19 Март, 2024
0.0266

ООН ќе ги истражува ксенофобијата и расната дискриминација на Крим

Објавено во: Колумни 28 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Асоцијацијата за реинтеграција на Крим („АРК“) презентираше посебен извештај за прашалникот пред Специјалниот известувач на ООН за современи форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзаната со нив нетолеранција, професорката Е. Тендаји Ачуме, за нејзиниот иден извештај за борбата против величењето на нацизмот, неонацизмот и други соодветни практики. Презентацијата на „АРК“ беше посветена на ситуацијата на систематското кршење на човековите права од страна на Русија на Крим во рамките на руската политика на таканаречената „борба против екстремизмот и тероризмот“ и потхранувањето од страна на руските „власти“ на современи форми на расна дискриминација, ксенофобија и поврзаната со нив нетолеранција кон етничките Украинци и Кримските Татари на Крим.

„АРК„ ја потсети професорката Ачуме дека кршењето на човековите права на Крим сега се разгледува во меѓународните судови, вклучувајќи го Меѓународниот суд на правдата (случај 166 Украина против Русија) и Европскиот суд за човекови права (случај 20958/14 и други). Притоа, Меѓународниот суд на правдата во случајот 166 го испитува имено проблемот со кршењето на Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација од страна на руските „власти“, како ограничувањето на образованието на украинскиот и кримско-татарскиот јазик на Крим, „забранувањето“ на Мејлисот на кримско-татарскиот народ и користењето говор на омраза против Украинците и Кримските Татари во „официјалните“ и контролираните од страна на Русија медиуми на Крим.

„АРК“ и укажа на Специјалниот известувач на ООН дека Русија ги користи механизмите на „спротивставување на екстремизмот“ и „спротивставување на идеологијата на тероризмот“ за да ги дискриминира етничките Украинци и Кримските Татари. По окупацијата на Крим во 2014 година, Русија, кршејќи ги барањата од член 64 од Конвенцијата за заштита на цивилите за време на војната во 1949 година, го прошири сопственото кривично и административно законодавство на окупираните територии. Овој закон ги содржи гореспоменатите концепти на „спротивставување на екстремизмот“ и „спротивставување на идеологијата на тероризмот“.

Презентацијата на „АРК“ во ООН докажува дека руските „власти“ активно ги користат обвинувањата за екстремизам за прогонување на неистомислениците, особено Кримските Татари и Украинците, кои се противат на окупацијата или припаѓаат на етнички традиционални верски заедници. Самиот факт на постоење во кривичното законодавство на Русија на такви концепти како „екстремизам“ и „идеологија на тероризам“ и нивно користење од страна на руските казнени структури и „судовите“ на Крим за кршење на правата на Кримските Татари и Украинците по етничка основа стана модерна форма на расна дискриминација, ксенофобија и поврзаната со нив нетолеранција како дел од „официјалната политика“ на Русија. Покрај тоа, овој руски концепт за „спротивставување на екстремизмот“ не постои во меѓународното кривично право и во кривичното право на демократските земји.

Асоцијацијата забележа дека екстремно широките концепти на „екстремизам“ и „идеологија на тероризам“ во руското кривично право признаваат практично неограничено толкување, што не може, а да не доведе до аналогии со озлогласениот член 58 од сталинистичкиот кривичен законик од советската ера. Терминот „контрареволуционерна активност“ беше заменет во Русија со термините „екстремистичка активност“ и „идеологија на тероризам“, додека терминот „непријател на работниците“ беше заменет со „екстремист“. Сепак, идеологијата на креаторите на овие норми, насочена кон обезбедување на неограничено државно самоволие во однос на секој кого властите може да го сметаат за свој непријател, остана непроменета. Во нашиот извештај до ООН беше забележано дека со оглед на тоа што ксенофобијата и расната дискриминација се дел од руската „државна политика“ во окупираниот Крим, Русија нема потреба да ги поддржува „приватните“ таму неонацисти и скинхед групи. Но, од 2014 година, руските казнени власти активно ги користеа единиците „Кримска самоодбрана“ и „Кримски козаци“ на Крим за да им се закануваат, мачат и убиваат активисти кои припаѓаат на Кримските Татари и етничките Украинци. Посочивме дека сега истите тие шовинистички и ксенофобични структури на „Кримска самоодбрана“ и „Кримски Козаци“ се директно поддржани од руските „власти“ на Крим, дека тие станаа дел од казнениот режим создаден на полуостровот.

„АРК“ покажува дека руските „власти“ создаваат основа за соодветни негативни инциденти и манифестации против Кримските Татари и Украинците, притоа грубо кршејќи ги меѓународните обврски на Русија за човековите права, особено членот 4 од Меѓународната конвенција за елиминација на расната дискриминација. Овие „органи“ емитуваат говор на омраза и поттикнуваат насилство засновано на наводна „расна супериорност“ и омраза кон етничките Кримски Татари и Украинците. Овој говор на омраза го шират блогерите, „официјалните лица“ и медиумите, контролирани од Русија, како „Кримскаја правда“ и слични. И нагласивме на Известувачот на ООН, истовремено Русија ја објавува својата „борба против фашизмот“, но со клучен услов - таквиот „фашизам“, како што тврди руската пропаганда, е модерна карактеристика на демократските постсоветски држави, особено Грузија, Латвија, Литванија, Молдавија, Украина, Естонија, кои се борат против руската колонизација, шовинизмот и империјализмот. Затоа, нашата Асоцијација ја покани Специјалниот известувач во Украина, вклучувајќи го и Крим, што ќе го олесни собирањето на информации и ќе и овозможи на професорката Ачумеод прва рака да добие впечаток за состојбата во регионот.

Автор

Здружение на Украинци во Р. С. Македонија

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?