28 Април, 2024
0.0272

Погребот на високото образование

Објавено во: Колумни 23 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Бог да го прости високото образование, високото образование неславно загина, неславно загина од импровизатори во Македонија. Вака некако би изгледала препеана песната „Бог да го прости Миле Поп Јорданов“, која прво ми падна на ум кога се случи срамниот чин на изгласување на новиот закон за високо образование. Но има една квалитативна разлика во стиховите - јунакот во народната песна славно загинал за идеалот и за слободата на својата татковина, а во импровизираните стихови кои јас ги смислив загинува столбот на образовниот процес, високото образование - кое треба да продуцира авангарда, мислечки ум, творци и дејци кои ќе бидат носители на идни прогресивни дејанија во Македонија. Наспроти тоа се погребува и се фрлаат лопати врз нешто што значи ум, прогрес, просперитет и тоа од оние кои во името на „повисоки добра и повисоки цели“ се колнат во патриотизмот. Кои повиоски цели и добра, господа патриоти, колку за ваше знаење патриотизмот не се кажува тој се докажува и покажува, а повисоките цели и добра треба да значат бенефит за мнозинството, прогрес и просперитет, а во овој случај значат затворање, гушење на индивидуализмот и демократијата и урнисување на кревката автономија. Никако не сум за реформи кои нудат импровизации      За реформи сум говорела многупати и сега само на кратко ќе појаснам: прва сум за реформи кои ќе донесат просперитет, повисок стандард, ќе унапредат научни истражувања, ќе вклучат студенти во праксата кои подоцна врз основа на истата ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот, реформи кои ќе значат чекор напред и одење во чекор со европските образовни програми. Но, никако не сум за реформи кои нудат импровизации и уништување на кревкото квалитетно универзитетско ткиво кое и сега едвај егзистира и дише на шкрги. Ниту една кауза не смее да биде пред професионалната А за колегите кои ревносно, но без јаки аргументи и запењавени застанаа на браникот на новиот закон за високо образование немам што посебно да додадам освен следново: дел од нив ми се добри пријатели, но за жал други приоритети им биле пред професионалните и отткука мојата почит кон нив како другари останува, но како колеги исчезнува. Ниту една кауза не смее да биде пред професионалната. Искрено, среќа што имам добар желудник и што можам да ги сварам сите блувотини и небулози искажани од првите одбранбени перјаници. Слушајќи ги нив, остана да ми лебди прашањето која морална хипокризија, па дури ќе се изразам и со речникот Барик морална патологија кај нив постои - се колнат во морален кредибилитет и морална чистост, а заработуваат во сфери кои најмалку се во нивните области и истите уште себеси се наградуваат со дополнителни награди од комисии чии членови се - морално дно. П.С 1 - Претседателе ме разочаравте Претседателе ме разочаравте. Соработувајќи со вас последниве години на значајни проекти имав позитивно искуство и позитивно мислење и честопати ги носев на плеќи коментарите кои ве критикуваа, убедувајќи ги другите дека вие сте пред се човек кој цени работи кои значат јакнење на колективниот дух и колективните вредности. Дури и во масовните медиуми сум го потенцирала вашиот интерес и добробит за повисоките цели. Со потписот кој го ставивте на законот за високо образование кај мене го урнисавте мислењето дека доблеста е вредност која е високо во вашиот вредносен дискурс. Покажавте и докажавте дека партиското ви е пред професионалното. П.С 2 Пленумци студентски и професорски - борбата продолжува одиме понатаму. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД