28 Април, 2024
0.1261

Падот на еврото – тектонско поместување под контрола на САД

Објавено во: Колумни 12 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Минатата недела, на девизните берзи во светот, еврото се продаваше и за помалку од 1,18 долари, а само пред половина година  изнесуваше 1,39 долари. Вредноста на еврото во однос на доларот се срози на нивото од пред девет години и по се’ се чини дека ќе го продолжи падот до паритет 1:1, колку што изнесуваше  во ноември 2002 година, па и под тоа, како во 2000 година кога едно евро се продаваше за 84 доларски центи. За односите меѓу клучни валути ова се тектонски поместувања. Падот на вредноста на еврото во истовреме значи пораст на вредноста на доларот, а тие промени имаат силно влијание како во самите економии, така и во односите со другите земји. Тие ќе се одразат врз динамиката на извозно-увозните активности, врз економскиот раст и распределбата на новосоздадените вредности во светски рамки. Американците ќе купуваат поефтино, но ќе им се намали конкурентската способност и тоа ќе влијае врз слабеење на економскиот раст на стопанството на САД, а европјаните од еврозоната и од земјите кои имаат врзани курсеви на националните валути во евра ќе продаваат поефтино, со што ќе се зголеми конкурентската способност на извозно ориентираните фирми и ќе се забрзаат динамиката на растот. Последиците се од размери на валутна војна, но, такви реакции нема. Зошто? Тешко е да се каже колку ваквото поместување во валутните односи е координирана активност, а колку е изнудено решение во настојувањето  да се урамнотежат односите меѓу двата економски џинови, во период  кога во светското стопанство се вршат сериозни поместувања во односот на силите (јакнење на Кина и појавата на оргаизирање на БРИКС земјите) наспроти водечките земји во постојниот економски поредок (САД и Европската унија). Ова јасно произлегува од неколкугодишното американско убедување на европјаните да се приклонат кон американскиот модел (квантитативни олеснувања или печатење на долари) во надминувањето на финансиската и економска криза во која западна развиениот западен свет (2007-2009). Во тоа беа вклучени и познати економисти. Од петни жили се настојуваше и Европа да пристапи кон примена на такви мерки, кои на подолг рок, секако, ќе имаат инфлаторни влијанија и во самите земји и во светот, поради резервната улога на доларот и еврото во меѓународните плаќања. На европјаните, особено на Германците, таквиот пристап не им се допаѓаше. Впрочем, тој не е ниту во согласност со договорите според кои функционира еврозоната. Но, пред се,’ поради тоа што со таквиот потфат се загрозува меѓународната улога на еврото, се загрозува довербата во него и се отвора процес на негово слабеење во однос на доларот. Имено, граѓаните на Европа брзо ги сфатија проблемите  во функционирањето на еврозоната, особено незаокруженоста на системот согласно функционирањето на заедничката валута и опасностите од рушење на интеграцијата. Повеќе од јасно е дека системот не е во состојба ефикасно да ги совлада дефлаторните притисоци во стопанствата на еврозоната и да ја надмине должничката криза во неколку земји. Направија и определени реформи, но ефектите во зажувување на стопанствата изостанаа. Едвај ја надминаа рецесијата, но се судрија со дефлаторни притисоци (паѓање на цените)  кои ја влошуваат должничката криза. Со сите мерки што ги презеде досега, Европската централна банка (ЕЦБ) не успеа да го одржи нивото на пораст на цените од 2% годишно. Во декември минатата година  цените на потрошувачката паднаа за 0,2% во однос на истиот месец од претходната година. Резервите што ги имаа  земјите на еврото кон американскиот модел постепено се топеа, пред се’ поради бавното закрепнување на нивните стопанства. Наскоро ќе видиме дали и исчезнаа по објавата на податоците за запаѓање во дефлација. Дефлацијата се зема како знак за тревога. За 22 јануари веќе се очекува дека ЕЦБ ќе пристапи кон примена на неконвенционални мерки на монетарната политика, во САД познати како квантитативни олеснувања (откуп на државни хартии од вредност  заради вбризгување на големи  количини пари во прометот за да се поттикне економскиот раст и да се подобрат можностите за отплата на долговите во земјите во должничка криза). Ако се донесе таква одлука тоа ќе значи дека обидот за дистанцирање од моделот на САД не успеа и Европа се приклонува кон инфлаторно решавање на натрупаните проблеми во функционирањето на еврозоната (било поради недоизграденоста на финансискиот систем во согласност со функционирањето на единствена валута, било поради непридржување на одделни држави за принципите на дејствување во еврозоната). Тоа ќе значи оти се приклонуваат кон наводно полесниот пат  и ги напуштаат сознанијата дека инфлацијата не е пат за решавање на развојните проблеми,  иако им е јасно дека  и во услови на дефлација е можно остварување на стопански раст, доколку  силите се насочат кон подобрување на квалитативните услови на стопанисување (пораст на продуктивноиста на трудот и економичноста во работењето). Меѓутоа, тоа е потешкиот пат, а политичките и бизнис елитите не се подготвени да одат по тој пат, кога на располагање имаат  полесен. Во овој контекст ние не треба да  заборавиме дека искористувањето на ваквата можност не им е достапна на сите земји. Тоа, без поголеми негативни реперкусии,  го можат само земјите чии валути играат и меѓународна улога (во недостиг на некоја  светска стоковна валута, како на пример златото или кошница од повеќе стоки). На Македонија не и преостанува друга можност отколку поефикасно да го изоди потешкиот пат. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД