19 Април, 2024
0.0305

Опасно ли е опозиционер да пие чај во Русија?

Објавено во: Колумни 31 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Алексеј Наваљни после сите досегашни премрежија во конфронтацијата со власта во Русија и поедници, олигарси и политичари, во моментов е соочен со најновото. Нему му се слоши во авион на пат за Москва, по што авионот слета во Омск. Таму падна во кома. Лекарите кои се бореа за неговиот живот му ја стабилизираа состојбата, но таа остана критична. Поради тоа и по настојување на голем број западни политичари со специјален авион беше префрлен во Берлин. Првото соопштение на лекарите од клиниката „Шарите“ беше дека „најверојатно се работи за труење“. Последното нивно соопштение вели дека „симптомите од труењето слабеат, но тој се уште е во кома“. И додаваат дека „неговата состојба е сериозна, но стабилна и дека нема закана за неговиот живот“.

Во првите часови по веста за влошувањето на состојбата на Наваљни се проширија „сознанија“ дека најверојатно е отруен при пиењето чај на аеродромот во Томск. Патем ова не е прв здравствен инциден со Наваљни. Еднаш во затвор доби алергија, а и тогаш имаше сомневања дека е отруен. Судбината на Наваљни како да му предрекла дека ќе биде противник на корумпираните власти и нивните подлизурковци, олигарсите и политичките противници . И дека во борбата со нив нема да му биде лесно. Дека ќе го апсат, дека ќе го судат, дека ќе му забрануваат да се кандидира на избори, дека ќе биде физички малтретиран. И така со години. Европскиот суд за човекови права има донесено пресуди за шест негови жалби против Русија. Сите шест се во негова полза и во висина од 225 илјади евра.

Алексеј Наваљни може да се смета за L'enfant terrible во руската политика. Не го сака власта, не го сакаат олигарсите, не го сакаат дури и некои опозиционери и либерали. Зошто? Затоа што на сите има ја кажува вистината за нивното коруптивно однесување. Било во политиката, било во клиентелизмот. Тој има најлоши зборови за партијата на Путин „Единствена Русија“. Таа, според него, е легло на лажговци и крадци. Наваљни не се плаши да оди на протести и е во првите редови. Шета низ цела Русија и агитира за опозиционерите на локални  или парламентарни избори. И ден денес ги подржува луѓето што протестираат во Русија. Противниците на Навални го обвинуваат дека добива поддршка од Западот, за да работи за смена на режимот во Русија. Му го блокираа интернет пристапот до неговата страница, два пати е осудуван на условни казни од по неколку години. Поради една од нив не можеше да учествува на изборите за претседател во 2018 година. А толку има мечта да му биде противкандидат на Владимир Путин.

Очигледно за такво нешто тој ќе мора да ја чека 2024 година, се разбира ако го помине читав и последново премреже. И ако Путин не се „уплаши“ од него, па да се откаже од трката по уште еден претседателски мандат. И секако ако му дозволат да учествува на такви избори, да ја регистрира партијата и да може да одржува митинзи. Наваљни, колку и да не го сакаат, е единствената политичка фигура која нешто значи во опозицијата, онаа која што не е блиска до системот. Либералите на Владимир Жириновски или комунистите на Генадиј Зјуганов, на пример. Во Русија има и други опозициони групи, но нема единство во опозицијата која што не е дел од системот. Лидерските амбиции си го прават своето, а опозицијата останува распарчена. И во таква опозиција најголем е Наваљни. Иако тие го обвинуваат за автократија и нетрпеливост кон противниците. Тој пред некоја година ги проба силите на изборите за градоначалник на Москва, освои скоро 30 проценти од гласовите, но не можеше да направи ништо повеќе против системскиот кандидат Сергеј Собјанин.

Веројатно тоа искуство му даде сила уште повеќе да се бори против корупцијата. Да вади случаи на незконско богатење на луѓето околу Путин. Олигарси и политичари. А врв беше филмот за корумпираниот премиер Димитриј Медведев. Тоа беше голем удар и за довербата на граѓаните кон Путин, врз неговиот рејтинг, па не може да се исклучи дека смената на Медведев, лани, не е продукт, меѓу другото, и на истрагата на Наваљни за корумпираноста на рускиот премиер. Ваквите истраги на Наваљни му носат еден куп непријатели. А од друга страна му носат и популарност, пред се кај младите. Но системот, во кој се вклучени и медиуми, не дозволува неговата активност да се раскрили. Ако е познат или го ценат во Москва и Санкт Петербург, тоа не е случај низ Русија, каде што стегите на системот се уште посилни.

