16 Мај, 2024
0.0270

Политички сојуз меѓу Русија и Кина

Објавено во: Колумни 14 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Очите на меѓународната јавност се свртени кон она што се случува во и околу Украина. „Хистерија“ од страна на Американците и Британците или пак ќе има „инвазија“ од страна на Русите. Русија, засега, без ниту еден истрелан куршум ги протера од Украина, дипломатите, странците, а што е интересно и украинските олигарси, кои не му веруваат на претседателот Владимир Зеленски. Последниве со чартери и приватни авиони заминуваат на „сигурно“. 

Во моментов додека го читате ова можеби Русите влегле во Украина, или пак тоа ќе го направат, утре или пак во среда(среќно) на 16 фебруари, како што напиша „Политико“, повикувајќи се на официјални извори. Тој датум, наводно го спомнал претседателот Џо Бајден в разговор со лидерите од ЕУ и НАТО. А можеби и на крајот од Олимпијадата, за да не му го скрати претседателот Владимир Путин, порано, задоволството на претседателот на Кина Ши Џинпинг. Или пак во март. Или, или...Како и да е, кога и да е психолошката војна продолжува. Лаги, вистини, недостига уште епруветата на Колин Пауел во СБ на Обединетите нации. Дипломатскиот десант во Москва продолжува. Французи, Британци, утре Германци. Во меѓувреме руско-американски телефонски разговори, за да си ги потврдат ставовите. А Украинците? Нив никој не ги есапи. Да, им даваат со тони оружје. Но тие се предоредени да одат на гибел. Белким ќе нема војна.

Во целата горна папазјанија, некако незабележано помина создавање на политичкиот сојуз на Русија со Кина. Претседателите на двете земји се сретнаа на отворањето на Зимските олимписи игри. Илјадници километри прелета Путин за да дојде во Пекинг на еден ден. Игрите се отворија, но што е поважно за односите меѓу Кина и Русија, тие издадоа заедничка изјава, која е уште едно ниво погоре во меѓусебната соработка. Останува уште создавањето на воен сојуз!

ДЕМОКРАТИЈА СО ШАБЛОНИ

Изјавата беше објавена на неполна недела пред 15 годишниот јубилеј на Минхенската реч на Владимир Путин, искажана на 10 фебруари 2007 година. Учесниците беа шашардисани од отвореноста и искресноста на Путин. Во смисла „Знае ли овој што зборува  и со што ни се заканува?“ Многумина речта ја означија како најава на нова студена војна. А Путин зборуваше за надворешната политика и безбедноста. Ги обвини САД за светска доминација, за спроведување на нивнте интереси користејќи го т.н.„еднополарен свет“. Го спомна ширењето на НАТО како фактор кој провоцира прашувајќи:„ До каде ќе одите?“. Оттогаш наваму работите се променија. Русија интервенираше во Грузија по нападот на грузинските сили на мировниците во Јужна Осетија, Го присоедини Крим, по пучот поддржан од САД во Украина, им помогна на сепаратистите во Донбас. Путин го правеше она што го најави. Ги наметна руските интереси.

Така беше и во Сирија. Руската надворешна и одбранбена политика во тој период беа ефикасни. Не останува незабележана и соработката меѓу Кина и Русија. Нивните заеднички воени маневри во Русија и заедничкото патролирање над Источно Кинеското море. Расте и економската соработка. А се зацврстува и личното пријателство меѓу Путин и Џинпинг. Тие досега имале околу 30 средби. Иднината на односите се предвидува да биде соочена со сериозни предизвици. Како причина за нив. во прв ред се претпоставува дека може да биде асиметријата, во трговската соработка,  и се позабележлива во воената сфера, вселената, сајбер просторот и во областа на вештачката интелигенција.

Изјавата од Пекинг е преплетена со содржините на Минхенската реч. И денес кога се разговара или кога се даваат изјави одново се слуша ехото на путиновите зборови во Минхен. За 15 години од игнорирање на Русија, работите еволуираа и се дојде да се разговара за нивната содржина. А мора ли да се разговара земајќи ја Украина во заложништво? Под закани од „инвазија“ и „хистерија“ од неа. Заедничката изјава на Русија и Кина за меѓународните односи, кои влегуваат во нова епоха и за глобален стабилен развој, така е официјалниот наслов на документот од десетина страници. Па во него ќе прочитате: „Некои сили, кои претставуваат малцинство на светската сцена продолжуваат да застапуваат еднострани пристапи за решавање на меѓународните проблеми и прибегнуваат кон политика на сила, практикуваат мешање во внатрешните работи на други држави, нанесувајќи штета на нивните легитимни права и интереси..“ Алузијата е очигледна на Американците. Двете страни се едногласни дека демократијата е универзална човечка вредност, а не привилегија на отдделни држави, нејзината промоција и заштита е заедничка задача на целата светска заедница. Според нив „ Демократијата не се гради со шаблони. Во зависност од општествено-политичката структура, историјата, традициите и културните карактеристики на одредена држава, нејзиниот народ има право да избере такви форми и методи за спроведување на демократијата што одговараат на спецификите на таа држава. Правото да суди дали една држава е демократска му припаѓа само на нејзиниот народ“.

ФУНДАМЕНТАЛНИ ИНТЕРЕСИ

„Обидите на поединечните држави да ги наметнат своите „демократски стандарди“ на други земји, да си го присвојат монополското право да го проценат нивото на усогласеност со критериумите на демократијата, да повлечат линии на поделба по идеолошки основи, вклучително и преку создавање на тесни блокови и ситуациони сојузи, всушност се пример за газење на демократијата и отстапување од нејзиниот дух и вистински вредности. Ваквите обиди да се дејствува како хегемон претставуваат сериозна закана за глобалниот и регионалниот мир и стабилност и ја поткопуваат стабилноста на светскиот поредок“, се вели во Изјавата. И Русија и Кина се уверени дека заштитата на демократијата и човековите права не треба да се користат како алатка за притисок врз другите земји. Тие се против злоупотребата на демократските вредности, мешањето во внатрешните работи на суверените држави под изговор за заштита на демократијата и човековите права, како и обидите да се предизвика раскол и конфронтација во светот. Затоа ја повикуваат меѓународната заедница да ја почитува различноста на културите и цивилизациите, правото на народите од различни земји на самоопределување

Русија и Кина се длабоко загрижени за сериозните предизвици на полето на меѓународната безбедност и поаѓаат од фактот дека судбините на народите на сите земји се меѓусебно поврзани. Ниту една држава не може ниту треба да ја обезбеди својата безбедност изолирана од безбедноста на целиот свет и на сметка на безбедноста на другите држави. Ова е она што го бара Русија во писмата до САД и НАТО. Според нив, меѓународната заедница мора да земе активно учество во глобалното владеење во интерес на обезбедување универзална, сеопфатна, неделива и одржлива безбедност. Двете страни ја потврдуваат својата цврста меѓусебна поддршка во заштитата на нивните фундаментални интереси, државниот суверенитет и територијалниот интегритет и се спротивставуваат на мешањето на надворешни сили во нивните внатрешни работи.

Кина дава голема поддршка на Русија во спорот околу НАТО. Па во Изјавата се вели дека: „Двете страни се противат на натамошното проширување на НАТО, ја повикуваат Северноатлантската алијанса да се откаже од идеолошките пристапи од ерата на Студената војна, да го почитува суверенитетот, безбедноста и интересите на другите земји, различноста на нивните цивилизациски и културни и историски наследства и да го третира мирниот развој на другите држави објективно и правично...“ Исто така тие се сериозно загрижени за создавањето од страна на САД, Обединетото Кралство и Австралија (AUKUS) на „триаголно безбедносно партнерство“, кое предвидува продлабочување на соработката меѓу неговите учесници во областите кои влијаат на стратешката стабилност, особено нивната одлука да започнат соработка во поле на нуклеарни подморници. Русија и Кина веруваат дека таквите акции се спротивни на целите за обезбедување безбедност и одржлив развој на азиско-пацифичкиот регион, го зголемуваат ризикот од започнување на трка во вооружување во регионот и создаваат сериозни ризици од ширење на нуклеарното оружје.

ПРИЈАТЕЛСТВО БЕЗ ГРАНИЦИ

Русија и Кина, исто така, сметаат дека тие се пример за односи меѓу државите. Па велат дека се :„ залагаат за формирање на нов тип на односи меѓу светските сили засновани на меѓусебно почитување, мирен соживот и заемно корисна соработка. Тие потврдуваат дека руско-кинеските меѓудржавни односи од нов тип се супериорни во однос на воено-политичките сојузи од времето на Студената војна. Пријателството меѓу двете држави нема граници, нема забранети зони во соработка, зајакнувањето на билатералната стратешка соработка не е насочено против трети земји, не е под влијание на променливото меѓународно опкружување и ситуационите промени во трети земји“. Ова ќе боде очи на многумина.

