Пендаровски: Некоја од земјите членки може ќе сака да го отежне нашиот пат кон ЕУ
Објавено во: Македонија 05 Април, 2020
Во тој долг процес на преговори кој ќе трае со години, некоја од постојните земји-членки можеби ќе сака да го направи потежок нашиот пат кон полноправно членство, вели во интервју за Фактор, Претседателот Стево Пендаровски.
Во актуелниот контекст можеби не се размислува многу, но Македонија сега мора да го оди и патот на преговори кон полноправно членство во ЕУ. Кој е капацитетот дома и очекувате ли некои потешкотии?
Пендаровски: Веќе неколку пати во јавноста тоа сум го кажувал, и стојам зад тој став дека ние сме најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ, ако се споредуваат сите земји - кандидати од 1990-тите до денес, во моментот кога го стекнувале тој статус. Нашите преговарачки тимови беа подготвени уште во 2005-та, а поддршката од граѓаните била секогаш огромна.
Сепак, преговарачкиот процес има техничко-административна и политичка страна. Додека во техничкиот дел не очекувам никакви потешкотии, затоа што имаме способни луѓе во администрацијата, во политичкиот дел не можам да исклучам дека во тој долг процес кој ќе трае со години, некоја од постојните земји-членки можеби ќе сака да го направи потежок нашиот пат кон полноправно членство.