И во такви услови сега да се бара кој го отрул Наваљни, доколку навистина е отруен, е невозможна работа. Официјален Кремљ му посака побрзо оздравување. Таму ниту името не сакаат да му го споменат. Дури и Путин кога зборува за Наваљни не сака да го спомене по име. Можеби се работи за потсвесен отпор кон човек кој може да биде закана за твојата државничка работа. Димитриј Песков пред некој ден одговарајќи на прашање: „Дали во Кремљ се загрижени дека сегашната ситуација на некој начин може да ги влоши односите на Русија со големите западни држави“, кои побараа да се најдат и да се казнат виновниците за евентуалното труење, одговори дека и Русија сака да ги открие причините што се случило со болниот( и тој не го споменува Наваљни по име или презиме). “Разните избрзани формулации, кои се користат за сметка на тоа дека со голема веројатност се работи за труење.., ние кон тоа сме трпеливи, но категорично не се согласуваме во сегашниот стадиум. Треба да се најде отровот. Како може да зборуваме за труење, кога го немаме отровот“, им рече Песков на новинарите.

И додека Песков чека странците да го најдат отровот во Русија владее скептицизам дека ќе се најдат и ќе се казнат виновниците за евентуалното труење. Официјално, се води истрага, под дрво и под камен, ама засега ништо не зборува дека Наваљни бил отруен. И покрај тоа што специјалните служби го следеле цело време при неговиот престој во Томск. А пропо, специјалните служби, Михаил Рубин, поранешен новинар, вели: „Во Русија е создаден цел систем за државно спротивставување на еден човек – најпознатиот опозиционер политичар Алексеј Наваљни. Во тој систем вклучени се небаре сите државни и поврзани со државата институции – Кремљ, Федералната служба за безбедност, МВР, губернатори, телевизии и нивни многубројни подизведувачи во сенка. Тој систем чини огромни пари, од кои најглем дел се трошат „црно“.“

Затоа и не чуди што весникот „Московски комсомолец“ се пофали дека ја разјасниле целата маршрута на наваљни во Томск, се до неговото труење. Се разбира изворите се од полицијата. Таа цело време го следела Наваљни, со што се потврдуваат зборовите на Рубин за системот за отпор кон Наваљни.  Па така весникот кажува дека Наваљни прво бил неколку денови во Новосибирск. Па оттука дошол со соработници со автомобили во Томск. Цело време тие биле следени од полицијата. Па се кажува каде отседнале во Томск, како се однесувале конспиративно, па што правеле, што јаделе, пиеле, па ги проверувале трансакциските картичките со кои плаќале, ги нашле продавниците, да видат дали купувале алкохол. Се покажало Наваљни и соработниците трошеле за сокови и води.  Па потоа како се однесувале сите тие во градот, каде се шетале, каде се капеле, со кого се среќавале, кој ги придружувал, што јаделе...И така се до аеродромот и авионот. Тука приказната завршува. Изворите на весникот се сомневаат дека токму таму, можело да има труење, доколку било такво нешто. Приказна за неверување. Ги следеле од Новосибирск до Томск, во Томск, а ги оставиле без присмотра да пијат чај на аеродромот и во авионот! Истрагата, според весникот, која сега се води, ќе ги даде резултатите во наредните денови, а можеби и месеци.

Би рекле, можеби и никогаш. Бидејќи и некои досегашни труења и убиства на противници на власта не се истражени до крај, ниту се знаат извршителите. А за некои, иако се знаат извршителите не се знаат нарачателите. „Наваљни не може да смета на праведно правосудство и рутинска заштита од страна на државата. Системот него го смета за клетка од рак и постепено го труе, создавајќи неиздржлии услови за живот, во тие рамки и за неговите роднини и соработници. Оттука не треба да се очекува целосна истрага – режимот нема да се вложува во барањето одговори, дури и злосторството да било направено од маргиналци“, вели Татјана Становаја од Карнеги фондацијата.

Во очекување на резултатите од Берлин, може со сигурност да се каже дека Путин не нарачувал труење или пак убиство на Наваљни. За Кремљ тој беше добродојден како вреќа за боксирање. Удирај го колку што можеш. Што можеби беше знак дека такво нешто, а и полошо можат да прават  луѓе и од клептократската дружба. Но за Запад Наваљни е лидер на вистинската опозиција во Русија. И доколку се најде некаков отров, тогаш ќе се повтори санкционата спирала од случајот со труењето на таткото и ќерката Скрипаљ во Британија. А тоа е најмалку што и е потребно на Русија во моментов. Особено имајќи ги предвид настаните во Белорусија и нивниот развој.

А на опозиционерите, оние кои се под присмотра, може да им се препорача да не пијат чај. Барем во догледно време.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок