30 Април, 2024
0.0257

Она што со упад започнува, со упад мора да заврши (во одбрана на философот)  

Објавено во: Колумни 22 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Деновиве во еден од домашните, дневни весници налетав на еден наслов кој беше делумна провокација за оваа колумна. Поточно, Дневник од 17.09.2015 година има една вест-анализа со следниов наслов Филозоф ни го напиша Законот за паралелно Јавно обвинителство. Во овој текст авторот тенденциозно сака да го омаловажи како философот, така и новиот Закон за Специјален јавен обвинител. Имено, од фактот што Питер Ван Хуит е дипломиран философ на Институтот за философија и религија во Лувен, Белгија, авторката извлекува заклучок дека тоа е скандал без преседан, или како што вели - „скандалите немаат крај“! Во превод: како тоа философот си дозволува да пишува закон кога тој не е правник, па згора на тоа и закон со кој се востпоставува паралелно обвинителство. Во принцип, избегнувам да коментирам на дневно-политичка основа, оти тоа се дребности кои философот не го интересираат, но во случајов морам да притекнам во помош на колегата. Оти философите се каста, тие се витези кои имаат положено заклетва дека ќе ја бранат честа и достоинството на своите членови. Во таа смисла сакам да се осврнам на двете поенти на овој текст од Дневник, кои имплицитно се содржани во него: 1.философот не може да се меша во правото и 2.„паралелноста“ на новиот закон за СЈО. Прво, за првото. И тоа прво – на философот никој, никогаш не му го дава правото да зборува или да се „меша“ во нешто – тој сам си го зема. Или уште поточно – нему тоа право му припаѓа. Така што, Питер само си го земал тоа што по природата на неговата суштина му припаѓа. Второ, нека ми простат колегите и пријатели правници кои високо ги ценам, но ако во правото и има нешто наука, тогаш тоа е философијата на правото, сето останато се позитивни прописи кои се само условени и релативни токму во однос на таа философија на право. Толку за правото на философот да биде правник. Сега одиме на втората поента – „паралелноста“ на Законот за СЈО. Тој рефрен деновиве доаѓа од многу страни – дека новиот Закон за СЈО е упад во правниот систем на РМ! Точно! Овој закон не е само своевиден lex specialis, туку тој директно ги подрива темелите на правниот поредок. СЈО претставува упад во уставниот систем, кој почива на начелата на единственост, хиерархија и субординираност. Секој устав мора да ги почитува овие научно-методолошки и философски претпоставки, ако сака воопшто да произведе правен поредок, т.е. да создаде единство на правните норми и човековото однесување по тие норми во конкретното општество во даден историски момент. Овој нов Закон за СЈО во голема мера директно оди наспроти прокламираните принципи – се мешаат надлежности, се преклопуваат надлежности, се одземаат надлежности...голем дел од сегашните ингеренции на ЈО се преземаат ексклузивно во новиот Закон за СЈО....со еден збор, се создава паралелен систем. Во таа смисла, новиот Закон за СЈО не може да се третира како lex specialis, затоа што секој lex specialis, е „специјален“, но не и наспроти погоре наведените принципи кои од уставот и поредокот чинат една кохерентна целина. Не, овој закон во својата суштина не е lex specialis, овој е закон по повод состојба на исклучок/вонредна состојба. И ова не е ново – и во теоријата и во праксата тоа е познато. Уште Карл Шмит зборуваше за Ausnahmezustand/State of emergency – вонредна состојба која му овозможува на суверенот да го трансцендира правото во име на поголемо добро. На овие тези се надоврза италијанскиот философ на правото Giorgio Agamben, во книгата State of Exception, каде оваа состојба добива солидна теориска втемеленост. Толку и за правната аргументација против овој референ дека новиот Закон за СЈО претставувал паралелен систем и како таков го уривал уставниот поредок на државата. Сега за тоа што философот суштински знае, од што и произлегол таков закон за СЈО. Философот знае – дека она што упад започнало, со упад мора да се реши! Овој закон е резултат на еден упад – упад во безбедносниот систем на државата и негова злоупотреба. А тој упад во безбедносниот систем, пак од своја страна претставува само кулминација од упадот во севкупниот систем што систематски ни се случува во изминатите девет години. Јас верувам во еволуција, во тоа дека секој поединец, систем, заедница...се подложни на закони на иманентен развој, а дека интервенцијата од надвор, треба да биде само во насока да се поддржи и стимулира тој развој. Тие веруваа во упад и девет години упаѓаа – во здравство, во школство, во судство...И симболички и физички упаѓаа како каубојци, па ги фаќаа докторите де на спиење, де на пушење....До толку веруваа дека пред нив сè било предисторија, што историјата може да се изгради единствено со упад, дека системот што го затекнаа нема внатрешни потенцијали за еволуција и саморазвој...и затоа упаѓаа! Во резултат - актуелниот квазисистем ни е резултат на упад! Кулминација на тој упад е злоупотребата на безбедносните потенцијали. И таков квазисистем, абортиран, мртвороден систем нема во него потенцијал за трансформација, тој не се менува сам од себе. Тоа е нон-сенс! Еден квазисистем кој е резултат на упад, се менува само со упад! Ете, тоа го знае философот, што веројатно не го знаат другите! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД