Добивај вести на Viber
Власта обвинува дека Жерновски ја користи општината за корупција, опозицијата пак враќа дека ВМРО ДПМНЕ на ефтин и трагикомичен начин сака да го одврати вниманието на јавноста од воведувањето на полицискиот час во Скопје.
На прес конференција денесна ВМРО-вските советници од општина Центар обвинија дека градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски ја започна својата офанзива за злоупотреба на општината за свои корупциски интереси. Советничката Даниела Рангелова го повика градоначалникот да предлага законски одлуки, бидејќи според неа, предложениот дневен ред вчера го надополнил со предлог - одлука за набавка на неколку машини за одржување чистота.
„Прво, тој може, доколку има средства во Буџетот предвидени за таа намена и сам, без одлука на Советот да распише јавна набавка, но тоа не го прави знаејќи и самиот дека влегува во сомнителна постапка, а одлуката на Советот ќе ја користи како покритие за своето сомнително и коруптивно однесување“, рече Рангелова.
Рангелова додава дека во прилог на Предлог - одлуката, е доставена техничка спецификација за набавка на машината со специфични и конкретни карактеристики што укажува на планирано фаворизирање на одреден тип на производ, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
Фактот дека Жерновски ова го прави преку ред и по вонредни и брзи постапки, за ВМРО-ДПМНЕ зборува дека сака оваа набавка да ја скрие зад таканаречената борба за спас на петте дрва.
Од Општина Центар пак ваквите обвинувања ги нарекоа ефтин и трагикомичен обид да се одврати вниманието на јавноста од воведувањето на полицискиот час во Скопје и на несразмерно големата полициска интервенција пред Бристол, додека граѓаните се жалат дека полицијата останува во центарот на Скопје. Набавките во општината се прават согласно законот, стои во соопштението на Центар.
„ВМРО – ДПМНЕ има најмалку право да обвинува за сомнителни набавки и тендери бидејќи ако во Македонија некој знае како се спроведуваат наместени, незаконски и фамилијарни тендери тогаш тоа е актуелната власт на чело со ВМРО – ДПМНЕ“, посочуваат од општината.
Оттаму додаваат дека со противењето на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ јасно се покажува дека советниците не се заинтересирани за одржување на чистотата и за еколошките проблеми на општината.
„Разлика во јавните набавки што ги спроведува актуелното раководство во Општина Центар и јавните набавки на ВМРО – ДПМНЕ се разликуваат, а тоа го потврдуваат многуте матни тендери. Набавката на автобусите е пример за наместен тендер. Советниците од ВМРО – ДПМНЕ можат да ја прашаат министерката Гордана Јанкуловска како течеше набавката на автомобилите за полицијата која и самите ја поништија поради незаконитоста во постапката и наводниот хакерски упад за да може тендерот да го добие фирмата која тие ја сакаа“, стои во реакцијата од Центар.