Петар Богојески доби отказ во Министерството за одбрана
Објавено во: Македонија 07 Април, 2022
Лидерот на „Македонски концепт“ Петар Богојески доби отказ како државен советник во Mинистерството за одбрана, по покрената дисциплинска постапка против него.
Тој е отпуштен поради споделен линк од портал на фан-страница, а во врска со руско влијание во македонско-бугарскиот спор и во редовите на МПЦ-ОА.
„Информиран сум за изречена мерка - отказ, по дисциплински престап. Во текот на вчерашниот ден имало обид за достава на таа одлука на неовластена адреса, а секако и до мене, но поради отсуство од работа, не е доставена. Ова е школски пример за прогон од власта кон неистомисленици, особено обид да се замолчи опозицијата со недозволени, недемократски средства“, потврди Богојески.
Опозиционерот претходно со друга постапка бил распореден на пониска работна позиција. Вели дека неговите лични политички коментари немале никаква позврзаност со неговиот професионален ангажман во МО или со самото МО.
„Иронијата да биде уште поголема, јас сум обвинет за споделени вести за руско влијание во македонско-бугарските односи и во Македонија, нешто што го потврдија и бугарскиот и македонскиот премиер, но и низа министри и релевантни фактори“, вели Богојески.