Конечно и една интересна новина. Двете земји имаат намера да развијат соработка во рамките на форматот „Русија-Индија-Кина“(!), како и да ја зајакнат интеракцијата на места како што се самитот во Источна Азија, Регионалниот форум за безбедност на АСЕАН, состанокот на министрите за одбрана на АСЕАН. Земји-членки и партнери во дијалогот. Русија и Кина ја поддржуваат централната улога на АСЕАН во развојот на соработката во Источна Азија,па токму затоа имаат намера да продолжат да работат во интерес на зајакнување на улогата на АСЕАН како клучен елемент на регионалната архитектура. Интересно е ставањето на Индија во триаголникот со Русија и Кина. Од причина што кинеско-индиските односи не се баш најсјајни. Има дури и конфликти воени меѓу нив. Веројатно ова не е случајно. Или само желба на Русија и Кина. Изјавата е документ кој сигурно е подготвуван подолго време. А не денот кога Путин дојде во Пекинг. Можеби имало некаков сигнал и од Индија.

Документот од Пекинг е предизвик, пред се’, за САД, а и за нивните сојузници-НАТО. „Станува збор за ветување дека еден до друг Кина и Русија ќе се спротивстават на Америка  и Западот, како во идеолошки, така и во воените односи, вели Роберт Дејли, директор на Институтот Кисинџер, за американско-кинески односи, во изјава за „Њујоркер“. „И тоа е дадено во момент кога има напнатост на границата на Русија со Европа и агресија на Кина во однос на Тајван..,“вели Дејли.  За него Изјавата е најобмислена демонстрација на солидарност за целата историја на односите на Кина со Русија. Таму освен безбедноста има предвидено заедничко истражување на вселената, па се зборува за климатските промени, па за Интернетот и вештачката интелигенција. Нема веќе „универзален тип демократија“. А за успешна демократија се прогласуваат двете форми на автократско владеење, смета Дејли.

НИШТО НОВО

Западните дипломати сигурно ќе го анализираат документот. За Анџела Стент, експерт за Русија, која работела во Националниот совет за разузнавање, Изјавата е „целосно во стилот на Орвел“ и тоа е преломен момент кога Русија и Кина ја предизвикуваат рамнотежата на силите , која во текот на три децении, од завршувањето на студената војна, го определуваше светскиот поредок“. Таа смета дека сме на прагот на нова ера, бидејќи односите на Русија и Кина со Западот се влошуваат Па Вашингтон и неговите клучни сојузници ќе се најдат во ужасна положба. „Што и да правиме со цел да се спротивставиме на дејствата на Русија, таа се посилно ќе се потпира врз Кина“, вели Стент.

За Џо Бајден Изјавата на Русија и Кина не е ништо ново. Џејк Саливен, советникот на Бајден за национална безбедност, и се закани на Кина. „Ако таа даде зелено светло...за „влегување“ на Русија  во Украина, тогаш таа, на крајот од краиштата , ќе се судри со последици и промени на односот на меѓународната заедница кон неа, изјави Саливен. Според него посебно ќе се промени односот на европските партнери. Тој смета дека Кина не може да ги компензира економските загуби на Русија од санкции во случај на влегување во Улраина. Џозеп Борел, задолжен за надворешна политика во ЕУ, смета дека сега „ нема спротивставување меѓу демократија и комунизам, туку меѓу демократија и авторитарни режими, како што се Русија и Кина“. Според него „заедничката изјава на Кина и Русија, која беше малку забележана(на Запад) поради ситуацијата во Украина може да стане основа за силна алијанса меѓу два авторитарни режими“. Шведски „Афтонбладет“ пак, смета дека во светот ќе има нов крал. Алудирајќи на Кина. И дека ќе се формира нов повеќеполарен светски поредок.

Изјавата на двете земји на прв поглед е сеопфатна. Но има еден голем недостиг. Во неа ја нема, не се споменува Украина. Можеби провејува, но ја нема. Очигледно Кина не сака да игра на карта на целосно раскинување на односите со Украина. Дотолку повеќе што двете земји имаат нерешени прашања од неколку милијарди долари, поради кои Кина ја тужи Украина. Кина не сака да предизвика и тешкотии на односите со земјите од ЕУ. Во прашање може да биде и стоковната размена, но и увозот на високи технологии од Европа.За Путин ова и не претставува никаков повод за незадоволсво од стратешкиот партнер. За него Украина е многу помалку важна од гаранциите за безбедност што сака да ги добие од САД И НАТО. А тоа  на некој начин е вклучено во документот.

Епилогот од сегашната затегната ситуација во Европа ќе покаже какво влијание има политичкиот сојуз меѓу Кина и Русија врз иднината на нивните желби и декларации. Но дека се’ нема да биде исто, како и досега, тоа е повеќе од јасно. Тежината на Русија и на Кина во моментов во светот е избалансирана. Кога, тогај тасот ќе тргне надолу или нагоре, на една страна. А САД тоа го чекаат. За да можат да кокетираат со давање поддршка на едните или другите. Се’ со цел сојузот меѓу Кина и Русија да не се реализира на терен. Но не секогаш есапот дома и на пазар бил ист.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка