Охрид подготвен за големиот празник Водици
Објавено во: Македонија 18 Јануари, 2018
Во Охрид се е подготвено за Богојавленскиот водосвет, најмасовната верска манифестација во земјата - традиционалното фрлање на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро.
Самата манифестација ќе биде поделена на два дела и тоа оној верскиот што согласно православните начела го организира и спроведува Дебарско-кичевската епархија при МПЦ и на граѓански дел што го организира Општина Охрид, а се однесува на сите пропратни содржини наменети за збогатување на самиот настан за да мине во најдобар ред.
Верскиот дел од настанот почнува со утрински богослужби во сите парохиски цркви во 7 часот. Од 8:30 треба да започне светата литургија, по што литиите поаѓаат кон Градското пристаниште во Охрид каде во 10 часот ќе се спроведе осветувањето на водата и фрлањето на Чесниот крст во езерото. И оваа година точно на пладне на Сараиште ќе се одржи масовно крштевање во осветените води на Охридското Езеро.
Од Општина Охрид соопштија дека се е подготвено за утрешниот празник и самата манифестација, централното градско подррачје е украсено согласно православните традиции. Расчистен е и просторот каде ќе дојдат верниците, како и самиот дел од крајбрежјето и дното на езерото каде ќе влегуват оние што ќе се обидат да го фатат крстот.