27 Април, 2024
0.0489

Пазарна економија или политика на откупувачите, по кои цени се откупуваат земјоделските производи?

Објавено во: Колумни 08 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Откупот на примарните земјоделски производи во услови на „уредени“ пазарни односи (во пазарна економија) претставува најважен продажен канал (покрај зелените пазари, „продажба од врата“ и други облици), бидејќи во такви услови најголем дел од производството се продава преку овластени (од државата) откупни субјекти. Периодот на анализа се однесува на последните пет години (2009 – 2013 година), а бројот на производи е 25, од кои 16 се од растителното производство и 9 од добиточното. За добивање подобра претстава за движењето на ­­­откупните цени пресметавме и индекс врз база на откупните цени од 2009 година. Овој период – по 2008 година кога глобалната криза, имаше влијание врз сите економски показатели на македонската економија, може да се смета за стабилен, а врз формирањето на цените на откупот имале влијание побарувачката и понудата. Откупните цени се превземени од податоците (објавени во Статистичкиот годишник на РМ 2014), за количините на вкупно откупните производи и вкупната вредност на откупните производи, а потоа количини и вредност на откупени производи од индивидуални производители, што пак овозможува да се пресметаат откупните цени и кај претпријатијата и земјоделските задруги за продадено сопствено производство. Вредноста на вкупниот годишен откуп на примарните земјодлески производи во овој период се движи од 8,5 милијарди денари (2010 година) до 14,1 милијарда денари (2013 година), а според базниот индекс од 2009 година, порастот на вредноста во 2013 година е зголемен за 21,6%. Вредноста на откупот од индивидуалните производители се движи од 4,2 милијарди денари (2010 година) до 8 милијарди денари во 2013 година. Учествот на откупените (по вредност) производи од индивидуалните производители е од 49,4% (2010 година) до 60,3% (2009 година), 59,4% во 2012 година и 56,7% во 2013 година. Индексот на раст кај индивидуалните производители е 14,3%, а кај претпријатијата и задругите е 32,6%. Од односот на откупните вредности може да се забележи дека побрзо расте вредноста на откупените количини од претпријатијата и задругите, што пак може да претставува индикатор за закрепнување на македонското земјоделство, преку влијание на покрупните производители. Вредноста на откупот учествува со околу 20% во вредноста на земјоделските производи. Друг индикатор за релевантноста на откупните цени е односот помеѓу количината на откупени производи и количината на произведеното производтво. Според овој показател, може да се заклучи дека пазарноста е релативно ниска бидејќи многу мал број производи достигнуваат пазарност над 30%. Меѓу нив, највисок процент се постигнал (изминативе 5 години) кај тутунот и тоа од 32,4% до 111,5%, потоа сончогледот од 40,6% до 116,9% (пазарноста над 100% се јавува поради откуп во годината, а не откуп на реколта). Висок процент на откуп се јавува и кај пченицата од околу 40%, потоа кај јајца, кравјо млеко, грозје итн. Кај градинарските производи процентот на откуп е релативно низок освен кај  компирот (околу 70%), а во овоштарството само кај праската се јавува висок процент во последните три години. При ваква состојба, се поставува сериозно прашање: Што е со големите количини на производи што ја надминуваат домашната потрошувачка, кога во откуп се регистрирани минимални количини од јаболкото, вишната, потоа пиперките, доматите, зелката и др? Кај тие производи се поставува прашањето: Колку се релевантни откупните цени? Ние сепак ќе се занимаваме со откупните цени (и покрај горенаведените констатации), покажани во табелата. Генералната оценка на движењето на цените во овие пет години (од 2009 до 2013 година) би била дека кај најголем број откупени производи, цените се повисоки во 2013 година, потоа цените растат повисоко во 2011 година, а потоа стагнираат или растат помалку. Додека кај растителното производство, во 2013 година пониски откупни цени се остварени кај 5 производи, а сите 8 производи кај добиточното производство, како и кај рибите, цените значително се зголемиле. Најголеми опаѓања кај откупните цени се регистрирани кај доматите од 38 ден/кг на 20,14 ден/кг или само 53% во текот на 2009 година. Релативно пониски цени во 2013 година се остварени кај ориз - арпа, јачменот и пченката. Најмногу се зголемиле откупните цени на вишните (388,6%), пченицата (199%), а во сточарството кај откупот на јуниња (221,6%) и кај речната риба (299,4%). Таб.1 Движење на откупните цени на примарните земјоделски производи во РМ * *(во денари по килограм, односно литар) Очигледно е (според показателите во табелата) дека цените по години се доста променливи, што сигурно е резултат на влијанието на пазарните инструменти, приносите (вкупното производство, односно понудата), но не се исклучува и постојаниот притисок на откупните цени од страна на откупувачите и индустриските претпријатија, кои се организирани во солидарни форми (здруженија), додека за жал индивидуалните македонски земјоделци, освен што се релативно мал број зечленети во асоцијации (здруженија и сл.), тие неединствени, поделени и служат како декор на некои “вечни претседатели“ на тие асоцијации и им помагаат за остварување на нивните лични цели. Големата диференцијација на откупните цени по години кај едногодишните култури е резултат и на погрешното планирање на сеидбената структура од страна на земјоделците, бидејќи тоа се врши врз база на интуиција или на постигнатата цена во претходната година, а не на база на барањата на пазарот.  Проф. Д-р. Борис Анакиев

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД