Добивај вести на Viber
Во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги, финансиран од Светска банка, министерството за финансии и додели грант од 1.220.000 денари на општина Вевчани за изградба на пристапен пат до новоизграденото училиште “Страшо Пинџур”.
Со изградбата на пристапниот пат до објектот, тој ќе се поврзе со асфалтниот пат во општината, што ќе овозможи од септември годинава да се пушти во употреба новото училиште во кое ќе учат 250 ученици од прво до деветто одделение.
Инаку од 2006 година до сега, наставата се одвиваше во општинската зграда во Вевчани, каде просторот не ги задоволуваше критериумите за водење настава. Пред 2006 година наставата во Вевчани се одвиваше во училиште изградено уште во 1945 година, кое поради дотраеност и статички проблеми итно мораше да се напушти, бидејќи претставуваше опасност за безбедноста на учесниците во наставата.
Вкупниот фонд на Проектот за подобрување на општински услуги изнесува 56,1 милиони евра. Тој започна со имплементација во август 2009 година, а ќе трае до ноември 2017 година.
Досега 41 општина изразија интерес за учество во проектот, од кои 28 имаат склучено по еден или повеќе договори за под-заем со Министерството за финансии и имаат започнато со имплементација на своите проекти, додека останатите 13 општини се во постапка на подготовка на проектна документација.