19 Март, 2024
0.0252

Орелот и мечката ќе преговараат во близина на змејот

Објавено во: Колумни 14 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Женева од денес ќе биде под опсадна состојба, која ќе кулминира во среда. Во предвечерието на самитот на врвот меѓу САД и Русија во градот ќе врие од полиција. Но и војници кои ќе бидат на аеродромот и на границите на кантонот. Како што се пренесува од таму, секоја од делегациите на самитот, американската и руската ќе бројат од 600 до 800 луѓе!

Во две вили, блиску една до друга, привршуваат работите за прием на гостите, претседателите, на САД Џо Бајден и на Русија Владимир Путин. Вилата во која се сретнаа во 1985 година американскиот претседател Роналд Реган и генералниот секретар на Комунистичката партија на Советскиот сојуз, Михаил Горбачов и кога започна крајот на „студената војна“, денес е сопственост на кинеската држава! Мала симболика. Во Женева орелот и мечката ќе преговараат во близина на змејот.

Денес сме на прагот на нова „студена војна“, иако некои сметаат дека не е така. Дека таа всушност веќе се води, ако се гледаат постапките на Американците и Русите. Со една голема разлика. Сега нема два хегемона. Источен и западен блок. Сега светот е веќе загазен во водите на повеќеполарноста, тука е и Кина. Американците се обидуваат да си ја вратат старата слава. Тоа го кажа и Бајден во неговата статија во „Вашингтон пост“ пред некој ден, кога најави дека доаѓа во Европа „со цел да се возобноват обврските на Америка пред нашите сојузници и партнери, а исто така за демонстрирање на способностите на демократијата да одговори на предизвиците и да ги одвраќа заканите на новата епоха“. За некои видови закана „САД мора да го водат светот од позиција на сила“. Тука е и „спротивставувањето на штетните активности на владите на Русија и Кина“, напиша Бајден во весникот. 

ЦРВЕНИ ЛИНИИ

Џо Бајден денес и утре ќе биде во Брисел. Ќе учествува на самитот на НАТО и ќе има средба со лидерите на членките на ЕУ. Сигурно и од едниот и од другиот собир ќе бидат упатени пораки до Русија и до Кина, како што се случи по самитот на Г-7 во Британија вчера. Но тоа нема да влијае многу на разговорите што ќе ги има со Путин. Русите во моментов не може ништо да ги изненади. Лицитациите со она што ќе се разговара во Женева се завршени. Исто така и црвените линии се поставени.

Во веќе споменатиот текст во „Вашингтон пост“, покрај фразата дека не сакаат конфликт, туку сакаат со Русија „стабилни и предвидливи“ односи,  Бајден кажа дека ќе зборуваат за регионалната стабилност, Европа, Украина, заштита на нивните(американските) вредности, „кои ние не можеме да ги двоиме од нашите интереси“. Ќе се зборува и за стратешката стабилност и контролата над оружјето. Потоа хакерските напади и мешањето во американските избори и заштитата на човековите права и достоинство.

Преговорите меѓу Путин и Бајден е предвидено да траат неколку часа. И за тоа време треба да се зборува и за желбите на руската страна како теми на преговорите. Путин вчера рече дека најважна е кибер безбедноста. Русите веќе неколку години зборуваат за тоа и им имаат понудено на Американците и соодветни предлози за соработка на тој план. Но Вашингтон молчи и постојано ги обвинува Русите за мешање во суверенитетот на државата. Сега очекувањата се во Женева да се види американската реакција на рускиот предлог.

КОНФРОНТАЦИЈА И КОНКУРЕНЦИЈА

 Деновиве рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров спомена дека главна тема ќе биде стратешката стабилност. И сите аспекти поврзани со неа. Покрај ова ќе се разговара и за меѓусебните односи. Секако за пандемијата од коронавирусот. Климатските промени. Решавањето на разните регионални конфликти исто така ќе се разгледа. Русите чекаат Бајден да проговори за човековите права, но тука веќе ќе бидат подготвени да се спротивстават на евентуални обвинувања од страна на Бајден. Ќе ги спомнат убиствата на црните Американци, односот на полицијата, нападот врз Белиот дом од 6 јануари, затворањето на некои учесници во него, но и поделеноста на општеството токму врз тие основи.

Иако дневниот ред на средбата може да се смета за подготвен и темите за кои сакаат да се зборува двете страни се на маса, не може да се исклучи во последен момент да се најде на масата на преговори и некоја друга точка. На пример, американска понуда  до Русија да „олабави“ малку во зближувањето со Кина!  Партнерството меѓу Русија и Кина се смета за стратешко. Во САД има идеи да се направи обид за забивање клин во тоа партнерство. Но како? Дали ќе бидат доволни заканите од САД кон Русија, на пример, за човековите права или Украина и Белорусија?

Деновиве во „Глобал тајмс“ гласило блиско до Комунистичката партија на Кина, можеше да се прочита дека  Бајден и Путин можат да се договорат за контролата на оружјето, а Вашингтон ќе се надева дека Москва ќе успее да ја убеди Кина да започне дијалог под американски услови. Но Кина нема да се согласи на такво нешто. Исто така се нагласува дека американската стратегија во однос на Русија и Кина нема да се промени ни после самитот во Женева. Дека позицијата на Вашингтон кон двете земји е конфронтација и конкуренција. На тој начин САД во иднина ќе се обидуваат и понатаму да маневрираат во соработката во оние сфери во кои Вашингтон има интерес и спротивставување. Тоа е универзална формула како за односот кон Москва, така и кон Пекинг, пишува „Глобал тајмс“. Исто така се нагласува дека „геометријата“ од времето на студената војна, според принципот „два против еден“, веќе не дејствува. Во современиот свет конкуренција без соработка не е можна. А тој факт Вашингтон не сака да го признае. Заклучокот е дека краткорочно потесните руско-американски врски нема да влијаат на врските на Кина ни со САД и ни со Русија. Па плановите на САД да се зближат со Русија за да ја оддалечат од Кина се неостварливи. И ќе остане стравот од поголемото зближување меѓу Москва и Пекинг.

ТАНГО И БРЕЈК-ДЕНС

Ќе се најде ли Кина на дневен ред во Женева ќе дознаеме во среда по прес конференциите на Бајден и Путин. Американците се откажаа од намерата од заедничка прес конференција. Американските медиуми тврдат дека соработниците на Бајден го убедиле да не излегува на прес конференција со Путин.  Во Белиот дом сметале дека тоа е најдобра форма за разговор со „слободните медиуми“. Иако „Њујорк тајмс“ напиша дека американската администрација го направила тоа плашејќи се од фијаското кое го имаше во 2018 година Доналд Трамп по средбата со Путин во Хелсинки. Кога ги нападна американските разузнавачи. Некои сенатори и конгресмени, а и медиуми, пишуваа дека  тоа бил еден од најсрамните настапи на американски претседател. Инаку самиот Бајден за одделните прес конференции изјави дека: „ Тоа не е натпревар кој подобро ќе настапи на конференцијата, кој кого се обидува да го стави во неудобна ситуација“.

Што може да се очекува од средбата во Женева? Американците ќе сакаат да разговараат и за однесувањето на Русите, кое, според нив, не одговара на меѓународното право. Настапот на Бајден ќе биде отворен и директен. И нему му е јасно дека односите меѓу двете земји се на најниско можно ниво. Како што изјави Путин неодамна. Во грбот на Бајден ќе дува ветерот од самитот на НАТО, кој ќе се одржи зад затворени врати, а донекаде и од ЕУ. Но дали тоа ќе значи нешто за Русите?

Путин продолжува да се смета за фактор во светот. Впрочем и поканата од Бајден за средба му го потхранува тоа чувство. А на средбата тој ќе замине со ставот дека пред се’ е важен интересот на неговата земја. Нормализирање на односите со САД во моментов не може да се предвиди. Колку и да е силен воениот ветер во грбот на Бајден, Путин тоа јавно ќе го игнорира. И тој ќе каже нешто за американското нарушување на меѓународното право. Сергеј Лавров пред некој ден им порача на луѓето од американската администрација дека доколку сакаат нормализација на односите со Русија тие треба да водат сметка за „дејствијата, интересите и позицијата на Русија, а исто така и за нејзините црвени линии“. Потоа “да ги разгледаат грешките од минатите години и да се откажат од водење дијалог исклучително од позиција на претензии за хегемонија во светските работи“. Русија, вели Лавров, е заинтересирана за позитивен резултат од самитот. „Но за танго се потребни двајца, а доколку некој танцува брејк-денс, тогаш работите стануваат посложени“, нагласи Лавров.

„УБИЕЦОТ“ И „СТАРИОТ“

Во вакви услови се чини дека и двете страни не очекуваат големи резултати од самитот. Но самиот факт што се седнува и се разговара веќе зборува за определен напредок. А што со Кина? Веројатно Бајден ќе го опипа пулсот на Русија, а потоа ќе се сврти кон Кина. Можеби и ќе наврати до Пекинг. Или ќе се сретне со Ши Џинпинг некаде настрана.

Бајден е човек со големо политичко искуство. Но и неговиот соговорник, Путин не е за потценување на тој план. Не е во положба на Горбачов кога Советскиот Сојуз се најде во ситуација да „моли“ за американска помош. Можеби подобра би била споредбата со Никита Хрушчов од шеесеттите години, кога тој се сретна со Џон Кенеди во Виена. И тогаш односите меѓу двете држави не блескаа, но се поставија темелите на идната соработка.

„Убиецот“ и „стариот“ сега ќе се сретнат како рамноправни партнери. Два претседатели. Ќе си спомнат за последната нивна средба пред десет години, кога Бајден забележал дека Путин „нема душа во очите“, а овој му кажал дека „добро се познаваат“. Што се’ се сменило за десет години, освен што Бајден стана претседател?  Бајден беше потпретседател кога односите со Русија тргнаа по надолна линија. Тој не беше виновен за тоа. Претседателот Барак Обама го нарекуваше Путин - дете од последната клупа, а Русија регионална држава. Да почекаме до среда, ако веќе денес и утре не се случи нешто, па да го измеша дневниот ред на самитот.

Мирче Адамчевски   


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?