ПАРНО ДА ИМА - и кога температурата преку ден стигнува до 16 степени, наложи РКЕ
Објавено во: Економија 18 Ноември, 2020
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ги одобри измените со кои се дополнуваат мрежните правила за дистрибуција на топлина со кои се предвидува зголемување на температурните граници при прекин на работа на топланите.
Ова денеска преку соопштение го кажа Регулаторната комисија за енергетика.
Измените следуваат со цел да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.
„Со измените кои ги одобривме практично се задолжува БЕГ во услови кога надворешната температура преку ден стигнува до 16 степени целзиусови да има испорака на топлинска енергија во домовите. Ги повикувам компаниите за зголемена општествена одговорност во состојба на пандемија. Воедно ги информирам потрошувачите дека се разгледува можноста за прекршочна постапка поради непочитување на одредби од Законот за енергетика и обврските дефинирани со лиценцата за вршење на енергетската дејност“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Потрошувачите кои се незадоволни од услугата од дистрибутерите на топлинската енергија може да поднесат приговор до РКЕ.