29 Април, 2024
0.0294

Ова го немаше ниту во социјализмот

Објавено во: Колумни 22 Април, 2014

Добивај вести на Viber

За популистичките мерки и на власта и на опозицијата, со кои и едните и другите настојуваат да привлечат што поголем број гласачи, во јавноста има и разбирање и објаснување. Така било и порано, така е и сега. Ако на народот веќе му се дава шанса да се определи,  тој треба да има понуда врз која ќе ја донесе сопствената одлука, односно треба да добие одговор на прашањето „зошто“ ќе го направи таквиот избор. Се разбира и на партиите и на народот им е јасно, полесно се носи одлука доколку  понудата изобилува со решенија кој ги задоволуваат индивидуалните интереси, па макар тие би биле и на сметка на  поширокиот општествен интерес. Секогаш е поприфатливо кога ќе ти понудат вработување од буџетот, субвенции од буџетот, летување, зимување, банско лекување, „lady gaga“ возење, зголемување на платите, пораст на социјалните примања и тн. Независно од тоа што таквата разврска, по извесен период, може да го доведе во прашање и реализирањето на веќе ветените проекти, зошто нели „ручекот еднаш мора да се плати“, само прашање на време е кога. Погубно  е што и власта и опозицијата  се натпреваруваат кој повеќе ке му даде пари на народот од буџетот, чија понуда ќе биде поиздашна во задоволувањето на личните интереси на поголема група гласачи, а и едните и другите да не му укажат дека се’ додека во преден план ги ставаат личните наспроти општествентие интереси, економијата ќе биде таму каде што е или може и полошо да биде. Ваквиот заклучок сосема јасно го илустрира пропаста на социјалистичкиот систем на поранешната заедничка држава кој, во промоцијата на неговата прогресивност, отиде дотаму што се толерираше неработење според девизата  „не можат да ме платат помалку отколку што јас можам да не работам“. Во таква ситуација добивките стануваа индивидуални и/или групни, а загубите се социјализираа. Последиците ги амортизираше државата, во најголем дел, било преку  форсирање на непродуктивно вработување, било преку арсеналот на мерки за прераспределба на доходот во полза на определени гранки и групации, вклучувајќи ја и инфлацијата во одржувањето на социјалниот мир во општеството. Со ваква системска поддршка, социјалата во вистинска смисла на зборот се сведуваше на  заштита на социјално загрозените поради неспособност да ја обезбедат својата егзистенција. Со право може да се каже дека вистинската социјала не беше причина за пропаста на социјализмот, туку државната интервенција преку неекономски мерки да се ублажуваат развојните проивречности и да се одржува социјалниот мир. Површен увид на предлог мерките со кои се настојува да се подобри социјалната положба на најзагрозените слоеви од населението во земјата покажува дека актерите на политичката сцена толку многу се потпираат врз државната интервенција, што слободно може да се извикне: па, тоа не го можеше ниту социјалистичката држава! Во немоќ (овде не елаборираме поради кои причини) да профункционира пазарниот систем (во сите негови сегменти- пазар на стоки и услуги, пазар на пари и капитал и пазар на работна сила) како клучен механизам во развојот, државата стана „алфа и омега“ (прво и последно, се’ што е најважно) во економијата. Никој не се спротивставува на констатацијата  дека таа е најголем и најзначаен „бизнисмен“ во земјата, просто, како да треба така да биде. Таа е најголем инвеститор, најголем работодавач, најголем потрошувач. Нејзините активности силно влијаат врз стопанските текови и динамиката на растот. Да не ја споменуваме оправдано засилената социјална заштита (поради високиот степен на сиромаштија). Во годинешната изборна кампања власта најави и проширување на нејзината улога во распределбата на националниот доход, дури и надвор од економската логика. Предлага пораст на платите за 5% годишно во наредените четири години од мандатот и покрај тоа што предвидувањата за стопанскиот раст за истиот период се помали. Тоа значи дека, ако се работи за пораст на платите во администрацијата тогаш ќе мора да се смета и на пораст на буџетските приходи (со што ќе се намали акумулативната способност на стопанството), а ако тоа се очекува да се направи во целото стопанство (како рефлекс на порастот на платите во администрацијата) тогаш таквата способност ќе се намали уште повеќе. Изборната атрактивност на ваквата мерка е неспорна, меѓутоа, тоа е чекор кој ќе ја „преврши“ мерата за улогата на државата во регулирањето на стопанските текови. Инсистирањето за нејзина имплементација води кон зголемување на буџетската потрошувачка и кон зголемување на јавниот долг, се разбира, доколку не се изрази подготвеност за прераспределба на постојната буџетска потрошувачка, за која, инаку, се вели дека е пренапрегната. Во овој контекст, станува ургентно, по завршувањето на изборите, и поради четиригодишниот мандат на тие што ќе ја освојат власта, да се преиспитаат последиците од спроведувањето на ветените мерки од аспект на неприфатливото јакнење на улогата на државата во водењето на стопанските активности. Притоа, не треба да не’ залажуваат поволните краткорочни ефекти од нејзиното делување на планот на одржувањето на социјалниот мир во земјата. Крајно време е да се направи пресврт тој да се обезбедува преку развојот, со динамизирање на растот и со продуктивно вработување на невработените,  инспирирани од остварувањето на поголем доход од страна на огромниот број на стопански субјекти. Се разбира, вклучувајќи ја тука и државата. Но, тоа не може да го направи самата држава. Во тоа не успеа ниту социјалистичката држава која, во природата на системот, имаше поголема улога од пазарот и пазарните односи. Мора да се изнајде модел на урамнотежени односи меѓу улогата на државата и на пазарот, за да не ни се случи, по втор пат, заради непримерена државна интервенција на постојниот степен на развиеност на земјата, да се западне во криза, со подалекусежни последици врз вкупниот општествен развој, отколку што се постојните, за чие решавање не се бираат средства. Или поинаку кажано, не се радувајте кога државата е таа која ви дава, прашање на време е кога неколкукратно ќе ви земе, преку реалното намалување  на платите, преку нарушувањето на бизнис климата, преку   зголемување на  даноците и на долговите кои ќе мора да ги враќаме  затоа што на времето повеќе сме трошеле отколку што сме заработувале. Не заборавајте, без разлика која политичка опција е на власт, ако доминантно се потпира врз државата не може да се очекува пресврт во развојот. Државата, по правило, полошо стопанисува со „заедничките пари“, и не само во Македонија, туку ширум  светот. Во многу случаи, тие се извор на манипулации и коруптивни однесувања. Во секој случај, краток е векот и на задоволствата на поединци и групи кои им ги приредува државата со буџетски пари, ако буџетот не расте согласно порастот на општествениот производ, туку со пораст на дефицитот и на долговите. Таквата практика секојпат го остава неодговорено прашањето: што потоа?,  кога ќе се стеснат можностите за дефицитно финансирање. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД