30 Април, 2024
0.0277

Почнува борба за територии во Сирија!

Објавено во: Колумни 13 Ноември, 2015

Добивај вести на Viber

Наредниве денови меѓународната јавност има да се изнаслуша за Сирија и се што се случува и ќе се случува, во и околу неа. Утре во Виена ќе се одржи најавената, од пред две недели, средба на „Групата за поддршка на Сирија“, на ниво на министри за надворешни работи. Во недела во Анталија ќе се соберат лидерите на Г-20. И додека политичарите се подготвуваат за разговори и преговори, од нивни изјави во предвечеритето на овие собири станува јасно дека веќе се подготвува борба за територии во Сирија. Вчера американскиот министер за надворешни работи , Џон Кери, зборуваше на Мировниот институт во Вашингтон и според она што го изјави може да се заклучи дека решавањето на сириската криза ќе зависи од тоа, кој ја контролира територијата, читај државата. Кери, според агенциски извештаи, изјавил дека е „ Јасно дека шансата за успех на дипломатијата зависи, меѓу другото, од способноста да се влијае врз ситуацијата, од контролата на територијата, од мислењата во однос на тоа, кој добива и кој победува. Затоа важни се сведоштвата што се појавуваат во Ирак и Сирија во прилог на тоа дека ИД може да се победи, дури да се разбие, ако со неа се бори по пат на ефикасна комбинација од авионски удари од страна на американската коалиција и ефикасните локални партнери.“ Значи, некои работи веќе се подготвени и битката против ИД всушност ќе биде и битка за територии, пред се во Сирија. Зашто „шансата за успех на дипломатијата“ се однесува на таа држава, а не на Ирак, за кој не се водат воопшто никакви разговори или преговори. Ваквиот развој на настаните, се чини е американскиот одговор на руското ангажирање со воена сила во Сирија. И сега ќе се водат битки меѓу  спротивставените страни во Сирија кој ќе освои поголема територија и ќе ја стави под своја контрола. Битно е од кого ќе треба да се земе територија. ИД има големи простори под своја контрола, но таму има малку население. Силите на претседателот на Сирија, Башар ал Асад, контролират територија на западот и северозападот од државата, додека опозиционите сили на власта во Сирија се расфрлани некаде меѓу териториите контролирани од ИД и сириската армија. На северот и североистокот се Курдите, кои постепено освојуваат делови контролирани од ИД. Дали има шанси на успех ваквиот приод кон решавањето на ситуацијата во Сирија? Секако. Но што ќе биде после тоа кога ќе се уништат силите на ИД? А за тоа ќе бидат потребни не месеци, можеби и повеќе од година или години. Станува збор не само за Сирија. Тука е и Ирак. Одговорот на последното поставено прашање можеби ќе се знае во недела наутро. Реално е да се очекува во Виена да има тешки и долготрајни разговори за Сирија. Дотолку повеќе што на дневен ред ќе биде идното уредување на државата, нов устав, а секако и определувањето на вистински претставници на опозицијата, кои на некоја наредна средба во Виена би седнале со преставниците на Асад и би преговарале за иднината на нивната земја. Русите бараат прашањето за иднината на Асад во Виена да биде ставено во „загради“, со оглед на тоа што неговата иднина учесниците на виенската средба ја гледаат од дијаметрално спротивставени позиции. Да речеме Русија и Сирија, наспроти Саудиска Арабија и Турција. САД и Велика Британија последниве месеци веќе ги променија своите цврсти ставови за судбината на Асад и се наоѓаат некаде на средината межу двете дијаметрално спротивставени страни. Тоа го потврди Џон Кери вчера во Мировниот институт во Вашингтон кога изјави дека „Иднината на Асад и неговта улога се уште не се определени, ние тоа го признаваме.“ Но САД и натаму настојуваат тој да замине, бидејќи, меѓу другото, Асад е „магнет за терористи“, а според Кери и политиката што ја спроведува Асад е директно поврзана со распространувањето на ИД во регионот! Кога сме кај Асад, Ројтерс деновиве објави наводен план на Русија кој вклучува подготовка на нов Устав на Сирија во наредните 18 месеци и претседателски избори. Притоа не се зборува за никаква оставка на Асад, но се бара тој да не врши притисок врз процесот на државните промени. Најавата на Ројтерс беше енергично демантирана од страна на руското МНР. Наводно немало никакви документи за таа работа. За расправа за уставни реформи во Сирија најави дојдоа и од САД. Претставникот на Стејтдепартментот, Марк Тонер во средата изјави дека идејата за нив ќе биде една од темкте за дискусија во Виена. Сигурно има нешто подготвено во кујната на руското министерство за надворешни работи. Но капакот ќе биде отворен во Виена, па таму присутните ќе видат и ќе помирисаат што е зготвено во Москва. Сепак, многу е побитно што ќе однесат од Виена во Анталија Џон Кери и Сергеј Лавров кај своите претседатели, Барак Обама и Владимир Путин. По разните соопштенија, де ќе има средба меѓу двата светски лидера, де ќе нема, станува извесно дека тие сепак и таму ќе се сретнат, по средбата што ја имаа во Њујорк на Генералното собрание на ОН. Помошникот на Обама за национална безбедност, Сузан Рајс, вчера изјави дека официјална средба меѓу нив ќе нема, но има можност за директна дискусија меѓу нив. Таа исто така не исклучува можност двајцата да се сретнат и во Париз на 30 ноември кога ќе се одржи Светскиот самиот за климатски промени. Сето ова значи дека до крајот на месецов можат да се очекуваат интензивни разговори меѓу двете велесили околу Сирија. Веројатно тие претпоставуваат дека до тогаш ќе има опипливи резултати од преговорите што се водат во главниот град на Австрија. Можеби ќе има уште една средба во Виена пред 30 ноември. Не треба да се исклучи дека во Сирија може да биде прогласено примирје и сите сили на проамериканските и проруските настроени Сиријци да бидат насочени во борба против ИД. Можеби тоа ќе биде и најдобриот расплет за граѓанската војна која што сега се води во Сирија. А потоа, по победата над ИД, да почнат вистинските преговори меѓу самите Сиријци за иднината на нивната земја.А дотогаш? Веројатно ќе се тепаат меѓу себе за да стават што повеќе територии под своја контрола. Зашто оној кој контролира пвеќе територија, тој ќе има и посилни адути во некои идни преговори. Мирче Адамчевски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД