Добивај вести на Viber
Во голема акција која ноќеска се спроведе во 7 градови, уапсени се 12 лица во рамки на операцијата „Диригент“ поради нелегална трговија со наркотици. Акцијата е спроведена во соработка со германската служба за борба против дрога, а три лица се во бегство, додека едно е во затвор од вкупно шестнаесетмина осомничени. Тие се товарат за продажба на дрога и перење пари и во Македонија и во Германија.
Шестмина се посочуваат како директно инволвирани во недозволена трговија со наркотици, главно со хероин, останатите 10 пак се сомничат за кривично дело перење пари.
„Сеуште течат претресите со судска наредба, а дополнително треба да следат и проверки во фирмите за кои постојат индиции дека биле користени при извршувањето на кривичното дело перење пари, односно при ставањето во легален промет на парите кои биле заработени од незаконска препродажба на наркотици на улиците во Франкфурт и потоа трансферирани во Македонија.“изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски.
Засега не се открива колку пари се заработени и испрани од продажбата на наркотици. Акција денеска е спроведена и во Франкфурт каде приведени се 35 лица од кои 19 македонски државјани. Тие биле членови на три криминални групи кои функционирале координирано во Франкфурт.
Од 2009 досега, во рамките на акцијата „Диригент“, приведени над 4оо лица, од кои 60–тина македонски државјани.