ПАД ЗА БИТКОИНОТ: За колку долари се тргува денеска?
Објавено во: Економија 10 Ноември, 2017
Биткоинот „падна“ под 7.000 долари, тргувајќи се по цена која е за 5% пониска од вчерашната.
Околу пладне, биткоинот на луксембуршката берза Bitstamp се намали на 6.800 долари, за нешто подоцна да се искачи на 6.870 долари, објави Ројтерс.
Криптовалутата синоќа се искачи на 7.888 долари, откако беше откажана надградбата на софтверот планирана за следната недела со која биткоинот ќе се подели на две валути.
Со падот на биткоинот, клонираната верзија биткоин кеш доби на вредност, тргувајќи се по цена од околу 850 долари, што е скок за дури 35% на дневно ниво.
Покрај овонеделниот пад од скоро 7%, биткоинот и понатаму оваа година зајакна за повеќе од 600%.
Крипто валутата биткоин е исклучително шпекулативен меур кој на крај ќе експлодира, изјави деновиве познатиот економист Нуријел Рубини, попознат како „др. Пропаст“.
„Според мое мислење, имаме гигански шпекулативен меур кој се однесува на биткоинот, кој ниту е сериозен начин на плаќање ниту е добра оаза за инвеститoрите за зачувување на вредноста на капиталот“- вели американскиот економист.
Според него, „биткоинот се храни сам со себе“ и затоа нема било какви основи таа цена на дигитални валути да достигнува толку високо ниво.