Платите пониски за 100 до 200 денари оваа година?
Објавено во: Економија 01 Јануари, 2019
Дали платите во 2019 година ќе бидат пониски за 100 до 200 денари поради зголемувањето на стапката на придонесот за пензиско и здравствено осигурување од почетокот на годинава? Јануарската плата ќе се пресметува со повисока стапка за 0,5 отсто во споредба со претходниот месец и бидејќи кај нас се применува моделот на исплата на бруто плата, сите вработени од идната година би требало да примаат пониска нето плата за овие 100- 200 денари, односно нето платата е тоа што ќе остане откако од бруто платата ќе се издвојат сите придонеси и задршки на вработениот.
Работодаачите смируваат, велат дека тие ќе ја покријат оваа разлика, со цел платите на работниците да останат непроменети.
- Како дел од Социјалниот совет, заедно со Владата и Синдикатот, дадовме подршка за оваа реформа. Прво, затоа што пензискиот фонд навистина е во катастрофална состојба и мора да го поставиме на стабилна основа бидејќи еден ден сите ќе бидеме пензионери. Втората причина е тоа што Владата беше внимателна при законската измена и не отиде со висока стапка туку само со 0,5 отсто. Овој процент не треба да е проблем и преголем финансиски товар за работодавците да го покријат од сопствени извори- вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Останува да видиме дали сите работодавачи ќе го почитуваат овој договор.