19 Април, 2024
0.0313

ИНТЕРВЈУ ПЕНДАРОВСКИ: Ја следиме ситуацијата, не исклучувам и порадикални мерки

Објавено во: Македонија, Интервјуа 05 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Најголемиот мој страв беше и останува во делот на економијата, особено приходната страна на буџетот. Се разбира, тука не ја вбројувам загриженоста за здравјето и животите на нашите граѓани, што е апсолутно наш најголем приоритет, вели во ексклузивното интервју за Фактор, Претседателот Стево Пендаровски. Интервјуто го правиме во едно тешко време за државата чиј претседател е тој – светската пандемија на Ковид 19. Во услови кога заразата се шири, а тоа неминовно ќе има несогледливи последици и за економијата, зборувавме и за стравовите за економските последици.  Македонија во меѓувреме стана полноправна членка на НАТО и доби датум за преговори со Европската Унија, но во време кога здравјето е во прашање, се покажа, вредносната скала се менува. Претседателот Пендаровски е смирен и отворено одговара, иако секако се согласува дека ова е најсериозниот предизвик за државата.


Ве прашувам колку според вас е сериозен овој предизвик и може ли Македонија да се исправи пред него, иако проктирањата сега не се возможни во целост, поради тоа што и очекувањата за времетраењето на заразата не може да се предвиди?

Пендаровски: Ова е најсериозниот предизвик не само за нас, туку и за светот по Втората светска војна, затоа што пандемијата одамна излезе од здравствениот сектор и почна да ја притиска глобалната економија. Глобални зарази имало и порано, но тие никогаш не ги погодиле и најсиромашните и најбогатите земји на светот во исто време, така што, практично, немате дел од планетата од каде што може да побарате помош. Отежнувачка околност е што лек за болеста нема, а дури и најоптимистичките сценарија за пронаоѓање и примена на вакцина шпекулираат со крајот на годината.  

Фразата дека ние сме дел од светот овојпат е потполно точна и во географска и во суштинска смисла, а, нашата единствена шанса да ја пребродиме кризата е само во сојуз со останатите, особено со земјите - членки на НАТО и Европската Унија.

Прогласивте вонредна состојба за време од 30 дена, најверојатно ќе има потреба за допонително пролонгирање на оваа одлука. Какви се вашите анализи за ефектите од досегашните мерки и дополнително дали има потреба порадикално да се делува? Сепак има прогресија на бројот на заболени...

Пендаровски: Прогресијата во бројот на инфицирани и починати се случува практично секаде во светот, дури и во Вухан се зборува за втор бран. Но, споредбено со регионот и со европските земји, ние сме далеку од најзагрозената група на држави. Како што беше констатирано и на последниот Совет за безбедност, во однос на рестриктивните мерки ние бевме меѓу првите во Европа кои во тој дел реагираа на време и со воведување на вонредната состојба и со полицискиот час. Евентуалното воведување на порадикални мерки ќе се случи само ако постои таква проценка од надлежните органи, според кои, досега применуваниот концепт дава резултати и спречува геометриска прогресија.


И самиот рековте по седницата на Советот за безбедност дека на земјава и претстои тежок период, но и дека има мерки и одговорни одлуки за да се намалат штетите особено тие по националната економија. За што најмногу стравувате, што ве плаши во моментов?

Пендаровски: Најголемиот мој страв беше и останува во делот на економијата, особено приходната страна на буџетот. Се разбира, тука не ја вбројувам загриженоста за здравјето и животите на нашите граѓани, што е апсолутно наш најголем приоритет.

Во ситуација кога имаме затворени граници, и забрана за движење во поголемиот дел од денот, јасно е дека е економијата не може да бележи позитивни резултати. Добро е што Владата досега во два наврати донесе сет на економски мерки кои ги ублажуваат економските последици, иако јас очекувам дека како што ќе се пролонгира оваа криза, следните недели, ќе има потреба и од дополнителен сет на мерки.

Владата предложи сет мерки за помош на стопанството, чие ефектуирање се чини ќе треба да се следи на дневна основа, оти кризата ќе биде поголема од очекуваното. Кои се вашите согледувања во однос на државниот одговор и кое сценарио ви изгледа најверојатно во моментов ако економските последици се во прашање.

Пендаровски: За тоа делумно одговорив, но еве сега да дополнам. Според темпото на развој на епидемијата, најцрните сценарија (Италија, Шпанија) најверојатно ќе не заобиколат, така што дупката во Буџетот нема да биде екстремно голема. Од она што ми беше мене презентирано на последниот Совет за безбедност, приодот на државата кон проблемот, до сега, изгледа рационален и е базиран врз логичните анализи и предвидувања на министерствата за здравство, финансии и економија.


Во тој контекст некои аналитичари сметаат дека по ова многу работи во светската економија ќе се поместат па тоа може да биде шанса за нашата земја. Треба ли да размислуваме во таа насока, односно да носиме мерки кои ќе осигураат во иднина поинаку да се позиционираме на пазарот?

Пендаровски: Ние, заедно со сите останати, не само што размислуваме, туку притиснати од епидемијата веќе користиме иновативни методи или ја прошируваме апликативноста на постојните, и во бизнисот и во образованието и во делот на владините услуги за граѓаните. Јасно е уште од сега дека дигиталните технологии ќе влегуваат во нашите животи со уште позабрзано темпо, дека процентот на онлајн трговија ќе се зголемува, учењето на далечина и работењето од дома, исто така.

Македонија има потреба да позајмува од надвор, а сега позициите на светскиот пазар се менуваат, изворите на средства се лимитирани. Кои се вашите информации, има ли начин да стасаме до пари, што ќе биде пресудно?

Пендаровски: Експертите велат дека изворите на пари воопшто не се лимитирани, и дека пари во светската економија имало и ќе има доволно. Но, точно е дека просторот за пристап кон евтини пари брзо се намалува, поради ризикот каматите одат нагоре и ако се задолжите денес ќе поминете подобро отколку ако се задолжите утре, бидејќи и најголемите национални економии во светот имаат потреба од кредити, сите позајмуваат пари. Но, во целиот овој контекст, освен брзината во делувањето, клучни се две прашања: добра проценка за обемот на средства што треба да ги позајмите и уште поважно, според кои приоритети и каде да ги насочите, затоа што нема економски сектор кој не е погоден.

Вие сте во дипломатска комуникација, може ли Македонија да очекува помош во кризата од други земји во светот – евентуални донации, но и пари на располагање. ЕУ веќе додели извесен фонд, но сега сите членки се во слична ситуација. А нас ни требаат респиратори, опрема, помош во пари.

Каква е во тој контекст соработката и на регионално ниво?

Пендаровски: Европската унија објективно ни додели најголема помош - 6.5 милиони евра интервентна помош за справување со вирусот и најмалку 50 милиони евра во следните неколку месеци за поддршка на бизнис секторот и на на ранливите категории на населението. Точно е дека во првите денови од пандемијата координацијата во Брисел не беше на потребното ниво, но исто така е точно дека ако се спореди помошта што сме ја добиле однадвор во изминатиот период, Европската Унија е без конкуренција. Проблемот со ЕУ е во тоа што не ја рекламира доволно својата помош, како што тоа го прават некои други и тоа прави дисторзии во реалната слика.  

Да не заборавиме дека откако станавме членка, директна помош добиваме и од НАТО, кој го активираше својот механизам за одговор во кризни ситруации, во чии што рамки им дава комплетна логистичка поддршка на своите членки при траснпортите на медицинска опрема и медицински персонал. Инаку, уште пред да станеме членка, НАТО веќе обучи над 500 лица, вработени во нашите надлежни институции кои учествуваат во справувањето со пандемијата.

На регионално ниво постои соодветна координација, особено во однос на граничните процедури за преминување на одредени категории патници и возила.


Претседателе спомнав и на почетокот, емоции предизвикуваат фотографиите од македонското знаме пред НАТО, датумот за преговори. Вие го доживувате од позиција на претседател на земјата. Како?

Пендаровски: Жал ми е што еден чин како што е зачленувањето во НАТО кое без дилеми е во ранг на референдумот за независност од 1991-та или зачленувањето во ООН во 1993-та, заради актуалната криза не можевме да го одбележиме како што доликува. Инаку, јас посебно емотивно го доживувам сето тоа, затоа што речиси 20 години работам на проблематика поврзана со нашите евро-атлантски интеграции, почнувајќи од советувањето на двајца македонски претседатели за прашања од надворешната политика и безбедноста, се до последната моја административна позиција - национален координатор за НАТО. Многу ми е жал што некои од луѓето со кои заедно работевме за истата кауза повеќе не се меѓу нас, како претседателот Борис Трајковски, кој навистина направи многу на тој план.

Во актуелниот контекст можеби не се размислува многу, но Македонија сега мора да го оди и патот на преговори кон полноправно членство во ЕУ. Кој е капацитетот дома и очекувате ли некои потешкотии?

Пендаровски: Веќе неколку пати во јавноста тоа сум го кажувал, и стојам зад тој став дека ние сме најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ, ако се споредуваат сите земји - кандидати од 1990-тите до денес, во моментот кога го стекнувале тој статус. Нашите преговарачки тимови беа подготвени уште во 2005-та, а поддршката од граѓаните била секогаш огромна.

Сепак, преговарачкиот процес има техничко-административна и политичка страна. Додека во техничкиот дел не очекувам никакви потешкотии, затоа што имаме способни луѓе во администрацијата, во политичкиот дел не можам да исклучам дека во тој долг процес кој ќе трае со години, некоја од постојните земји-членки можеби ќе сака да го направи потежок нашиот пат кон полноправно членство.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Почна кампањата за парламентарните избори, ветувања за подобар живот за граѓаните

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

ВАНКОВСКА: Ќе се заложам за намалување на воениот буџет

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

СТО НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД „ТАЈМ“: На листата се најде Македонката Светлана Мојсов

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО ДО СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ: Решение ќе има после изборите

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

КОВАЧЕВСКИ ЗА ИЗЈАВАТА НА ОСМАНИ ЗА ОТВОРЕН БАЛКАН: Политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

Доживотен затвор за убиената жена во Кочани со 40 убоди со нож

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

ДУИ на симулирана седница ги избра Бујар и Села за претседатели и направи уставни измени

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

СОНК: Иако е период на избори, најверојатно ќе почне генерален штрајк во установите од културата

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?

ГЕСТ ЗА ПРИМЕР И ПОЧИТ! Која фирма за свои сограѓани од Свети Николе ќе даде над 250.000 евра?