07 Мај, 2024
0.0218

Плачот на бизнисмените и економската неизвесност!

Објавено во: Колумни 26 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Ги гледам бизнисмените загрижени. Се редат еден по еден кој погласно да каже дека оваа политичка криза негативно ќе се одрази врз економската иднина на Македонија. Сите истопорени пред камарите, од првата, од втората од третата комора,  демек,  сопствениците на капиталот веќе сериозно биле загрижени. Почнале да бараат чаре затоа што опозициониот лидер се обидел да им ја разбуричка жабокречината во која  тие се навикнале да преживуваат. Но дали е така? Искрено ме чуди каде беа истите овие бизнисмени само неколку месеци, пред да почнат да се фрлаат бомбите? Зарем тогаш имаше поизвесна економска иднина?,  Зарем тогаш беше понормално од сега! Системот си функционираше, работниците си одеа на  работа, директорите си директоруваа, професорите професоруваа, докторите лекуваа и сите си го гледааа гајлето. За жал тоа беше нашата привидна стабилност, навидум се‘ функционира, а во сржта  труло. Не треба многу за да се разбере дека сериозната економска неизвесност е започната уште пред да почне фрлањето на бомбите. Погледајте ги само податоците за   тековите во економските односи на земјата со странство во почетокот на годинава. Опаѓа обемот на размената, и на увозот и на извозот, се намалуваат девизните резерви, расте надворешниот долг, се задолжуваме за да ги враќаме долговите итн. Ама, тоа ти е, сега се појави Заев, почна да ги фрла бомбите и ете ти, го наруши раатот. За чудо, не толку кај главните ѕвезди од телефонските разговори, туку последанава недела индикативно е што реагират бизнисмените и гувернерот. Првите дури сега, после толку години запоставување на домашниот бизнис, почнаа да стравуват за економската иднина, а Гувернерот како надополна ги заплашува и бизнисмните и граѓаните со повисоки каматни стапки. За волја на вистината и бизнисмените и Гувернерот се во право, но, сепак разликата е суштинска. Економската неизвесност не е предизвикана од бомбите, туку заради влечењето на погрешни макроекономски политики, комбинирани со   криминални и коруптивни активности на владејачката структура.  Каматните стапки точно е дека  може да одат нагоре, но, повторно, не поради бомбите на Заев, туку поради моделот на развојот и монетарната стратегија во чија основа е одржување на фиксниот курс на денарот спрема еврото.  Ако се случи пораст, тој ќе биде последица на политиката на одбрана на курсот, а не поради пораст на цените, што е фактор во утврдувањето на висината на каматите (па нели имаме дефлаторни притисоци во економијата). А со порастот на каматите само ќе се влоши проблемот на неликвидноста во реалниот сектор кој е присутен подолг период. Плаќањето на фактурите веќе стана пракса да не биде пократко од  120 дена (за колку што државата треба да ги измирува своите обврски), а ако наплатите за тој период,  треба да бидете и среќни. Оттука, индикативно е каде беа бизнисмените  додека власта им ја врзуваше јамката околу вратот и скоро една деценија ги држеше на конец, а само на мал дел од нив, на оние кои нејзе и‘ беа  блиски  им даваше покомотно да живеат. Од привиден мир    бизмисмените станаа многу грлати против политичката криза во земјата, и тоа во моментите кога  „бомбите“ им го дадоа одговорот на се‘ она што нелогично (неекономски) се случуваше во бизнисот. Исклучително е проѕирен нивниот систем на однесување. Девет години шепотеа и  јавно не се обидуваа да проговорат, да излезат и аргуменитрано да се соочат со  оваа влада и нејзината партиска администрација.  А имаа поводи за еден куп соочувања, преку казните чија висина не превенира  туку уништува, законската регулатива која ни адвокатите неможат да ја следат од честите промени, до воспоставуањето на нерамноправен однос на странските со домашните инвеститори. Нерамномерениот регионален развој, волунтаризамот во трошењето на огромните буџетски средства,   популизмот од невидени размери, се прашања кои не смееја да ги премолчат многу порано, пред да се појават бомбите, од проста причина што тие се вистинските генратори на економската неизвесност. И да не продолжувам со редицата други аномалии од типот на уцени, рекетарство  и како резултат на тој добро разработен систем стравот кој им е влезен во коски кои директно го засегнува бизнис секторот , а на кои им кумуваше оваа влада. Па сите овие елементи се доволно силни за појава не само на економска , политичка туку и безбедносна криза. Има ли поголема криза од тоа да стравувате јавно да им соопштите  што мислите на оние кои се платени со ваши средства? Како не може да видите дека пред вас е исправена влада  која комлетно ја партизира државата и која е „фатена на дело“, со неверојатни незаконитости во вршењето на своите активности . Ако оваа влада  си поднесеше оставка, со цел  да се отвори простор за законско санкционирање на сомневањата за нерегуларностите во вршењето на власта, немаше да има  политичка криза. Очигледно е дека   кризата не ја предизвика опозицијата, таа само ги откри „марифетлуците“ на врхушката во власта.  Затоа имајте во предвид дека оваа политичка криза е почеток за одмотување на клопчето од јажето кое веќе ви е замотано околу вратот. Затоа не губете време да покажете колку сте загрижени за економската иднина, туку ангажирајте се и помогнете им на оние кои  ги обзнанија причините за вашите проблеми, за да заедно со нив, како партнери  стигнете до решението, а потоа, потоа не ја правите истата грешка со следните што ќе дојдат. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина