се враќа“ во лидерувањето со светот. Засега враќањето го видовме со бомбардирањето на сириската територија на која наводно имало проирански ирачки милиции. Според некои информации загинале 17 луѓе. Како што соопшти првиот човек на Пентагон, Лојд Остин, тоа било направено врз основа на доверливи информации од ирачки разузнавачки извори. Така беше и со државниот секретар Колин Пауел кој мавташе во ОН со епрувета во која имаше „хемиско оружје“, добиена од ирачки „научник“, по што започна  ирачката војна.

АКО САКАШ МИР – ПОДГОТВУВАЈ СЕ ЗА ВОЈНА

Како и да е со Американците, Европјаните тешко дека ќе може да зборуваат за некакво лидерство. Унијата, пред се’, не е она што се мислеше. Пандемијата со коронавирусот покажа дека единството паѓа уште на првото скалило кога треба да се чекори кон заедништво во борбата со коронавирусот. И ден денес, една година по почетокот на пандемијата, во ЕУ 27 членки имаат уште толку различни гледања за начинот и приодот кон коронавирусот. Колку за пример, можеби не 27, но членките не се единствени во поглед на руската вакцина против коронавирусот „Спутњик-V“. Унгарците  ја регистрираа, Хрватите ако треба ќе ја земаат од чеченската мафија, Германците и Австријците ќе сакаат да ја произведуваат, Французите разговараат со Русите на експертско ниво, Полјаците и да „умираат не би зеле руска вакцина“, а да не зборуваме за државите од Балтикот...

Во вакви услови сега треба да се градат односите на ЕУ и Русија. „Ако сакаш мир – подготвувај се за војна“ беше пораката од Москва на намерите на ЕУ да воведува нови санкции кон Русија. Министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, во едно интервју, по средбата со неговиот европски колега Жосеп Борел во Москва,  изјави дека Русија е подготвена и да ги раскине односите со ЕУ, доколку Брисел воведе санкции, кои ќе предизвикаат ризици за чувствителните економски сектори на Русија. „Во случај ако уште еднаш видиме, како што веќе почувствувавме повеќе пати, дека во некои области се воведуваат санкции, кои предизвикуваат ризици за нашата економија, во тие рамки и во најчувствителните сфери, ние не сакаме за се изолираме од светскиот живот, но треба да се биде готов и кон тоа. Сакаш мир – подготвувај се за војна“, изјави Лавров. Санкциите беа најавувани во врска со определувањето на реална затворска казна на Алексеј Наваљни, поради нарушување на законодавството. За ЕУ ова не беше прифатливо, па се закани со санкции. Тие беа воведени пред една недела, но наместо секторски, стана збор за санкции кон поединци, од кои некои веќе се наоѓаат на санкционите листи од САД.

ПОЛИТИЧКИ ЗАТВОРЕНИЦИ

Лутината на Лавров како што беше соопштено на прес конференцијата по средбата со Борел, произлегува од фактот што ЕУ се меша во внатрешните работи на Русија, а не ги гледа нарушувањата на човековите права во своите рамки. Лавров, пред да дојде Борел во Москва, преку дипломатското претставништво во Брисел му испратил едно USB во кое Русите спакувале видеа од демонстрации, реакции на полициите од земјите членки на ЕУ, и од други нарушувања на човековите права. Во разговорите Борел го покренал прашањето за „политичкиот“ затвореник Наваљни, на што му било одговорено со контра прашање за политичките затвореници во неговата Шпанија-каталонските лидери. Па така и немало дијалог на темата Наваљни. Инаку шпанската министерка за надворешни работи, одговарајќи на руската забелешка за затворените каталонски политичари изјави: „Кај нас немаме политички затвореници, имаме затворени политичари“.

Изјавата на шпанската министерка ме потсети на една вистина која ден денес се кажува како анегдота. Во 1986 година меѓу СССР и САД беше организиран еден од првите телевизиски мостови. Во текот на разговорите една американска учесничка прашала:„ ...Кај нас во телевизиските реклами се’ се врти околу сексот. Има ли кај вас таква реклама“?. Советската учесничка одговорила:„Но, секс кај нас...(насмевка) нема и ние сме категорични против него“. Завршувањето на фразата било проследено со смеење и аплаузи. А кога публиката се смирила, друга руска учесничка рекла:„Секс кај нас има, но нема реклами“. Но ден денес останата е фразата „Во СССР нема секс“. Па така и шпанската министерка, парафразирам:„ Кај нас немаме политички затвореници, и ние сме категорично против тоа, ама имаме затворени политичари“.

Изјавата на Лавров беше дочекана на нож во ЕУ. Борел беше нападнат од еден куп парламентарци од ЕУ, иако дојде во Москва со најдобри намери.  По изјавата на Лавров и европските реакции се јави прес секретарот на Владимир Путин, Димитриј Песков. Тој нагласи дека Москва мора да биде подготвена кон непријателски потези од страна на ЕУ, но би сакала да ги развива односите со Унијата. Според Песков, медиумите ја искривиле смислата на изјавата на Лавров, претставувајќи ја без контекст, и правејќи голема грешка со тоа. Тој додаде дека министерот напротив, зборувал за тоа дека Русија не сака да ги раскинува односите со ЕУ. „Ние сакаме да ги развиваме односите со ЕУ. Но ако таа тргне по тој пат, воведување санкции со ризик за руската економија, тогаш, да, ние ќе бидеме подготвени, затоа што треба да се биде подготвен за најлошото. За тоа зборуваше министерот. А смислата ја искривија и го ставија тој сензационален наслов, демек, Русија во најмала рака сама ќе иницира раскинување на односите со ЕУ“, појасни Песков.

СЕОПФАТЕН ДИЈАЛОГ

Фактот дека ЕУ не воведе секторски санкции, туку само кон поединци не значи дека не станало збор и за нив. Но веројатно во дискусиите се извагале сите плусови и минуси од санкциите. И се видело дека односите меѓу Унијата и Русија се на многу ниско ниво. Иако не се на дно, како што се односите на Русија со САД, никој не знае како ќе се развиваат. Најверојатно во наредните неколку години ќе бидат во лер. Но ова нема да се однесува на односите на Русија со одделни земји на ЕУ. И денес има разлика меѓу билатералните односи и односите со ЕУ. На пример соработката со Германија, Франција и Австрија околу изградбата на гасоводот „Северен поток 2“. Или пак економските односи со одделни држави членки на ЕУ, кои и покрај санкциите одат по нагорна линија.  

И самата Унија е поделена околу прашањето на иднината на односите со Русија. „стара Европа“ има еден, а „нова Европа“ сосема друг приод. Ако беа Британците во Унијата тогаш ќе имаше и трет приод. Францускиот претседател Емануел Макрон одамна зборува за дијалог со Русија. Канцеларката Ангела Меркел и германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер се за остра политика кон Русија, но со истовремено водење дијалог.
Неодамна Макрон изјави дека ЕУ и Русија треба да водат дијалог околу контролата над оружјето, исто како и со САД. „Ни треба поширок дијалог за други договори и поредокот во сферата на контролата на оружјето“, изјави Макрон. Франција, според него, би сакала да води сеопфатен дијалог со Русија во интерес на меѓународната стабилност. 

САНКЦИИТЕ НЕ СЕ ВОЛШЕБНО СТАЧЕ

На неодмнашната конференција за безбедност во Минхен зборуваа и Макрон и Меркел. Неизбежни беа и односите со Русија. Меркел повика ЕУ и САД да изработат заедничка стратегија за односите со Русија. Во заедничката трансатлантска агенда во однос на Русија треба да има различни предлози за соработка. И во неа да се одрази неопходноста од јасно назначување, по име, на разликите во мислењата на Западот и Москва. Меркел додаде дека Русија постојано ги вовлекува во хибридни конфликти земјите членки на Унијата. Макрон, пак, се заложи за изградба на нова меѓународна архитектура за безбедност и доверба. А архитектурата за заедничка безбедност треба да вклучува и дијалог со Русија, кој ќе бара многу, но е и предуслов за мир во Европа.

 Односите на Европската Унија и Русија се градат на темелот на договорите склучени во деведесеттите години. Врз основа на нив се одржуваа дури и конференции ЕУ – Русија и постепено Русија се прилагодуваше кон барањата на Унијата.  И се’ така до 2014 година кога поради настаните во Украина беа воведени санкции кон Русија. Оттогаш наваму работите одат само надолу. Меркел вели:„ Што се однесува до суверенитетот и територијалната целосност на Украина последниве години не мрднавме напред. Минскиот процес, иако е дипломатско средство, прогресот во него останува само желба. Некои ја обвинуваат Украина за заглавениот процес, други пак ја обвинуваат Русија. ЕУ би сакала да зборува за Наваљни. Москва никако. Дали ќе има нови санкции, никој не знае. Иако балтичките земји и Полска постојано наоѓаат поводи за предлози. Украина исто така, иако не е членка на ЕУ. Но се покажа дека санкциите сепак не се волшебно стапче кое ќе ја одоброволи Русија да ги почитува европските барања.

Американскиот политиколог, Димитриј Сајнс, смета дека во некои прилики санкциите се полезен инструмент доколку не се наменети за изолирање и ослабување на Русија, туку насочени нејзиниот однос да го направат поеластичен. Русија би сакала укинување или во најмала рака нивно битно омекнување. Таа не може да очекува дека укинувањето на санкциите е можно во отсуство на нејзина заемност. Меѓутоа не треба да се очекува дека при таков приод Москва ќе биде подготвена да прави отстапки со безгрижна надеж дека Запад подоцна ќе и одговори во иста мерка. Тоа сценарио личи на она кое се реализираше за времето на Горбачов. Да се настојува дека Москва би го повторила она, што многумина во Русија го сметаат за погубен и понижувачки приод би значело дека се мешаат саканото со стварното.

НЕПОВРАТНИ ПРОМЕНИ

Според Сајмс при постоење на некое количество прагматизам и жестокост во целост може да се изработи некаква формула, во согласност со која Донбас би бил вратен на Украина за размена за омекнување на санкциите, давање на значајна автономија на тој регион и отказ од претензии за членство на Украина во НАТО.  Алтернатива на ова е останување на тековниот нестабилен статус кво на неопределено време или што е уште полошо, вклучување на Донбас во состав на Русија, ескалација на конфликтот, немири во Украина, и нагло зголемување на нивото на конфронтација со Западот. Што се однесува до притисокот на меѓународната заедница врз Русија околу Наваљни, според Сајмс, тоа само ја зацврстило решеноста на Путин.

Во Русија, според политологот Фјодор Лукјанов, се попопуларно станува гледиштето дека ЕУ влезе во фаза на неповратни промени и веќе никогаш нема да се врати во состојбата од пред 15-20 години. Времето кога ЕУ се очекуваше да стане глобален играч, рамноправен со САД и Кина. Сега вистинските задачи на Европејците се стегање и обнова во рамките на, најверојатно, колективниот Запад, колку што тоа ќе го побараат САД.

Имајќи го сето ова предвид досегашната форма на соработка меѓу ЕУ и Русија како да е изживеана. Таа е стагнантна и мора да се бара нешто ново. Ако во меѓувреме не се случи нешто внатре во ЕУ што може да доведе и до нови непријателства, подигање ѕид меѓу нив тешко дека ќе има. Дури и во Студената војна имаше дијалог меѓу Западот и СССР. Има работи кои не се менуваат. Вековните културно, економски и историски врски не можат да се избришат. Згора на тоа и улогата на геополитиката. Европа си има свои внатрешни проблеми и предизвици. Тоа ние го чувствуваме на наша кожа најдобро. Таа сигурно во наредните десетина години ќе го бара патот на својот иден развој. Меркел е на залез. Макрон ќе сака да стане лидер. Ама прво ќе треба да ја освои Франција. Во отсуство на вистински водач ЕУ може да направи и некоја беља. Фитилот на Првата светска војна не го запалија политичари. А постоеше вкупна атмосфера за пожар. И сега е така. Затоа иднината на ЕУ и Европа во целост, па и пошироко зависи од тоа кој ќе ги земе во раце уздите на управувањето со неа. 

Доколку ЕУ успее да стане вистински обединета во една подолга временска перспектива,тогаш би можело да се зборува и за нов потенцијал за односи со Русија. Можеби предводена од Путин кој  има можност да биде на чело на земјата до 2036 година.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?