28 Април, 2024
0.0295

Политичката криза и импликациите врз економијата

Објавено во: Колумни 28 Април, 2014

Добивај вести на Viber

По најавите на дел од опозиционите партии дека не ги признаваат изборните резултати од претседателските и парламентарните избори дефинитивно на повидок е почеток на политичка криза во Македонија. Брзината на нејзиното решавање ќе зависи од многу фактори , но пред се од вољата и на едните и на другите да се справат со проблемите кои самите ги произведоа. Повеќе од јасно е дека за ваквиот расплет од вчерашните избори кои за едни е логичен след на настаните, а за другите преседан од невидени размери вината мора да се бара кај политичките елити (власт и опозиција). Едните како директни контролори на институциите кои имаат силно влијание врз начинот на спроведување на изборниот процес, а другите како политичка сила која доколку сметаше дека ќе се појават проблеми од ваков тип (кои силно ќе влијаат на изборниот резултат) требаше да предупреди многу порано, па дури и да не прифати одржување на избори се додека не се обезбедат сите законски и инстититуционални предуслови изборниот процес да го рефлектира вистинското расположение на електоратот. Сега вака,  сигурно е дека ќе претстојат ангажирања да се докажуваат односно оспоруваат причините за непризнавањето (закани, уцени, купување на гласови и тн.), веројатно и пред претставници од меѓународната заедница. Се работи за прашање кое што поскоро мора да биде одговорено за тоа што секое пролонгирање на неговото решавање ги десеткува силите кои треба да се насочат кон барањето на подобри решенија во остварувањето на дадените ветувања во предизборната кампања. Впрочем, од денеска па се до решавањето на политичката криза ветувањата веќе се ставени во втор план, а за воља на вистината токму од  нив зависи дали ќе се тргне во насока на пресврт во развојот, со цел Македонија да биде попристојно место за живеење, бидејќи во кампањата тоа го посакаа и владејачките и опозиционите партии. Факт е, меѓутоа, дека ниеден претендент за власта не остави „пишан доказ“ (оценка) колку целосното остварување на нивните ветувања ќе го подобри животниот стандард на населението и каде ќе се најде земјата во однос на земјите на Европската унија кон која се стремиме да се приклучиме (претпоставка е да обезбедиме внатрешна и надворешна рамнотежа во економијата). Без тоа, теоретски е можно да се реализираат сите проекти, а ефектите да не резултираат во подобрување на состојбите во животниот стандард на наслението и во приближувањето кон ЕУ. Протагонистите презентираа колку ќе чинат определени проекти, но не се „даде сметка“ колку се тие економски оправдани било во смисла на нивната профитабилност било во смисла на задоволување на елементарните потреби на населението. Може само да претпоставуваме какви ќе бидат ефектите на одделни проекти, но, не ќе може да се контролираат „понудувачите“ во нивната реализација. Заради остварување на „целта“ (изведување на определени проеки), можно е корегирање на средствата во обем што ќе го загрози остварувањето на други проекти, односно влошување на економијата на предложените програми за развој. Да не забораваме дека социјалистичките економии, меѓу другото, пропаднаа и поради  нерационално трошење на домашната и дополнителната странска акумулација, а не може да се негира дека не се градеше доволно. На помалку или повеќе  добро „спакуваните ветувања“  нема што да им се забележи. Во нив секој гласач може да си го најде својот интерес. Но, не се даде одговор на клучни економски прашања кои силно влијаат врз економскиот развој. Не се спомна колку е реално дел од даноците да се намалуваат, а ветувањата на сметка на буџетската потрошувачка да растат? Како е можно (освен волунтаристички) платите, пензиите и надокнадите за социјално загрозените категории население да растат со повисока стапка на раст од планираниот БДП (освен номинално, поради повисок пораст на цените, или со прераспределба на постојната буџетска потрошувачка, на сметка на капиталните инвестиции, што е неповолно за очекуваниот развој)? Може ли да се очекува во секоја од наредните години преку странските директни инвестиции да се вработуваат до 10.000 невработени како што се најавува за годинава? Поточно, може ли да се очекува и остварува одржлив развој заснован доминантно врз странски директни инвестиции, односно без промена на условите за инвестирање за домашните инвеститори? И тн. Без одговори на овие прашања  не може да се склопи мозаикот на она што навистина можеме да очекуваме во развојот во наредниот период. Само да потсетам на нерешените должничко- доверителски односи меѓу стопанските субјекти во земјата. Колку е реално само преку законот за финансиска дисциплина кој стапува во сила од наредниот месец да се очекува да се надмине проблемот со огромните износи на меѓусебни побарувања (две третини од БДП). Има ли решенија за последиците од неговото доследно спроведување? И по многу реформи во правосудниот систем, перцепцијата за неговата ефикасност и непристрасност е се’уште неповолна и тоа, и од страна на странските инвеститори. Да не зборуваме за домашните. На овие пунктови мора да се направи сериозен пробив. Се разбира, покрај неопходната селекција на проектите низ призмата на нивната економска и општествена оправданост. Да не ни се случи и покрај многуте изведени проекти да зборуваме за „лет во место“. А за тоа, неопходно е пред се што побрзо да се надмине политичката криза, затоа што пак  и „ летот во место“ многу лесно може да се трансформира во „слободен пад“ . Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД