Пацоли и забрани влез на Ана Брнабиќ во Косово, таа реагираше
Објавено во: Балкан 30 Мај, 2019
Шефот на косовската дипломатија, Беџет Пацоли, изјави дека на премиерката на Србија, Ани Брнабиќ, нема да ѝ биде дозволен влез во Косово поради нејзината изјава за Албанците додека тој е министер.
Пацоли на „Фејсбук“ напиша дека српската премиерка промовира расистичка идеологија.
„Овој институционализиран расизам во Србија е вроден во болна ултранационалистичка идеологија промовирана од владата на Ана Брнабиќ. Верувам дека Европа разбира со какви луѓе си имаме работи, со луѓе што поддржуваа масовни убиства и ги негираат воените злосторства извршени од страна на Белград во поранешна Југославија“, напиша Пацоли.
Тој додава дека е тежок и неприфатлив коментарот на Брнабиќ даден во присуство на шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрицио, дека се работи за луѓе што дошле од шума.
Брнабиќ одговори дека верува дека кога ќе сака да го посети Косово, тоа ќе ѝ биде овозможено без оглед на изјавите на приштинските функционери.
„Не сум загрижена за таквите изјави и верувам дека ќе ми биде овозможено да одам во Косово кога ќе сакам“, вели Брнабиќ.
Таа додаде дека таквите изјави се и против интересите на Албанците, не само европски туку и цивилизациски вредности.
„Тие во униформи беа во шума, излегоа од неа и директно станаа дел од политичката елита во Приштнина. Би сакала да беа дојдени од невладиниот, граѓанскиот сектор, но не се од таму дојдени. Пацоли не излегол од шума и затоа ме чуди што се почувствувал повикан“, рече Брнабиќ.