27 Ноември, 2024
0.0582

Оffshore банките не се криминални гнезда

Објавено во: Колумни 10 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Што се тоа offshore банки? Како тие банки фунционираат во праксата? Дали нивното работење е покриено со превезот на тајноста како што се верува од обичните луѓе? Дали вратите на овие банки се отворени за сите, или пак, само политичари, бизнисмени и луѓе чие богатство се изразува во милијарди долари можат да станат клиенти на offshore банките?

Деновиве угледниот Гуардиан излезе со информација која одекна како бомба во деловниот свет. Објави имиња на богатите и славните кои своите пари ги насочиле на дестинации што по својата убавина и егзотика се нарекуваат рај на земјата. На тие дестинации, покрај рајот за очи и душа, постои уште еден рај. Тоа е финансискиот рај. Заслугата за создавањето на финансискиот рај, пред се, им припаѓа на offshore банките.

Како настанал поимот offshore? Овој поим потекнува од локацијата на Каналските Острови кои и припаѓаат на Велика Британија, но физички се одвоени од нејзиното крајбрежје (или, што би се рекло на англиски, тие се offshore). Покрај на Каналските Острови, offshore банки можат да се сретнат и на низа други острови на Карибите или Индискиот и Тихиот Океан, но и во земји кои немаат никакви допирни точки со морињата и океаните. Типичен пример за тоа се Швајцарија, Луксембург или Андора. Што се крие под поимот offshore банка? Во суштина тоа е банка која прибира депозити од странски државјани, нејзиното седиште се наоѓа во земја која претставува даночен рај и истата обезбедува голем број на финансиски и правни привилегии за своите клиенти. Offshore банките многу често се врзуваат со сивата економија, даночната евазија, анонимните (шифрираните) сметки, перењето пари и сл. Со оглед на тоа што работењето на овој вид на финансиски институции обично е заштитено со концептот на банкарската тајна, мистеријата за нивните активности уште долго време ќе биде присутна. Во кои земји обично се формираат offshore банки? Обично тоа се земји кои што немаат договори за размена на даночни податоци со други држави, лесно и брзо се основаат нови претпријатија, постојат одлични електронски комуникации, како национална валута обично се користи некоја од “главните” светски валути – американскиот долар или еврото и постои голем степен на зависност на земјата од секторот на финансиски услуги. Доверливоста е на исклучително високо ниво, а девизна контрола не постои. Самите offshore банки на своите клиенти им нудат пристап до стабилни политички и економски системи. Поради големиот степен на банкарска дерегулација, овие банки можат да работат со ниски трошоци, а на клиентите да им понудат повисоки каматни стапки за нивните заштеди, отколку што е тоа случај во домицилните земји на тие клиенти. Фактот што приходот од заштедите, односно каматата не се оданочува ги прави овие банки поконкурентни во однос на другите банки во светот. Посебен интерес привлекуваат анонимните (шифрираните) сметки кои, на некој начин, претставуваат “заштитен знак” на offshore банките. Идентитетот на сопственикот на анонимна сметка се чува во тајност од страна на банката. Најчесто вакви сметки се отвораат од страна на лица кои не сакаат да платат данок во матичната земја или настојуваат да го скријат потеклото на своите пари. Во борбата за поголем број на клиенти, некои банки кои отвораат анонимни сметки дури и престанаа да бараат одреден депозит како минимум при воспоставување на деловен однос.Сепак треба да се истакне дека во денешно време и анонимните сметки не се целосно анонимни. Сопствениците на тие сметки можат да бидат откриени од страна на банката на трети лица врз основа на судски налог, посебно кога се работи за откривање на банкарска измама или даночна евазија. Offshore банките имаат позитивна улога во развојот на земјите каде што се лоцирани. Овие банки, заедно со туризмот, служат како движечка сила на островските земји. Привлекуваат странски инвестиции и креираат поголем економски развој. На некој начин, вршат реалокација на финансиската моќ од развиените земји во земјите во развој. Географски гледано, поголемиот дел од offshore дестинациите се доста оддалечени од Европа. Посетата на тие дестинации е скапа, па затоа најчесто се отвораат сметки без физичко присуство на клиентот. Деловниот однос се воспоставува преку интернет, а во одредени ситуации (за да не се остави пишана трага) и преку телефон. Обично offshore сметки отвораат богати луѓе кои имаат интерес своите пари да ги насочат надвор од нивните матични земји. Offshore банкарството опфаќа значаен дел од меѓународниот финансиски систем. Експертите веруваат дека половината од светските текови на капитал се одвиваат преку offshore финансиските центри. Во земјите кои имаат третман на даночен рај живее околу 1,2% од населението во светот, а тие земји поседуваат 26% од светското богатство. Се проценува дека од 13 до 20 илјади милијарди фунти се насочени на offshore сметки во светот. Каков ефект ќе има написот на Гуардиан и она што во моментов се нарекува финансиски њикилеакс врз offshore банките? Да почекаме уште малку, па сите заедно ќе го добиеме одговорот.   д-р Гоце Трајковски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.