26 Април, 2024
0.0316

Интервју со Бранка Павловиќ, Извршен Директор на Охридска банка Сосиете Женерал

Павловиќ: Охридска банка ќе финансира енергетски ама и добри проекти на државните претпријатија

Објавено во: Економија, Интервјуа 22 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Трендот на намалување на каматни стапки очекувам да забави на долг рок и да почне со нагорен тренд како резултат на зајакнување на меѓународните финансиски пазари како и јакнењето на домашната економија, вели во интервју за Фактор Бранка Павловиќ, извршен директор на Охридска банка Сосиете Женерал. Павловиќ вели дека домашѓната економија има капацитет за постигнување повисоки стапки на раст, а дека банките ќе бидат солдина поддршка на тој раст со кредитите кои ќе ги одобруваат. Оптимист е дека со интензивирањето на евроатлантските интеграции ќе се придонесе странските инвеститори да ја гледаат земјата како стабилно, и со компаративните предности, перспективно место за нивните инвестиции. Банката со која раководи имаше одлично финансиско полугодие годинава, со раст на нето приходите и на добивката која порасна за 140 отсто во однос на истиот период лани.

-  Имавме одлично полугодие, со значајни резултати кои морам да потенцирам дека се резултат од компактната работа на целокупниот тим на Охридска банка Сосиете Женерал. За да имате целосна сложувалка, деловите треба да ги наместите во правилен редослед. Во однос на нашето финансиско полугодие, остварениот резултат доаѓа од натпросечниот раст на комерцијалните активности на Банката, при што споредено со минатата година вкупните кредити бележат раст од 10 проценти, период во кој банкарскот сектор нотира раст од 6,5 отсто. Значителен пораст од девет проценти на годишно ниво бележат и платежните трансакции, посебно трансакциите преку дигиталните канали со соодветен придонес во приходите од сервисните активности на клиентите, додека најголем поединечен придонес на остварениот позитивен резултат во првото полугодие има пониската цена на чинење на ризикот.  Стратегијата за развој на Охридска банка Сосиете Женерал останува непроменета и е насочена кон постигнување натпросечен одржлив и профитабилен раст со освојување дополнително пазарно учество во трите пазарни сегменти, а тоа се индивидуалните клиенти, малите и средни претпријатија, како и корпоративните клиенти. Реализираните активности и постигнатите резултати даваат реална основа дека растот на комерцијалните активности во наредниот период ќе биде значајно над растот на банкарскот сектор, а особено што финансискиот резултат се очекува да биде значително повисок од минатата година и истовремено највисок досега“.

Банката е во групата големи банки со голем продор на домашниот банкарски сектор. Која е вашата стратегија, на кои сегменти се фокусирате?

-  Непосредниот однос со клиентите е нашиот главен приоритет. Оттука произлегува и поддршката во вистинско време, со вистински совет. Лојалноста е таа која носи раст на бизнисот. Всушност поддршката, како и вистинската тежина на брендот Сосиете Женерал е она кое не издвојува на пазарот и истовремено создава дополнителна вредност на изградениот однос со нашите клиенти. Движењата на домашниот пазар покажуваат раст во кредитирањето на физичките лица, пазарниот тренд сам по себе покажува дека доминира овој сегмент, следствено на тоа е делувањето на нашата банка, како еден од чинителите на пазарот. Впрочем и остварените резултати во изминатата година кои покажуваат раст на кредитното портфолио од 14,4 проценти, се доволен показател за стратешката определба на банката. Овој позитивен тренд продолжува и во тековната година, но е вредно да се спомене дека сме активни на сите полиња, имаме одлични пласмани и кај корпоративните клиенти.

Зборувајќи за правните лица, особен раст е остварен во делот на финансирање и работа со мали и средни претпријатија кои само во 2017 година имаат забележано пораст од 15 отсто или 20 милиони евра, тренд кој продолжува и во 2018 година. Остваривме значајно учество во банкарскиот сектор и со работењето со големи и меѓународни претпријатија, благодарение на професионалните познавања и специфики потребни за работа со овој сегмент. Во изминатите години Охридска банка Сосиете Женерал има идентификувано значаен пораст на корпоративната култура, како и менаџерските системи и капацитети во делот на поголемите средни претпријатија поради што е донесена стратегија за силна поддршка на средните претпријатија еднакво како и на големите и меѓународни претпријатија. Вложуваме навистина многу време и ресурси во градење на лични односи преку мрежата на експозитури со компаниите и со вработени во секој град каде што сме присутни. Од оваа година се фокусиравме и на еден еден друг сегмент, а тоа се државните претпријатија и институции, односно се фокусиравме кон поддршка на профитабилни проекти на овие ентитети, а тој тренд ќе продолжи и во периодот што следи. Во наредниот период ќе ставиме посебен акцент на поддршка на енергетско ефикасни проекти.

Впрочем кредитниот раст во земјава во последните две години е солиден, вие исто така имате раст на активата, кредитите кон фирмите и кон граѓаните. Каква кредитна политика треба да очекуваат граѓаните во следниот период. Колку пари им се на располагање на компаниите и на домаќинствата?

- Во овој дел би сакала да нагласам дека Охридска банка Сосиете Женерал ќе остане лојален партнер посветен на своите клиенти. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме одлуките за инвестиции на нашите клиенти. Во делот на физичките лица, кредитите со фиксни каматни стапки остануваат како дел од понудата за зголемување на стабилноста и подобрување на планирањето на клиентите. Од тој аспект, верувам дека можноста за вклучување на кредитното животно осигурување во понудените производи дополнително ќе го олесни процесот на носење одлука за инвестиција. И не само тоа, на располагање на клиентите ќе бидат и разни кредитни линии кои ги следат светските движења за стимулирање на инвестициите за енергетска ефикасност, а притоа вклучувајќи ја во себе и можноста за добивање на грант. Еден таков производ е „А++ кредитот“ кој им овозможува на клиентите да инвестираат во енергетско ефикасен дом, да го подобрат квалитетот на ивот, а истовремено да добијат поврат на средства и до 20 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.

Во делот на правните лица, Охридска банка Сосиете Женерал покрај можноста за пласирање на средства кај правните лица од сопствени средства има опција да финансира капитални проекти со поддршка од Групацијата или во соработка со домашани банки, така што износот кој е на располагање е значаен. Во моментов сме и прва банка која има склучено договор со ЕБРД за финансирање на средни претпријатија за ефикасност со исклучително важна грантова компонента до 15 проценти со вкупен износ од 10 милиони евра, а секако ќе бидеме и дел од банките преку кои ќе се пласира новата кредитна линија на Европската инвестициска банка преку Македонска банка за поддршка и развој.

Од тој аспект каква ќе биде и каматната политика?

- Евидентно е дека во изминатата година на ниво на банкарски пазар забележуваме изразен притисок за намалување на ценовните услови. Охридска банка Сосиете Женерал за своите производи нуди ценовни услови прилагодени на пазарните движења со особен акцент на додадена вредност која клиентите ја добиваат кога стануваат наши клиенти – персонален контакт, партнер во работењето, консултантство во доменот на финансиите како и пристап до значаен број на кредитни линии со различни субвенции: грантова компонента, стручна помош од експерстски консултанти, или специјална каматна стапка за извозни компании. Очекувањата се дека надолниот тренд постепено ќе се  нивелира, паралелно со зајакнување на домашната економија и  очекуваниот пораст на ЕУРИБОР-от. Долгорочно очекуваме трендот на намалување на каматни стапки да забави и да почне со нагорен тренд како резултат на зајакнување на меѓународните финансиски пазари како и јакнењето на домашната економија.

Растот на БДП во вториот квартал е 3,1 отсто, но статистика евидентира пад на бруто инвестициите во тој период. Македонија е и среде политички предизвици, какви се вашите прогнози?

- Структурната анализа на остварениот раст на БДП во вториот квартал упатува токму на тоа дека растот е остварен со значаен придонес на другите дејности, пред сѐ преработувачката индустрија со раст во вториот кваратал од значајни 9,7 отсто, а во отсуство на придонесот на градежништвото кое и во овој квартал е пониско од истиот период минатата година. Најавата за продолжувањето на активностите од наредниот месец на најголеми капитални инвестиции во патната инфраструктура, дава предзнак дека се очекува тој придонес да биде позитивен придонесувајќи и за вкупниот раст на економијата. Тоа индицира дека економијата го има капацитетот за постигнување на одржливи повисоки стапки на раст. Финансискиот сектор и по квантитет и по квалитет, со акцент  на ценовниот аспект со последните понуди нуди реално солидна поддршка на тој развој. Интензивирањето на евроатлантските интеграции ќе придонесе странските инвеститори да ја гледаат земјата како стабилно, и со компаративните предности, перспективно место за нивните инвестиции. Ние веруваме во тоа и со таков пристап се правени планските документи за наредниот период. 

Колку овој амбиент има влијание и на кредитната и на депозитината активност. Македонскиот банкарски сектор покажа отпорност и за време на најголемата финансиска криза.  

- Последно објавените податоци за монетарни движења од НБРМ заклучно со август 2018 покажуваат дека вкупните депозити бележат значајно високи стапки на раст од 11,4 проценти на годишно ниво, што е речиси двојно повеќе од проектираниот раст за 2018 од 6,4 %,  со значаен придонес на растот од 17 отсто на депозитите од корпоративниот сектор и номинално помалиот, но постабилен раст од 9 проценти на депозитите од население. И покрај релативно ниските каматни стапки како основен мотив на штедењето, стабилноста на банкарскиот сектор и надминувањето на политичката неизвесност се основните фактори кои придонесуваат овој раст кај депозитите да се постигне и одржи во иднина. Меѓутоа, кај кредитите ситуацијата е значително поразлична и податоците од август покажуваат раст од 6,2 отсто, нешто пониско од проектираниот раст од 6,5 проценти за којшто најголем придонес имаа кредитите кон секторот население со годишен пораст од 9,9% наспроти растот на кредити во корпоративниот сектор од 2,7% . Имајќи го предвид депозитниот раст и фактот дека банкарскиот сектор го има потребниот квантитет и ценовен аспект за солидна подршка на кредитниот раст, особено кај корпоративниот сектор, сметам дека долгорочната стабилност и перспективата, особено кај долгорочните инвестиции, се основните фактори на поширокиот контекст кои делуваат на инвестициските одлуки на потенцијалните инвеститори. Позитивните придвижувања во насока на ЕУ и НАТО,  треба да имаат позитивен придонес во убеденоста на потенцијалните инвеститори дека тоа ќе го имаат тука, и кои позитивни ефекти се на подолг рок.

Јавни се податоците дека фирмите се слабо ликвидни, па наплатата на долговите кај микро претпријатијата трае и до 365 дена. Фирмите позајмуваат за да ги вратат старите долгови. Како се враќаат ратите и за што најмногу се бараат кредити?

- Гледајќи ја структурата на кредитното портфолио на Охридска банка Сосиете Женерал, дистрибуцијата на кредитна изложеност за финансирање на тековни обврски и ликвидност, како и долгорочни инвестиции е стабилна кај долгогодишните клиенти, што се должи на пристапот до кредитни линии наменети за финансирање на инвестиции. Во однос на намената на кредитот, во земјата постои регулатива која јасно го дефинира овој дел. Како банка која соработува со голем број компании во земјата, би потенцирала дека исклучиво влегуваме во финансирање на инвестиции кои и се јасно дефинирани и сме во постојана комуникација со компаниите во процесот на реализација на инвестициите, до крајно финализирање на истите.

Станбените кредити се со најголем раст на годишно ниво. Што предвидувате во овој сегмент?

- Градежништвото како сегмент во периодов ги задржа финансиските индикатори за профитабилност, додека бројот на апликации за поддршка на компании за градење станбен простор е со континуиран тренд, а очекувањата со овој тренд на правните лица е да продолжи барем на среден рок. Станбените кредити забележаа значаен пораст во тековната година. Имајќи ги во предвид движењата во градежната индустрија, очекуваме во наредниот период побарувачката за станбени кредити да го задржи ова ниво. Од особено значење ќе биде и тоа во која насока ќе се движи домашната економска ситуација која има круцијално значење врз финансиската моќ на граѓаните како и условите во кои истите теба да донесат одлука за инвестирање. Нашата понуда секако ќе биде прилагодена на моменталната ситуација.

Со какви продукти се наметнувате во моментов?

- Моментално во фокусот како носечки производи ги имаме кеш кредитот и станбените кредити. Кеш кредитот доби целосно нов изглед и сега е препознатлив под името „Лесен кеш кредит“, а истиот се нуди со промотивни услови до крајот на 2018. Активно се нудат и станбените кредити „3+2“ и „План за стан 2030“ кои исто така се нудат под промотивни услови вклучително и без нотарски трошоци до крајот на октомври.

Традиционалниот банкарски производ, познат како Детско штедење, деновиве доби комплетно нов, креативен и модерен изглед. Под мотото „Оби Роби и малите штедачи“ сакаме да ја едуцираме најмладата публика колку е важно да се штеди, преку едукативни работилници и детски игри да го свртиме вниманието кон иднината на нашата земја и да споделиме со децата и нивните родители совети за важни навики и важни прашања.

Од останатата палета на производи посебно би ги издвоиле пакетите кои претставуваат  производи за секојдневно банкарство како трансакциска сметка, електронско и мобилно банкарство, картички и смс-известување, а и дополнителни бенефити како што се две бесплатни повлекувања во месецот од банкомати на која било друга банка во земјата. Со користење на некој од разните типови пакети, клиентите ги добиваат сите вклучени производи во пакетот со попуст на месечната провизија. Гледано од друг аспект, корисниците добиваат еден или два производи гратис зависно од пакетот кој ќе го изберат.

Кај компаниите пак, како што напоменав, во моментов активно работиме на новата кредитна линија која ќе биде во соработка со ЕБРД. Охридска банка Сосиете Женерал ќе биде прва Банка на пазарот која ќе понуди повластена кредитна линија на малите и средни претпријатија, во вкупен износ од 10 милиони евра поддржана од Европската банка за обнова и развој преку грантови наменети за компаниите, во висина до 15% од вкупната вредност на износот на кредитот. Дополнително, компаниите на располагање ќе ја имаат и кредитната линија од Европската инвестициска банка, пласирана преку Македонската банка за поддршка и развој.

Охридска банка Сосиете Женерал како долгогодишен верен и стабилен партнер на македонското стопанство, преку поволни кредити продолжува со поддршката кон најголемата потпора на македонската економија, а тоа се малите и средните претпријатија.

Какви новитети воведувате во однос на дигитализацијата? Граѓаните бавно се навикнуваат на новите трендови?  

- Клиентите се поделени во однос на дигиталниот начин на работа. Од една страна, постојат клиенти кои многу лесно се прилагодуваат на дигиталните производи на Банката, меѓутоа од друга страна, постојат и клиенти кои преферираат директкна комуникација со нашите вработени во експозитурите, најчесто заради советување.

Ние се трудиме најдобро што можеме да им ги претставиме функционалностите и бенефитите на нашите клиенти од користењето на мобилното и електронското банкарство, односно Моја Банка и OBSGN@t. Главните придобивки кои секогаш ги потенцираме пред клиентите се дека дигиталните производи на Банката, всушност, работат во нивен интерес, затоа што со нив се штеди и време и пари, а воедно лесно и удобно  можат да се извршуваат банкарски трансакции од својот дом, или додека патуваат кон работното место, а можеби и за време на прошетка. Сѐ уште има простор за работа на ова поле, но сметам дека токму тука најголема улога ќе имаат банките во обучување и доближување на овие услуги до клиентите. Доказ за сѐ поголемиот процент на користење на дигиталните канали е и прогресивниот раст на корисници на апликацијата за мобилно банкарство, Моја Банка, која од месец во месец станува еден од најактивно користените производи од Охридска банка Сосиете Женерал. Ја развиваме и можноста за добивање кредит онлајн без потреба од посета на експозитура, како и мобилните плаќања кои се дел од главните идни развои кои ќе го одбележат периодот што следи.

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9