14 Мај, 2024
0.0330

Погледот и прстот на Moneyval вперени кон Босна и Херцеговина

Објавено во: Колумни 04 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Комитетот на експерти на Советот на Европа за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот (MONEYVAL) на 01 јуни 2014 година издаде јавно соопштение со кое ги повика сите земји членки на MONEYVAL, но и сите други земји да побараат од нивните финансиски институции спроведување на засилена анализа врз трансакциите со клиенти од Босна и Херцеговина.

Оваа мерка на MONEYVAL значи дека сите клиенти од Босна и Херцеговина и сите трансакции кои доаѓаат од или се насочени кон оваа земја ќе бидат предмет на посебен надзор со цел да се избегне ризикот од перење пари и финансирање на тероризмот.  Со ваквата мерка Босна и Херцеговина се наоѓа само на еден чекор до нејзино ставање на „црната листа“ на FATF (Financial Action Task Force – тело на групата Г-7) каде што моментално се наоѓаат Северна Кореја и Иран. Од април 2011 година до април 2014 година MONEYVAL бараше од Босна и Херцеговина да преземе конкретни мерки со цел да се надминат констатираните слабости. Тие конкретни мерки значеа донесување на нов Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот, како и измени и дополнувања на Кривичниот закон на Босна и Херцеговина. Поради неодговорниот однос на политичарите од оваа земја, соодветната законска регулатива не беше донесена во рокот поставен од страна на MONEYVAL, така што Босна и Херцеговина се најде во многу незавидна ситуација кога се во прашање финансиските трансакции. Врз основа на мерката на MONEYVAL од 01 јуни 2014 година, сите финансиски институции во светот се обврзани при работењето со клиентите од Босна и Херцеговина да направат дополнителни проверки дали работењето на овие клиенти и нивните трансакции се легални или пак, средствата се наменети за криминални активности во вид на перење пари и финансирање на тероризмот. Дополнителните проверки од страна на финансиските институции, секако ќе значат и дополнително оптоварување за извозниците и увозниците во Босна и Херцеговина. Тие ќе бидат принудени при секоја трансакција да го докажуваат потеклото на своите парични средства. Тоа ќе доведе до поскапување и до забавување на трансакциите кои ги извршуваат клиентите од Босна и Херцеговина, како и на трансакциите кои се насочени кон овие субјекти. Покрај директното влијание врз клиентите од Босна и Херцеговина и нивните трансакции, мерката на MONEYVAL може исклучително негативно да се одрази врз странските инвестиции во оваа земја. Ниту еден инвеститор нема да сака да ги насочи своите пари во земја која е етикетирана од страна на меѓународната заедница како средина која не презема соодветни мерки во борбата со перењето пари и финансирањето на тероризмот. Понатаму, ако се има во предвид дека меѓународните институции тесно соработуваат помеѓу себе, новонастанатата ситуација може да има негативно влијание врз кредитниот рејтинг на Босна и Херцеговина, финансиската стабилност на нејзините кредитни институции итн. Што може да се очекува после оваа мерка на MONEYVAL? Ситуацијата е лоша сама по себе, но ќе се влоши дополнително ако FATF на претстојната седница на 15 јуни навистина ја стави Босна и Херцеговина на „црна листа“, односно ја стави во ист кош со Иран и Северна Кореја. Земјата која што само пред неколку недели се соочуваше со катастрофални поплави и на која очајно и е потребна финансиска помош, нема да може да се соочи со евентуални санкции. Во моментов Босна и Херцеговина е во трка со времето. Постои најава дека новиот Закон за спречување на перење пари и измените на Кривичниот закон ќе бидат усвоени на 06 јуни. Со тоа оваа земја се надева дека ќе го избегне нејзиното класифицирање на „црната листа“ на FATF, а со тоа ќе се избегнат и катастрофалните последици. Останува да се надеваме дека политичарите на оваа земја буквално во „дванаесет и пат“ ќе најдат доблест и мудрост да ги изгласаат потребните измени во регулативата. Меѓутоа, таквите измени нема по автоматизам да ја повлечат мерката на MONEYVAL. Тоа може да се случи дури на следната пленарна седница на ова тело, а таа е закажана за септември. Дотогаш следува едно „жешко лето“ за Босна и Херцеговина кога е во прашање борбата со перењето пари.  д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка