ПОБРЗАЈТЕ ВО УЈП: За оваа обврска ќе чекаат најмногу два месеци
Објавено во: Економија 31 Октомври, 2018
На даночните обврзници им остануваат уште 2 месеци да се регистрираат во системот на е-Персонален данок.
Управата за јавни приходи од 1 јануари 2019 година ќе изготвува пополнета Годишна даночна пријава за сите граѓани – физички лица кои оствариле приходи во текот на 2018 година.
Ова е во согласност со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход.
За да може УЈП да достави пополнета Годишна даночна пријава на увид на граѓаните преку системот https://e-pdd.ujp.gov.mk/, како и за да можат граѓаните да ја исполнат својата законска обврска – да ја потврдат точноста или да ги коригираат податоците од пополнетата Годишна даночна пријава преку системот https://e-pdd.ujp.gov.mk/ најдоцна до 31 мај 2019 година, потребно е навреме да се регистрираат на системот е-Персонален данок https://e-pdd.ujp.gov.mk/.
Обврска за регистрација во системот е-Персонален данок има секое физичко лице кое годинава имало приходи по било кој основ (плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, од добивки од игри на среќа, од странство и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход), заради прием на пополнетета Годишна даночна пријава (ПДД-ГДП) од УЈП, како и заради потврдување или коригирање на податоците за приходите и платениот персонален данок.
Преку исполнување на оваа обврска граѓаните ќе имаат можност преку системот e-pdd.ujp.gov.mk да проверат дали приходите кои ги оствариле се соодветни во однос на искажаните од исплатувачите. Со ова ќе се спречи евентуална злоупотреба во врска со нивните лични податоци и примања.
УЈП апелира до граѓаните навремено да ја исполнат својата обврска за регистрација на https://e-pdd.ujp.gov.mk/, за да може од 1 јануари 2019 година секој граѓанин да има увид во пополнетата Годишна даночна пријава која ќе ја издава УЈП.
Се очекува до крајот на оваа година во системот е-Персонален данок да се регистрираат над 400 илјади граѓани.Инаку, вчера ракометарите на битолскиот ракометен клуб Еурофарм Работник со внесување на своите лични податоци се регистрираа во системот за е-Персонален данок.
Не се знае како пензионерите ќе се снајдат со оваа обврска.